Пишува: Весна Мојсова-Чепишевска

Една посебна свртеност кон книжевност за деца ги одбележува последниве три децении. Така книжарниците отвораат посебни катчиња наменети за книги за деца, а се случуваат изложби, работилници и саеми на книги за деца. Се случуваат и телевизиски програми, претстави за деца, но и списанија. Во тој поглед секоја новина на полето на книгата за деца е радост да се проследи, но и обврска критички да се исчита, а потоа и умно да се препорача. Секако, ако е за препорака.

Приказните не само што го збогатуваат внатрешниот живот на детето, туку имаат и вистинско терапевтско дејство. Во светот одамна се практикува т.н. библиотерапија или терапија со приказни. Имено, приказната многу отворено, а понекогаш и немилосрдно го соочува детето со грубата стварност: отворено говори за секој проблем кој се јавува во рамките на семејството и општеството, во рамките на културата. Колку и да мислиме дека денешното дете не сака приказни, всушност мислиме, па и премолчано кажуваме дека токму ние, возрасните, не ги сакаме повеќе приказните! А забораваме колку тие приказни оставаат силен впечаток врз нашето дете (исто онака како што оставиле и врз нас кога сме биле деца), зашто тоа со воодушевување од нив презема одредени модели на однесување и идеи за разрешување на одредени проблеми.

Во тој контекст самиот наслов на најновата книга „Волшебното патување на Простор и Време“ од Мирко Трајановски (издание на „Софијапринт“) поставува многу прашања, а со тоа ја поттикнува и љубопитноста кај читателот. А одговорите ќе се откријат откако ќе се прочита, а со тоа и ќе се доживее/преживее ова волшебно, но и чудно патување на две деца со уште почудни, крајно неовообичаени/необични, па и изненадувачки имиња: Време и Простор или Простор и Време.

Имаат ли денешните родители вистинско време за своите деца? Создаваат ли денешните родители заеднички простори со своите деца? Посакуваат ли децата еден единствен, заеднички простор и едно единствено, заедничко време во кои ќе бидат само со своите родители? Дали се патува само со некое превозно средство? Дали можеби токму книгата и приказната во таа книга е најубавото/најволшебното превозно средство? Ова се прашањата кои се распрснуваат од самото име на најновата книга-сликовница од Мирко Трајановски.

Запазувајќи ја матрицата на усната приказна, оваа топла авторска приказна се отвора со познатиот почеток во стилот на таму некаде и некогаш: „Еднаш многу одамна, а можеби и не толку одамна… всушност никој не знае кога точно се случило тоа…“. И просторот е скоро познат, градот како секој град, и куќата „… на крајот од градот или на почетокот од градот, зависи од каде доаѓате…“, куќата како некои куќи. со прекрасна градина која за многумина е волшебна, толку волшебна што потсетува на онаа рајска/библиска градина. Но, и покрај тоа што почнува некако очекувано и со тоа сака да создаде една спокојност кај читателот/слушателот, веќе во наредната ситуација возбудува, па и донекаде вознемирува со тоа што во едно навидум обично семејство децата т.е. сестрата и братот (сестричката и братчето) имаат многу, многу необични имиња. А згора на сè и мајката и таткото се уште понеобични, особено за денешново време, зашто, едноставно, тие се најголемите читачи на приказни не само на своите деца, туку и на сите деца од градот во кој живеат. И тоа читачи на приказни од најголемата (пра)книга (која во/од илустрациите зрачи со своите црвени корици како досетка на илустраторот Кристијан Јованоски).

Така, приказната за сестричката Време и братчето Простор
Е:
* Приказна за патувањето во светот на чудото, при што можеме да говориме за хронотоп на „патот“ и тоа за патување во времето, но и за патување во просторот (секогаш кога ќе се влезе во волшебната градина со 101 овоѓно дрво и кога ќе се слушаат највозбудливите приказни, секогаш, ама баш секогаш, престанува да тече реалното време и престанува да постои вистинскиот простор). Зашто во таа градина се јадат најубавите овошки (како во „Касни – порасни“ на Петре М. Андреевски која ја носи пораката на доброто/здравото растење и пораснување) и се слушаат најубавите и највозбудливите приказни раскажани од таткото и мајката на двете деца со најинтересните имиња на светот. Тогаш, кога се слушаат овие приказни, е токму тогаш, фантазијата е на највисоко ниво (како во „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол).
И:
* Приказна за таинствениот премин преку границата, како за хронотоп на „прагот“ со кој се покажува дека светот е поделен на два дела: видлив и невидлив, познат и непознат, обичен и необичен и ако еден ден престанеме да читаме, ако еден ден ги заборавиме буквите, ако еден ден, не дајбоже, не познаваме повеќе ниту една буква, како што тоа се случува во оваа книга, тогаш ќе престане да се обојува животот, ќе исчезне детскиот џагор, а и овошките од волшебната градина ќе го изгубат својот сјај.

На сите деца им треба стекнување навика најпрвин за слушање, а потоа и за читање сказни, приказни, книги. Во тој поглед особено се значајни сликовниците и книгите-сликовници преку кои детето почнува да го развива чувството за потреба од слушање. На поголема возраст потребата од слушање прераснува во потреба за (самостојно) читање. А токму сликовницата ја игра големата улога на претходница на книгата за деца и на книгата воопшто. Иако детето не е свесно што му даваме во рака кога му ја подаваме сликовницата, тоа сепак може да го препознае убавото, а подоцна и квалитетното.

Онаа сликовница што ќе му се допадне на детето, токму таа се чита многу пати зашто едноставно детето преку повторувањето учи. Секоја нова средба со саканата сликовница е и ново доживување. Затоа и не смее да се прелетува или одминува преку овој подвид на самата книжевност за деца. Оваа книга-сликовница на Трајановски и Јованоски е токму такво искуство – да се чита и чита, да се чита и препрочитува и повторно и повторно да се доживува.

Детето ја претпочита игривоста, конкретноста, фантастичноста и особено сликовитоста која во овој случај се дооформува преку илустрациите на Кристијан Јованоски. Со самото тоа што избира пастелни/тивки бои кои ги нанесува со четкичка му се доближува на детето. Го смирува! Го насочува кон приказната што треба допрва да ја чуе. Виножитото кое ја обојува првата и последната страница и симулира како да ја нацртало детското раче (искрено, наивно, топло) е корица во корица (како што имаме и приказна во приказна, преку оној позајмен почеток од „Шеќерна приказна“ на Славко Јаневски и вдомен во ова „Волшебно патување на Простор и Време“ со што повторно укажува на оној ненаметлив, сладок муабет што оваа книга го води со други книги за деца).

Виножитото е порака, шаренилото е смисла, зеленилото е перспектива. Ова се и ликовните обмислувања на самата приказна како текст. Така што тоа винижито е и волшебната градина во која се читаат/раскажуваат и слушаат најубавите и највозбудливите приказни, но и небото полно со ѕвезди, па и целиот космос, сиот простор и време потребно да (се) порасне едно дете. Емоциите излегуваат не само од просторот и времето во илустрациите, туку и од експресијата на сите детски ликови. Така, Кристијан Јованоски успева да ги покаже и радоста кога децата ги слушаат приказните, и тагата кога сфаќаат дека нема повеќе да слушаат приказни, но и зачуденост, вознемиреноста и стравот дека ако во најскоро време не научат да читаат, тогаш ќе останат без своите омилени приказни.

Книгата „Волшебното патување на Простор и Време“ од Мирко Трајановски на убав начин се обидува да ја врати традицијата на читање приказна пред детето да замине во светот на сонот (како што тоа веќе го направи и книгата „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ од Билјана С. Црвенковска). И наместо испраќањето в кревет да биде само со банално кажување „Добра ноќ“ и бакнување во умното мало главче, оваа приказна посакува да се врати стариот ритуал на читање приказна/сказна за добра ноќ.

Специфичната поетика на сликовницата (како и на книгата-сликовница) го прави читателот на сликовницата истовремено да е и гледач и слушател и од таа перспектива се создава и идниот нов читател. Затоа е многу битно илустрациите да можат да станат дел од личниот идентитет на секој еден читател/слушател. Ова суптилно го постигнува и Кристијан Јованоски.

Сликовницата, како и книгата-сликовница за деца има неколку функции кои одговараат на потребите за воспитување и образување во преучилишната и училишната доба. „Волшебното патување на Простор и Време“ од Мирко Трајановски може да се окарактеризира како интерактивна и донекаде како проблемска сликовница. Но таа ја носи и искуствената и забавната функција. Во книжевна смисла таа е развиена низ јасна и прилагодлива приказна за детето од 4-9 години. Самата приказна има убав ритам и го предизвикува вниманието на детето, а илустрациите функционираат како сериозен пандан на самите текстови, како мали ликовни текстови.

Затоа, слободно најдете свое време и свој простор кога ќе ја прочитате најпрвин за себе, а потоа и за своето дете. Најдете свој простор и време кога потоа ќе ја читате со своето дете како мал ритуал пред спиење. А потоа кога вашето дете ќе може само да чита, ќе се радувате дека и тоа (ќе) може веќе и вам да ви ја чита, исто како еден мал ритуал пред спиење или да ви ја чита додека едноставо го пиете своето пладневно (семејно) кафе.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.