Маја Аргакијева: Најголем предизвик ми е да го доловам мигот на екстаза кај музичарите

Подеднакво уживам во музиката и преку визирот на апаратот. Можам да кажам дека тогаш уште поинтензивно ја слушам музиката – вели Аргакијева, чиј избор на фотографии од концерти на Филхармонијата, ќе бидат изложени вечерва

Триесет фотографии, повеќето црно-бели и неколку во боја, дела на Маја Аргакијева направени за време на концертите во Филхармонијата од вечерва во 20 часот ќе бидат изложени во холот на оваа концертна сала. Фотографиите што ги обединува насловот „Портретна симфонија“ ги овековечуваат незаборавните моменти и емоции од концерти од 2017 година.

Маја Аргакијева

За Аргакијева најголем предизвик ù е успешно да ги пренесе емоциите и да го долови мигот на екстаза кај музичарите.

– Предизвик ми е да направам успешна фотографија без притоа да им пречам на публиката и на изведувачите. Она што на почетокот требаше да биде репортажна фотографија, набргу прерасна во континуирано уметничко творештво. Се разбира, покрај мојата уметничка визија, за тоа се заслужни и самите концерти кои инспирираат со својата раскошност и сонична убавина – вели Аргакијева.

Маја Аргакијева (1977) се вљубила во фотографирањето во средношколските денови. Во 2003 година се зачленила во фотоклубот „Елема” од Скопје, каде ги продлабочува своите знаења. Учествувала на бројни домашни и меѓународни изложби по фотографија, каде освоила повеќе награди и признанија. Во 2012 година била дел од групната изложба „F9“ во која учествуваа девет фотографки.

Во 2014 година е дел од изложбата по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, а наредната година учествува во кампањата „Free birth” со своја изложба на фотографии.

Аргакијева е застапена и во книгата „12 македонски фотограф(к)и“, издадена во 2019 година. Од годинава таа е дел од официјалниот македонски „Генерација Р“ тим на „Канон“.

На прашањето дали има омилен концерт или можеби изведувач кој бил посебно интересен за фотографирање, Маја вели:

– Сите концерти имаат посебна убавина и се карактеристични на свој начин, така што не би можела да одвојам само еден. Секој солист е фотогеничен и прекрасен на свој начин.

Убавината во оваа работа, меѓу другото, е и во слободата која таа ја дава, така што честопати знам да ги затворам очите и да уживам во музиката додека трае концертот, објаснува Аргакијева.

-Но, уживањето во музиката е подеднакво и преку визирот на апаратот. Можам да кажам дека тогаш уште поинтензивно ја слушам музиката. Ми се случува состојба на будност, да речеме некој вид медитација, кога умот и сите сетила ми се насочени кон она што се случува на сцената, динамиката на музиката и чувството за пронаоѓање на вистинскиот момент кога да го притиснам окинувачот на апаратот – објаснува Аргакијева.

Во фотографирањето често ја користи техниката на двојна експозиција.

– Со своите фотографии сакам да раскажувам приказни, да доловувам емоции, акции, ситуации, а овој начин на фотографирање ми помага да можам да го постигнам тоа – вели таа.

Аргакијева е благодарна што ја има можноста да фотографира во Филхармонијата.

– Посебно се радувам затоа што во овие години запознав врвни музичари, кои пред сè, се прекрасни луѓе. Им благодарам на сите што ме прифатија како дел од тимот уште од самиот почеток.

Маја Аргакијева (фото: Роберт Јанкулоски)

Сподели