23. издание на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ беше отворено синоќа со македонската премиера на филмот „Ефтеркланк Македониум“ и со концерт во чест на филмот. Полн беше паркот на МКЦ со филмофили и почитувачи на овој фестивал. Фестивалот за прогласен го отвори министерот за култура Зоран Љутков.
На програмата на вториот ден денеска се дури шест филма. Независниот македонски краток филм „Мавера“ во режија на Батухан Ибрахими, ќе ја има својата проекција на „Синедејс“ вечерва во 20.30 часот во Младинскиот културен центар. Станува збор за независен филм, снимен без никаква надворешна или државна финансиска поддршка, а е во копродукција со Факултетот за драмски уметности во Скопје и „Апофенија пост“.
Минатата година, на филмот му беше доделено специјално признание во рамките на ИФФК „ Браќа Манаки“ од познатиот кинематографер Питер Бижу. На премиерата во Скопје, во рамките на филмскиот фестивал „Sирни“ ја доби наградата за најдобар филм – „Данчо Чеврески”. Оваа година „Мавера“ беше претставен на маркетот за кратки филмови на интернационалниот филмски фестивал Клермон-Феран.
Продуценти се Батухан Ибрахим и Стефан Ѓоргиевски, директор на фотографија е Стефан Ѓоргиевски, а монтажер е Драган Спасов, дизајнот на звук е на Ристо Алчинов, костимограф на филмот е Андреј Ѓоргиевски-Папаз. Улогите ги толкуваат Симона Спировска и Мирјана Трпковска – Костовска.
Романскиот филм „Добрите момци одат во рајoт“ ќе биде прикажан во паркот на Младинскиот културен центар во 20.30 часот. Дан гине во сообраќајна несреќа. Пристига во Чистилиштето, чудно место на пуста плажа, каде што времето секогаш е топло, а пијалаците секогаш студени. Набрзо, открива дека не е сам, таму е и Лаура, девојката во која бил вљубен во средно. Ќе успеат ли двајцата најпосле да бидат заедно?
Во Гала програмата во 22.30 часот ќе следува проекцијата на филмот „Палас“ на режисерот Роман Полански. Улогите ги толкуваат Мики Рурк, Џон Клиз, Оливер Масучи. Филмот е копродукција помеѓу Италија, Полска, Франција и Швајцарија.
Уште само неколку часа до новиот милениум: Во реномираниот луксузен хотел „Палас“, подготовките за дочекот на Новата година се во полн ек. Во прекрасниот хотел во Гштад се собрани богати гости од целиот свет, а вработените даваат сѐ од себе за да им овозможат навистина уникатно искуство. За време на веселбата, прекрасниот декор не е единственото нешто што предизвикува возбуда. Се истураат раритети како шампањот „Болингер“, маж ѝ подарува жив пингвин на својата љубовница и сопруга на амбасадор заспива во кавијарот.
Во програмата Гала, во киното „Фросина“ во 19.30 часот ќе биде прикажан анимираниот „Највредниот товар“ на Мишел Азанависиус.
Некогаш одамна, во една голема шума, живееле еден сиромашен дрвосечач и неговата жена. Студ, глад, сиромаштија и војна пустошеа околу нив, па животот им беше многу тежок.
Еден ден, жената на дрвосечачот спасува бебе. Девојченце фрлено од еден од многуте возови што постојано поминуваат низ шумата. Ова бебе, овој „највреден товар“, ќе им го промени животот на сиромашниот дрвосечач и неговата жена, како и на тие чиј животен пат се вкрстил со оној на детето, меѓу кои и човекот што ја фрлил од возот. И некои ќе се обидат да ја заштитат, по секоја цена. Нивната приказна ќе го открие најлошото и најдоброто во срцето на луѓето.
Босанскиот филм „Екскурзија“ во режија на Уна Гуњак, дел од SEE селекцијата, ќе биде прикажан во киното „Фросина“ во 21.30 часот. Додека нејзиниот клас се подготвува да оди на екскурзија, сараевската тинејџерка Иман го привлекува вниманието на постаро момче. За време на партија „вистина или предизвик“ измислува приказна дека имала секс, но муабетот се проширува низ училиштето и работите излегуваат од контрола.
Филмот „Семето на светата смоква“ во режија на Мохамед Разулоф е на програмата во летното кино на Кинотеката од 21.30 часот. За овој филм, на Канскиот филмски фестивал Разулоф доби специјална награда од жирито, како и од ФИПРЕСЦИ.
Истражниот судија Иман станува параноичен поради политичките немири во Техеран. Кога му исчезнува пиштолот, почнува да се сомнева во сопругата и ќерките, поради што им наметнува драконски мерки, кои ги заоструваат семејните односи додека се рушат општествените норми.