Некои семејства размислуваат да подигнат кредит, сė уште бараат начин за учеството на нивното дете на олимпијадата во Иран – вели Ружица Андроникова, мајка на олимпиецот Јан Стојановски, едно од златните деца на Македонија што со години наназад освојува медали на светски натпревари
Вкупно 138.400 денари ќе плати овој месец семејство на Јан Стојановски, еден од најталентираните македонски ученици, за да ја претстави Македонија на двете најреномирани олимпијади по физика во светот. И ова е само дел од вкупниот трошок. Уште два ученика годинава се пласираа на двете олимпијади по физика и нивните семејства ќе го сносат истиот трошок. Дополнително, семејството на Јан во мај плати и 20.000 денари за Балканската олимпијада по математика во Варна каде тој освои бронзен медал за Македонија. Тоа го сторија и семејствата на останатите петмина ученици. Оттаму се вратија со 2 сребра, 2 бронзи и 2 пофалници.

Ружица Андроникова
– Но, не секое семејство може да изнајде средства, некои дури размислуваат да подигнат кредит. Сė уште бараат начин за учеството на нивното дете на олимпијадата во Иран – вели Ружица Андроникова, мајка на олимпиецот Јан Стојановски, едно од златните деца на Македонија што со години наназад освојува медали на светски натпревари.
Умно.мк веќе две недели пишува дека 28 ученици и нивните ментори годинава ќе треба сами да ги сносат трошоците за светските натпревари, ако државата не најде начин да им помогне. Со Андроникова разговараме за предизвиците со кои се соочуваат талентите и нивните семејства, со ветерниците со кои се борат секога година кога се ближи летото и почнуваат светските олимпијади.
Јан со години се натпреварува на светски олимпијади, прво по хемија, а потоа се насочи кон физика и математика. Овој месец тој ќе ја претставува Македонија на Европската олимпијада по физика во Кутаиси, Грузија и на Интернационалната олимпијада по физика во Исфахан, Иран. Со институционалните реформи, научните друштва годинава нема да ја добијат очекуваната поддршка. Колкав товар ќе падне на вас, семејствата на учениците-олимпијци?
– За почеток, за Јан и нас како родители, учеството на меѓународните научни олимпијади претставува и чест и одговорност. Треба да се измине цел циклус натпревари: општински, регионални, државни, еден или повеќе селекциони натпревари, за еден натпреварувач да влезе во националниот тим. Високите пласмани на ваквите натпревари се потврда на знаењето стекнато во тековната и во изминатите години, на повеќегодишна работа и посветеност. Да се учествува на меѓународните олимпијади, преку акредитираните здруженија, значи дека станува збор за врвни меѓународни натпревари. Некои од нив се организираат со децении наназад, и на нив учествуваат преставници од стотина држави. Тоа не се какви било натпревари, на кои ученикот или неговиот наставник сам се пријавува. Треба да се помине низ серија натпревари, а селекцијата и изборот го вршат акредитираните здруженија.

Јан Стојановски на ПМФ / Фото: ДФРМ
Впрочем, овие олимпијади се наведени и во листата на Министерството за образование и наука како врвни олимпијади, на кои доколку ученикот освои медал, може да конкурира и за награда од самото министерство. Но, освен овие парични награди, министерството досега ја нема регулирано финансиската подршка за учество на овие олимпијади. МОН ги акредитира здруженијата (Сојузот на математичари, Друштвото на физичари, Сојузот на хемичари, итн.) да испраќаат натпреварувачи, но не им дава средства за учество. Па, така здруженијата и натпреварувачите се принудени самите да го сносат товарот и за самите натпревари и за подготовките. Зависно од местото на одржување на натпреварите овие трошоци може да достигнат и преку 100.000 денари. Кај хемичарите и физичарите кои имаат и теоретски, но и експериментални задачи, не се само трошоците за патување, туку и трошоците за котизација, учество на меѓународните олимпијади.
Финансискиот товар е голем ако се учествува на една олимпијада, а се мултиплицира ако се учествува на повеќе олимпијади, па уште и во различни области. Мината година имаше натпреварувач кој мошне успешно (со освоени златни медали и максимален број поени) ја претставуваше државата во две области, и во јуниорска и во сениорска конкуренција (ако не грешам на најмалку шест меѓународни натпревари). Од сите натпревари се врати со медал, како најдобро рангиран македонски натпреварувач. Трошоците сепак беа на товар на неговото семејство.
Колку меѓународни натпревари поддржавте годинава, и колку Ве чинеше сето тоа?
– Мојот син Јан годинава се квалификуваше за четири, но заради временско поклопување учествува само на три олимпијади. Лани беше на четири олимпијади. За Балканската олимпијада по математика, што се одржа во мај во Варна плативме околу 20.000 денари. За Европската олимијада по физика во Грузија (картите ги купивме порано за да не се уште поскапи) плативме 54.800 денари (за карти и котизација). Меѓународната олимпијада по физика во Иран чини 83.600 денари. Во износите не е вклучен локалниот транспорт во Грузија, некои оброци за време на олимпијадите. Уште побитно, не се вклучени трошоците за подготовките овде во Скопје.

Подготовки на Институтот за физика при ПМФ / Фото: ДФРМ
Семејствата надвор од Скопје треба дополнително да ги финансираат патните трошоци и престојот во Скопје за време на подготовките. Воопшто не ги бројам времето и трудот на членовите на научните здруженија посветени за подготовки (еве кај физичарите повеќе од еден месец се организирани подготовки на ПМФ), па материјалите за експерименти, набавка на помошни материјали итн.
Како оваа „поддршка“ од државата влијае на учениците, конкретно на Јан? Дали му го урива ентузијазмот за она што го прави?
– Се обидувам Јан да го држам понастарна од финансиските прашања, да се посвети само на науката. Таму ужива. Но, не секое семејство може да изнајде средства, некои дури размислуваат за подигање на кредит. Некои од родителите веќе го поставија прашањето за учество на нивните деца (медалисти со голем број награди) поради финансиското оптоварување. Сė уште бараат начин како да изнајдат средства и спонзори за учеството на нивното дете на олимпијадата во Иран.
Како Вие како мајка на олимпиец ја коментирате оваа состојба? Имате ли увид како стојат нештата во другите земји во регионот?
– Разочарана е најмалку што може да се рече. Некако веќе немам никакви очекувања од државата. Оставено е на поединци и позицијата која тие ја имаат. Минатата година Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, поточно тогашниот директор Јован Деспотовски обезбедија поддршка за учество (за патните трошоци, но и за промоција на натпреварите) на меѓународните олимпијади по математика и физика. Оваа година претседателката на државата ја сфати состојбата, но Канцеларијата на претседателот нема буџет за таа намена. Таму впрочем и не треба да се барааат финансиите. Најголемо разочарување, сепак, е Министерството за образование и наука, она кое е надлежно да промовира учење, наука, знаење. Таму приказната продолжи во истиот стил. Повикот за спонзорства до коморите не е вистинското решение. Ако во буџетот на тоа министерство има програма за поддршка за талентирани деца, таму досега мораше да се изнајдат 50.000 евра кои четирите здруженија ги побараа за да го решат проблемот оваа година. Лесно е да се рече не може, но министерството мора да побара начин како ова да се оствари, преку некоја програма, нешто што системски ќе ги поддржува дополнителните програми насочени кон дополнително учење и стекнување знаења. Најавен е ребаланс на буџетот, треба да се најде начин и овогодинешното учество на 28 олимпијци да се поддржи.

Од учеството на минатогодишната Интернационална олимпијада по физика во Јапонија / Фото: ДФРМ
Ги следам настапите на натпреварувачите во регионот. Пред некој ден хрватските математичари јуниори говореа на храватската телевизија за нивниот настап на јуниорската Балканска математичка олимпијада во Анталија. Нивниот лидер се заблагодари на Министерството за образование. Успесите на словенечките физичари на два пати се најдоа во централните вести на националната телевизија минатата година. Сите ја истакнуваат поддршката од надлежното министерство. На мрежните страници на хрватските и српските здруженија постојано е испишано дека се потпомогнати од нивното Министерство за образование. Само кај нас натпреварувачите како да имаат маќеа, па бараат спонзорства и немаат сигурност за ниту еден натпревар. Не е предвидено никакво решение. Се сведува само на повикување на јавната свест за потребата од финансирање на вакви активности.

Со освоените медали во Јапонија
Не секое семејство во Македонија може да го поднесе финансискиот товар за развој на еден талентиран ученик. Имате ли предлог-решение како да се надмине овој проблем со кој секоја година се соочуваат научните друштва?
– Решението би требало да е едноставно. Министерството треба да ги повика здруженијата што ги акредитирало сега во август да ги наведат меѓународните натпревари каде планираат да учествуваат следната година. За меѓународните олимпијади по математика, физика, хемија, постои одлука (достапна за сите на интернет) за тоа кои држави се домаќини за следните три години. Таа информација со предлог пресметка на трошоците здруженијата да ја достават до министерството, и министерството тој износ (верувам далеку помал од 100.000 евра годишно) да го стави во некоја годишна програма. Убаво е да се подобри и Законот за средно образование, но таа постапка е подолга, и не треба да се чека.

И Балканската олимпијада по математика во Варна сами си ја платија
Каде планира Јан да го продолжи своето образование? Каде се гледа себеси понатаму?
– Одамна знае дека сака да студира физика и математика. Искрено Јан би сакал да студира во Скопје. Некако во државава се создаде некој вид притисок дека мора да се студира во странство, на звучен универзитет. Како да е мерило на успешност кој каде се запишал, а не кој колку знае. И ние дома подлегнуваме на тој притисок. А се распрашавме, па дури и највисоко рангираните универзитети на Шангајската листа не нудат најдобри стручни програми и професори. Сигурно имаат повеќе финансии за спроведување на нивните програми, но не сме убедени дали навистина Јан ќе знае повеќе физика, или повеќе математика ако оди на тие универзитети. Од друга страна, професорите од ПФМ, од здруженијата кои ги подготвуваат натпреварувачите за овие натпревари им помагаат да добиваат медали на меѓународните натпревари, да се борат рамноправно, па дури и да бидат подобри од другите натпреварувачи. Она што сигурно сакаме е да се искористи овој период на студии да стекне што повеќе знаење. Можеби брендот на универзитетот игра улога кај идните работодавачи, ама на Јан најбитно му е знаењето. Тоа е неговиот капитал.

Прослава на роденден за време на подготовките





