Mакедонците беа робје, но веќе не се – разговор на Гоце Делчев со генерал Данаил Николаев

Разговорите од нивната средба ги изнесува Крум Христов (објавени во 1955 година во Софија), а во дијалошка форма се објавени во првиот том од „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“

Февруари 1896 година

„За да обезбеди достава на оружје и други материјали за потребите на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев во февруари 1896 година пристигнал во Софија. Сакал да го испита теренот во т.н. ,Врховен комитет’ кој од 1895 година дејствува како агентура на бугарскиот двор и на експанзионистичката великобугарска политика кон Македонија. За претстедател на комитетот бил поставен кнежевскиот генерал Данаил Николаев“, пишува во „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“, издание на Факултетот за филозофско-историски науки при Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје, издадена во 1981 година.

Гоце Делчев барал да се состане со Николаев заради усогласување на акцијата околу доставката на оружје, но под определени услови. Средбата имала дипломатско-протоколарен карактер. Разговорите од нивната средба ги изнесува Крум Христов (објавени во 1955 година во Софија), а во дијалошка форма се објавени во првиот том од „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“. Во продолжение интегрално го пренесуваме дијалогот.

Генерал Николаев: Значи, вие, младичок, сметате дека македонското население е способно да се бори, да подигне револуција? Детски работи прикажувате, вие, момак! Тоа е ропско население. Вашите планови јас не можам да ги прифатам, ниту сакам да ги слушам. Каква организација Вие сметате да создавате таму? Револуционерна? Внатрешна? Македонска? Глупости! Глупости! Глупости! Има само една организација – тоа е Врховниот комитет. Јас Ви гарантирам дека ќе му дојде времето, ќе поведам 20-30 илјади резервни војници. Со мене се офицерите. И тогаш ќе подигнеме востание во Македонија и ќе ја ослободиме. А со селани, со селани ништо сериозно не може да се направи. Тие се робје…

Гоце Делчев: Беа робје, господине генерале, но веќе не се. Значи Вие откажувате каква и да е работа внатре? Според Вас…

Генерал Николаев: Не, не откажувам при извесни услови. Внатрешната работа е неопходна за нас, за Врховниот комитет. Преку неа ние ги заплашуваме политичарите во Бугарија и дипломатите во туѓина, секогаш кога ќе стане потреба. Затоа можеме да ви дадеме помош, но при услов: ќе нè слушате и надвор од Турско нема да преземате ништо. Целокупната политика ќе ни ја оставите нам. А што се однесува до вашата работа внатре, ние ќе ви кажеме кога, каде и што ќе правите. Освен тоа кога треба да се подигне востание во Македонија, ќе решиме ние. Освен тоа… ние…

Гоце Делчев: Тоа нема да биде господине генерале. Вие, како што разбирам, – тоа е Врховниот комитет и уште некој… Не ние, ние не сме согласни со тоа, што го мислите Вие за Македонија. Ние, знаете кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту пак ќе дозволиме на други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога ќе се подига востание, ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од овдека, за да нè внесет, како што се обидовте лани, во игра на востание (се мисли на т.н. „Горноџумајско востание“). Сега една таква авантура може да биде страшна и крвава, зашто населението, народот е повеќе возбуден и делумно вооружен. Тој може да се предаде на измамата, а тоа ќе чини реки од крв и планини од трупови. Ние нема тоа да го дозволиме. Не, крвта на народот е скапа и не сакаме трупови, туку сакаме ослободување, а живиот народ сака да живее и да расте. Гледам дека Вие не ги познавате условите во Македонија и затоа кажете им на сите, кажете им да не се мешаат и да ја остават Внатрешната револуционерна организација да организира, да раководи, да решава. Ние сметаме дека од Вас – од комитететот и од емиграцијата можеме да добиеме братска помош. Но знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку господари.

Генерал Николаев: Како смеете! Вие не знаете ништо за меѓународната ситуација! Јас имам писма од туѓина. Ние ќе решиме кога е моментот да се дејствува. Дали разбирате? Ние ќе го имаме врховниот збор, а ако сметате да ни пречите – а ако ни пречите, ќе ве парализираме.

Гоце Делчев: Повелете – или вие нас ќе нè парализирате, или ние вас.

Извадок од „Гоце Делчев“ од Крум Христов, Софија, Издаваштво на Националниот совет на домашниот фронт, 1955 година.

Насловна фотографија: Wikipedia

Сподели