Маја Јаневска-Илиева: Татко ми имаше посебна моќ да се спријателува брзо со луѓето

Низ нејзините сеќавања се обидуваме да го претставиме Живко Јаневски од еден друг агол – зошто неговите современици го нарекуваат легенда на македонската фотографија

„И пред Живко Јаневски и по него постоеле и работеле фотографи, врвни уметници во професијата, со голем дел од нив секојдневно си парирале. Живко го разликувале и краселе други одлики – неговиот специфичен карактер, желбата за дружење и несебичното помагање и обучување на помладите колеги, за што до денес сведочат неговите ученици, сега и мои колеги. А неговата валоризација како фоторепортер, дома, во Македонија, дојде на крајот…“, вели неговата ќерка Маја Јаневска-Илиева, фоторепортер во дневникот весник „Нова Македонија“.

Таа денес работи на истата позиција каде доајенот на македонската фотографија пред повеќе од 22 години ненадејно ја завршил својата кариера. Низ нејзините сеќавања се обидуваме да го претставиме Јаневски од еден друг агол – зошто неговите современици го нарекуваат легенда. На творештвото на Јаневски е посветена изложбата „Точки на интерес“, отворена во Културно-информативниот центар во Скопје.

Маја Јаневска-Илиева / Фото: КИЦ

Кои се првите сеќавања на Вашиот татко поврзани со фотографијата? Како го паметите како дете?

– Постои една фотографија на која јас, годиначе, седам во скутот на татко ми додека тој го разгледува негативот кон светлината. Веројатно брат ми, Саша, кој е постар, го овековечил моментот. Јас, разбирливо, немам сеќавања на времето кога е фотографирано. Но, паметам кога бев 2. или 3. одделение, за време на зимскиот распуст, ја изгледавме дома цела зимска Олимпијада заедно. Татко ми беше на боледување зашто раката му беше во гипс. Додека ја вршел службената должност, се лизнал на мокриот под во фабриката за конзерви во Велес и паѓајќи, да го заштити фотоапаратот од уништување, го подметнал лактот.

Живко Јаневски (лево) и Томислав Димовски-Бучки (1992 год.) / Фото: Каталог „Точки на интерес“

Следно сеќавање ми е од првата повеќедневната екскурзија, на крајот од 4. одделение. Татко ми ми ја даде старата, руска „Смена 8“, ми одржа мини курс (каде се гледа низ окуларот, како да ја пресметам острината, каде да штракнам и да ја премотам позата, ја прикачи позадината од картонот на филмот со комбинациите за бленда и експозиција, ми стави еден црно-бел филм внатре) и без да знам ме внесе во чудесниот свет на фотографирањето. На ова мое прво снимање јас не се прославив многу, апаратот постојано стоеше во куферот, а кога ќе се сетев на него, се собираа децата од сите одделенија да се сликаат. Каква може да излезе фотографијата од Струмица со споменикот на Гоце Делчев и стотина детски глави како точки, под него?Непрепознатливо! Оттогаш, уште долги години јас бев привилегираниот забележувач на времето со фотоапарат на сите екскурзии во основно, средно, па и за време на факултетските денови.

Кога бев мала, секоја зима кога ќе паднеше првиот снег сите излегувавме навечер на прошетка. Тој го носеше фотоапаратот, го поставуваше на сталак на едно точно одредено место на кејот на Вардар од каде се гледаше најдобро целиот Камен мост и го фотографираше со долга експозиција. Така на фотографијата исчезнуваа пешаците од мостот, водата под арките добиваше мека заматеност, а светилките на мостот и белината на снегот му даваа посебна величенственост на вековниот градски симбол. Овие фотографии го правеше дома, на трпезариската маса го поставуваше апаратот за зголемување, тацните со хемикалии и фото-хартијата во специјални црни опаковки. Мене ме нервираше што морав да седам во мојата соба зашто не смееше да се вклучи ниедно друго светло во станот.

Тоа беа навистина поинакви времиња. Какви спомени чува вашата семејна архива? Се случуваше ли често да се инспирира и да почнe да фотографира?

– Татко ми имаше посебна моќ да се спријателува брзо со луѓето и луѓето го сакаа. Здравко Чолиќ му беше искрен пријател и не пропушташе кога е во Скопје да дојде на гости кај нас. Приказната за фотографијата со Чола брат ми одлично ја раскажа на фан-клубот на Здравко Чолиќ.

Здравко Чолиќ на една од посетите на семејството Јаневски / Фото: семејна архива

Приватно, татко ми не фотографираше повеќе од останатите родители кои прават спомени од одморите и фамилијарните средби дома. Но, паметам една година натрупа снег преку ноќ, а тој имаше некое сериозно снимање дента. Направи неколку фотографии низ прозорецот, како илустрација за времето, и додека се спремаше за работа, јас го замолив да штракнам неколку пати. Тоа беше новиот фотоапарат кој автоматски ја премотуваше позата и малку ме понесоа натапканите патеки по кои лазеа пешаците, побелениот костен пред улицата, калливиот коловоз, автомобилите со неисчистен снег на крововите, што не приметив кога заврши филмот. Малку ми се лутеше поради тоа, но попладнето, кога се врати од работа, ми призна дека сум направила и две-три успешни фотографии.

Знаеше и да ме поведе со него на снимањата, на кошаркарски натпревари, ќе ме качеше најгоре на трибините и јас аплаудирав на секој кош, или на некои концерти каде пиев сокчиња со новинарките додека тој работеше. Што снимаше, од каде и како, јас немав поим бидејќи тој дел не ме интересираше тогаш.

Антонио Димитров, Антонио Димитровски, Станко Неделковски и Панче Велков (од лево кон десно), од отворањето на изложбата „Точки на интерес“ / Фото: Миле Брцески, КИЦ

Дури кога се вработив како фоторепортер, непосредно по неговата смрт, почувствував голема празнина во занаетот. Ние двајца никогаш не сме работеле заедно како фоторепортери. Се сетив на филмот „Андреј Рубљов“ на Тарковски. Детето Бориска, синот на покојниот мајстор за леење камбани, се нафаќа на работата велејќи дека ја знае тајната за леење камбани. Бориска е под голем притисок, зашто знае дека ќе биде убиен, ако не ја заврши добро работата. Кога, најпосле, камбаната успешно го отчукува својот ѕвон, Бориска прснува во плач и му открива на Рубљов дека татко му никогаш не му ја кажал тајната. Така и јас се чувствував на почетокот – со голем товар и одговорност, да го оправдам името на татко ми, а всушност тој никогаш конкретно не ме спремал за занаетот. Немајќи друг избор морав да се потпрам на сопствените знаења. Многу ликовно-графички решенија користев од студиите по архитектура – контраст, градација на бојата, повторување на елементите, златен пресек, човекомерноста во просторот на Корбизје, „Помалку е повеќе“ од Мис ван дер Рое… Некои универзални норми за убавото применливи во сите уметнички дисциплини.

Големата држава нудеше можност и за големи изложби и за меѓународна кариера. Какви награди освојувал тој за своето творештво?

– Државата беше голема, ама и локалното фотографско его. Интересна е приказната за „Девојчето од градинка“, фотографија снимена 1966 година во Белград. Во шеесетите години на минатиот век, Живко Јаневски заминал на студии по електротехника во Белград. Факултетот никогаш не го завршил. Се зачленил во факултетскиот фотоклуб „Електромашинац“ и почнал да изложува фотографии на групните изложби. Наградите не го одминале. Напротив. Биографите избројале 84 добиени награди.

Во тие години „Девојчето…“ го испратил на регионална изложба во Македонија, но жирито не ја прифатило фотографијата за изложување. Истовремено, друга нејзина копија испратил во Аликанте, Шпанија на изложба со ФИАП покровителство. ФИАП е Меѓународната федерација за аматерска фотографија и изложбите под нејзино покровителство и денес се особено ценети. Во Аликанте фотографијата „Девојчето…“ добила Гран при. Оваа случка татко ми му ја раскажал на венчалниот кум, Ристо Кузмановски, тогашниот дописник за „Нова Македонија“ од Белград. Така приказната за фотографијата се нашла на страниците на истиот весник во кој подоцна Живко ќе се вработи како фоторепортер.

„Девојчето од градинка“ / Фото: Живко Јаневски, 1966 год.

Денес една копија од фотографијата е дел од колекцијата на Живко Јаневски во Фото сојузот на Југославија во Белград, со чие приложување татко ми се стекнал со највисокото домашно звање -Мајстор на фотографија и највисокото меѓународно звање – ЕФИАП (екселенција на ФИАП). Уште некое време по смртта на татко ми во 2000 година, само тој и Благој Дрнков беа единствените Македонци со ЕФИАП мајсторска титула. Втората копија од „Девојчето…“ денес се чува во Фото сојузот на Македонија како дел од неговата колекцијата наградувани фотографии. Во 2011 година, по пат на аквизиција, МСУ ја прибави и третата копија од „Девојчето…“ и заедно со останатите негови фотографии беше изложена во декември истата година.

Во деведесетите години, со распадот на СФРЈ и разгорувањето на воениот конфликт, Црвениот крст на Македонија ја употреби токму оваа фотографија во постерот за хуманитарната акција за децата бегалци од Босна. Во тој период, цел град Скопје беше облепен со тој постер.

Што му „лежеше“ повеќе на карактерот – уметничка или новинска фотографија?

– Татко ми умеел новинската фотографија да ја направи уметнички. Тоа се гледа и на последната изложба „Точки на интерес“ која ја подготви м-р Станко Неделковски од Музејот на град Скопје. Неделковски потенцира: „Во фотографиите на Живко Јаневски нема строга граница помеѓу работниот ангажман во издавачката куќа и желбата за создавање на добра фотографија.“ Јасно е дека занимавањето со уметничка фотографија му помогнало ова искуство при работата во весникот, новинската фотографија во Македонија да ја издигне на едно високо естетско ниво.

Од отворањето на изложбата / Фото: Андреј Јаневски

Но, нечесно е да го ограничам како првиот и најдобриот. И пред него постоеле и со него работеле современици кои биле врвни уметници во професијата и со кои секојдневно си парирале. Живко го разликувале и краселе други одлики – неговиот специфичен карактер, желбата за дружење и несебичното помагање и обучување на помладите колеги, за што до денес сведочат неговите ученици, сега и мои колеги. А неговата валоризација како фоторепортер, дома, во Македонија, дојде на крајот. Тоа беше Гран при на неделникот „Форум“ во 2000 година, на првиот натпревар за новинска фотографија во Македонија. За жал не успеа да ја подигне лично, утрото на 16 март 2000 година беше одржан неговиот погреб, а вечерта – отворањето на изложбата и доделувањето на наградите.

И самата се занимавате со новинска фотографија повеќе од 20 години. Новото време и технологија донесоа многу олеснителни околности во оваа работа (и уметност). Каде гледате поголем предизвик?

– Фотографијата изработена преку негативи, денес за мене е далечно минато. Се восхитувам на сите обиди за нејзино повторно заживување од некои фотографски мајстори – ентузијасти. Но, зошто да комплицираме кога може да биде едноставно? Да, фотографирањето на негативи, црно-бели, колор или слајдови навистина има своја посебна привлечност, но голема е и неизвесноста. Кај дигиталниот фотоапарат, веднаш по притискањето на копчето можам да го видам резултатот и ако технички нешто не е задоволително, го повторам снимањето со корекција.

Од отворањето на „Точки на интерес“ / Фото: Миле Брцески, КИЦ

Дури и да изработам рачно некоја црно-бела фотографија, што е процес кој бара многу време, за да се пласира во весник или на интернет, таа ќе треба да се скенира. Посебноста што ја носи таквата фотографија ќе треба да се поништи, зашто технологијата на печатење весници, а да не збориме за интернет мрежата, е многу технолошки различна од минатото за да биде усогласена на брзото новинско известување денес. Дефинитивно сум за современите текови кога зборуваме за фотоновинарството зашто факторот време (брзина) е многу битен. На крај, и од негативите и од дигиталните фајлови може да се добие ист продукт – печатена фотографија без некоја согледлива разлика.

Во време на епидемија од фотографии на социјалните мрежи, колку е ценета оваа професија денес? Зошто изложбите како „Точки на интерес“ се толкава реткост кај нас? Како да се промовира работата на фотографите денес?

– Професијата фоторепортер добива на значење ако личноста работи во сериозна новинска редакција. И обратно, сериозноста на еден интернет портал за вести расте ако во тимот има човек задолжен исклучиво за визуелно известување од настаните. Да не ја отворам темата за последиците од авторските права која е долга и вечна. Така и ги учам децата – како да разликуваат дали некој портал е професионален и колку може да му веруваат. Секогаш да проверат дали има импресум каде ги пишува со име вработените и нивната работна позиција. Ако има наведено и уредници и новинари и фоторепортери – поголеми се шансите тоа да е сериозна новинска редакција. Но, никогаш не можеме да бидеме 100 отсто сигурни.

Денес, сопственикот на паметен уред, што во кутија од 10 см е и телефон, и светилка, и компас, и календар, и мини банкомат, и фотоапарат со неверојатни можности, може да стане одличен фотограф или верен документарист на секојдневието. Но каде, а особено како ќе ја објави снимената содржина, и каква порака ќе пренесе до публиката, останува прашање на знаење и лична етичност.

Изложбата како „Точки на интерес“ е ретка, зашто никој не се заангажирал како Станко Неделковски, посветено, упорно, со многу знаење, но и љубов да ја подготви нешто слично. Понатаму, оваа изложба е уникатна зашто го отсликува времето на нашата надеж, периодот на раѓањето на нашата држава и посебност. На многу од настаните единствениот документарист е леќата на татко ми. Секако и неговите уникатни погледи и зумирања, извлекувања на деталите од времето и настаните. Па така, заклучокот сам се наметна, промоција на фоторепортерите може да ја направат самите со својот единствен поглед на настаните, сериозните редакции во кои работат, но и само работа, работа и работа.

Вие го наследивте својот татко во професијата, иако сте дипломиран архитект. Дали фотографскиот ген на Живко Јаневски се пренесе на некој од внуците?

– Не сум сигурна дека постои фотографски ген или фотографско око што може да се наследи. Може само да се заразиме со постојано фотографирање. Ако ја разбираме техниката со која работи фотоапаратот, имаме барем малку осет за убаво и силна желба тоа да го покажеме и на другите со висок морален интегритет, на добар пат сме да ни проработи „фотографскиот нерв“ – израз позајмен од Лазо Плавевски, еден од авторите на текстот во каталогот на изложбата и добар познавач на работата на татко ми. Тоа што го приметив досега, е дека сите внуци на Живко Јаневски имаат желба да фотографираат. Но, засега само еден од третата генерација и заработува од тоа. Јас сум многу горда тетка на Андреј Јаневски.

Андреј Јаневски / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Насловна фотографија: Маја Јаневска-Илиева во скут кај татко ѝ (1976/77 год.) / Семејна архива

Сподели