Кога прв пат ја прочитав драмата „Нема да биде крај на светот“, веднаш ја почувствував како моја, почувствував како низ мене поминува нешто, некаква енергија. Има такви улоги во животот кои на прво читање поминуваат низ вас, оставаат трага, како да се знаете од некој минат живот и се создава таа конекција, вели Ризова

Претставите на голема сцена не се вратени сè уште. Со нетрпение чекам да ги вратиме, ги бара публиката, ги бараме и ние, актерите. Ми недостига театарот, ми недостига патот што го поминувам од дома до МНТ, ми недостигаат луѓето со кои што работам, сите сектори, ми фали сцената и публиката. Велат дека домот е таму каде што ти чука срцето. Среќна сум што сум дома, во мојот МНТ, вели Дарја Ризова, една од актерките стожери во националниот театар.

Речиси нема поголема претстава во Македонскиот народен театар, а таа да нема важна улога. Пандемијата, за жал, ги тргна од репертоар токму тие претстави. Македонската публика вечерва ќе ја има можноста да види новата претстава во продукција на „Перипетија“, Сараевски ратни театар САРТР и МНТ, а Ризова толкува главна улога. Претставата „Нема да биде крај на светот“ во Босна и Херцеговина „собра“ неколку важни награди, меѓу кои и за главна женска улога за Ризова.

Со неа разговараме за предизвикот да се работи со колеги од друга земја, но и да се настапи повторно дома.

Дарја Ризова (фото: Дени Ингилизовски)

Претставата „Нема да биде крај на светот е голем успех. Ви донесе награда во БиХ, многу позитивни критики и аплаузи. Што значат наградите и признанијата за Вас?

– Најдрагоцено ми е кога ќе препознаам како мојот живот влијае на моето творечко битие и обратно. Тоа за мене е нераскинлив љубовен спој и во добро и во лошо. Во таа смисла, најголема награда за мене е секој нов предизвик, секое ново одење во непознатото. Спрема својот позив и понатаму да ја имам и чувствувам истата страст, одговорност, љубов и потреба.

Каков предизвик е да се биде дел од претставата „Нема да биде крај на светот“?

– Кога прв пат ја прочитав драмата, веднаш ја почувствував како моја, почувствував како низ мене поминува нешто, некаква енергија. Има такви улоги во животот кои на прво читање поминуваат низ вас, оставаат трага, како да се знаете од некој минат живот и се создава таа конекција. Претставата се занимава со универзална тема. Темата за семејство, која нè засега сите нас и зазема посебно место. Како постапките на нашите родители влијаат врз нас и нашите постапки и какво влијание ќе имаат врз нашите деца? Сите ние сме осетливи на нашето семејство, се обидуваме да дадеме сè од себе, да го заштитиме и на своите да им овозможиме подобар живот. Со сета болка која ја носиме во себе да умееме да си простиме. Маша е претставник на оние „мали луѓе“ со големи проблеми (што би рекол авторот на овој текст Аднан Лугониќ), оние кои немаат друг избор, кои ги носат своите трауми како белег, чувството на загуба и празнина во нивната душа. Луѓе што патат и не можат да избегаат од пропаста на сопствениот свет. Твојот живот е само твој и е еден и секое време е твое време.

Како реагираше босанската публика на претставата?

– Процесот беше полн со љубов, посветен, инспиративен. Претставата е работена во сосема нови околности и среќна сум што баш оваа претстава по година и пол поради пандемијата е враќање во театар за мене. Многу ми е драго и сум благодарна на сите убави зборови и коментари што ги добивме. Имам впечаток дека публиката по нашата претстава си заминува со истиот внатрешен свет кои ние го имаме, а тоа значи дека сме направиле добра претстава. Кога ние чувствуваме таква енергија и емоција на сцена, тоа што го носиме во нас се пренесува на публиката. Како што талентот со многу работа си го наоѓа својот пат, така и добрата претстава допира и си ја наоѓа својата публика, баш таква искрена и чиста.

Каква соработка имавте со колегите? Има ли работи што ве поврзуваат или можеби ве раздвојуваат актерски?

– Веќе некое време сум на релација Скопје – БиХ. Во Зеница ја работев претставата „Отело“ од Шекспир, копродукција помеѓу Босанско народно позориште, „Перипетија“ и МНТ. Гостувавме во Народно позориште во Сараево. Со претставата „Разговори во четири очи“ од Бергман гостувавме во Народно позориште на Република Српска во Бања Лука, како и на меѓународниот театарски фестивал „Денови на Јурисиава Корениќ“ ов Камерниот театар 55 во Сараево. На МЕСС ја игравме претставата „Електра“. Се случи премиерата на „Нема да биде крај на светот“ во Сараевскиот воен театар САРТР. Учествувавме на фестивалот ИТФ ЖивиФЕСТ и се вративме со четири награди.

Фото: Драган Гајиќ

Публиката беше жедна за театар, а ние со огромно уживање игравме. За тоа зборува фактот дека последните две мои награди на МЕСС и ИТФ Живи фест се токму во БиХ. Можам да кажам дека ме врзуваат убави спомени, а искуството е непроценливо. Запознав прекрасни колеги кои чувствувам ќе ми останат пријатели за цел живот. Јазичната бариера не претставува никаков проблем и тоа се потврдува секогаш, а она што нè поврзува е љубовта кон нашата професија.

Ризова во претставата „Бесачи“

Убаво ли е да се игра повторно дома?

– МОТ е еден од најдобрите фестивали и сум многу возбудена дека имаме премиера токму на МОТ и ќе биде на репертоар и во Скопје и во Босна. Русе Арсов е еден и единствен. Секоја чест за реализацијата на фестивалот. Претставите на голема сцена во МНТ не се вратени сè уште. Со нетрпение чекам да ги вратиме – и публиката ги бара, и ние актерите. Ми недостига театарот, ми недостига патот што го поминувам од дома до МНТ, ми недостигаат луѓето со кои што работам, сите сектори, ми фали сцената и публиката. Велаат дека домот е таму каде што ти чука срцето. Среќна сум што сум дома, во мојот МНТ.

Сцена од „Галеб“ (Фото: Дејан Димески)

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.