„Вознемирена земја“ на Кумјана Новакова и Гиљермо Карерас-Канди се квалификува за „Оскар“ за документарен филм

„Вознемирена земја“ (Disturbed Earth) на македонската режисерка Кумјана Новакова и шпанскиот режисер Гиљермо Карерас-Канди се квалификува за „Оскар“ во категоријата за долгометражен документарен филм. Академијата за филмски уметности и науки во САД ја објави листата на филмови кои се квалификуваа за 95. издание на престижната награда, а гласањето започнува денеска.

„Вознемирена земја“ е шпанско-босанска-македонска копродукција. Филмот ја доби оваа можност освојувајќи ја Гран при на 14. Фестивал на документарен филм ДМЗ Докс (DMZ Docs), што се одржува во Кореја.

– „Вознемирена земја“ е рефлексија и оддава почит на одлучната истрајност на човечкиот дух и неговиот капацитет да ги издржи и преживее и најстрашните околности – напиша престижното филмско списание „Скрин Дејли”.

По премиерата во официјалната селекција во Сараево, филмот беше дел од официјалната програма на некои од најреномираните интернационални филмски фестивали во светот. Филмот го доби и специјалното признание „Кромид“ во главната програма за најдобар интернационален долгометражен креативен документарен филм на овогодинешниот „МакеДокс“, а беше номиниран и за најдобар источноевропски долгометражен документарен филм од Институтот за документарен филм во Прага.

Сподели