Колку е моќна класиката, ни покажа уште еднаш оркестарот на Филхармонијата завчеравечер, заедно со солистката Маја Чанаќевиќ и диригентот Конрад ван Алфен. Во салата на Филхармонијата одекна радоста на убавата музика, на музицирањето и почитта, пред сè кон светското музичко наследство. Секогаш е голема чест и одговорност кога пред домашната публика настапува домашен солист, можеби тогаш и вибрациите во воздухот се поинакви.

Маја Чанаќевиќ ѝ овозможи на публиката ретка солистичка средба со инструментот англиски рог и неговиот заводлив звук. Ваквите прилики се овде за да нè потсетат дека имаме уметници и музичари со кои треба да се гордееме, но и да ги поддржеме со тоа што ќе ги посетиме нивните концерти. Чанаќевиќ ги изведе Сцена и рондо од Антон Рејха, како и концертот за англиски рог и оркестар од Хозеф Фиала.

Веднаш по нејзиниот настап, величествениот Бетовен во неговата вечна Петта симфонија ја освои публиката, која долго и стоејќи аплаудираше по завршувањето на концертот. Одличната изведба на Филхармонијата беше поткрпена и предводена од енергичниот диригент од Холандија, Конрад ван Алфен.

„Моќта на класиката“ беше уште едно незаборавно музичко искуство што ни го овозможи Филхармонијата. Следен концерт на истата сцена е гостувањето на славниот Баланеску квартет, на 11 март во 20 часот.
Фотографии: Маја Аргакијева










