Прашањето е дали стипендијата е за постигнатиот успех на светска олимпијада или за тоа дали е основец или средношколец? На светските олимпијади може да учествува секој што не е студент и има до 20 години (на некои до 19) – вели Никица Давкова, мајка на 9. одделенецот Дамјан Давков
Дамјан Давков од Штип кој од септември ќе биде 9. одделение, а минатата недела стана најмладиот Европеец кој освоил медал во 62-годишната историја на Интернационалната математичка олимпијада (ИМО) не може да конкурира на повикот за Министерството за образование и наука и да добива парична награда во тек на 12 месеци, затоа што е помал од тоа што предвидуваат законите. Иако Дамјан оствари најдобар пласман од шестемина претставници на Македонија на ИМО2021 и освои сребро, натпреварувачите што освоија бронзени медали ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсот, затоа што се средношколци. Дамјан Давков е основец и по таа основа не ги исполнува условите да се пријави на јавниот повик.
Умно.мк се обрати до МОН со неколку конкретни прашања поврзани со успесите на тимот на ИМО 2021. Прашавме кои медалисти можат да се пријават на повикот што е отворен до 31 август, дали важи и за ментори кои се универзитетски професори и најважното – како најталентираниот меѓу учениците ќе го оствари правото на едногодишна награда како медалист? Добивме опширна информација за „заложбите на МОН да креира нови и да ги унапредува постојните политики за поддршка на талентираните ученици“, но ниту еден одговор на поставените праша. Во очекување на одговорите го образложуваме проблемот со спорниот член во Законот за средно образование.

За овој проблем медиумите пишуваат подолго време. Според ЗСО, Член 24-б, став 3, за награда може да конкурираат ученици или наставници од средните училишта кои освоиле златен, сребрен или бронзен медал на некоја од 13-те акредиторани олимпијади.
ДАМЈАН ДАВКОВ ИСПИША ИСТОРИЈА – ОСВОИ СРЕБРО И СТАНА НАЈМЛАДИОТ МЕДАЛИСТ ОД ЕВРОПА НА ИМО
„Министерството за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13-те меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad), на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за олимпијадата, поединечно им доделува парична награда во износ од 12.000 денари месечно за освоен златен медал, 10.000 денари месечно за освоен сребрен медал и 8.000 денари месечно за освоен бронзен медал. Паричната награда се исплаќа за период од 12 месеци“, пишува во Член 24-б, став 3 од Законот.
Никица Давкова, мајка на Дамјан, вели дека нелогичноста е во тоа што овој член за наградување го нема во Законот за основно образование.
– Така на учениците кои освоија бронза на ИМО им следува стипендија бидејќи се средношколци, а на Дамјан не му следува како основец. Прашањето е дали стипендијата е за постигнатиот успех на светска олимпијада или за тоа дали е основец или средношколец? На светските олимпијади може да учествува секој што не е студент и има до 20 години (на некои до 19) – вели Давкова.
Умно.мк во неколку наврати пишуваше за овој проблем бидејќи директно се одразува на менторите, најчесто универзитетски професори кои ги спремаат средниошколците за меѓународните олимпијади. Бидејќи ЗСО предвидува менторот да биде исклучиво наставник вработен во средно училиште, професорите од Институтот за хемија по неколкугодишни борби со ветерници решија да се повлечат од подготовките на средношколците за меѓународните натпревари.
Давкова вели:
– При конкурирање менторот треба да достави потврда дека е наставник во средно образование. Апсурд. Ментор е тој што го спремал ученикот за натпреварот. Може да биде вработен каде било, може да е невработен, може да е студент – поранешен натпреварувач, а може и да е од друга држава. Кај нас за светските олимпијади најчесто учениците ги спремаат професорите од факултетите, но тие не можат да конкурираат согласно условите што се бараат. Хемичарите јавно се откажаа од спремање на децата. Со тек на време ќе се откажат и другите и затоа овде треба промена – вели Давкова.
Таа апелира до МОН да ги повикаат претседателите на друштвата на математичари, физичари, хемичари… и во консултација со нив да направат промени за талентираните ученици и нивните ментори.
Семејството Давкови е веќе во судски спорови со државата поради медали што Дамјан ги освоил, а не му била одобрена награда. Давкова е децидна дека нејзините јавни реакции не се поврзани со финансиска корист. Затоа, нема да конкурира на повикот на кој Дамјан не ги исполнува условите само затоа што не е средношколец.
– Затоа, тоа што е според закон и што му следува ќе си конкурирам. Што не е, не сакам – вели таа.
Редакцијата на Умно.мк реши информациите што МОН ги прати до нашата редакција, а не ги побаравме, ќе ги објави со одговорите на прашањата што ги побаравме, а не ги добивме.





