Љупчо Илиевски, фотограф: Кокино ме предизвика на мегдан што ќе трае долго, многу долго (ГАЛЕРИЈА)

Љупчо Илиевски деновиве е повторно актуелен со изложбата „Чекорење низ Северна Македонија“, поставена кон крајот на јуни во Градскиот музеј во Лученец, Словачка, а ќе трае до 29 август

За големи нешта се потребни големи луѓе. Јас ја имав привилегијата изминативе години да соработувам токму со нив, за што сум им неизмерно благодарен, вели Љупчо Илиевски, еден од најистакнатите македонски фотографи. Во последните десетина години како да му се залепи епитетот „човекот што го фотографира Кокино“, но во неговата четиридецениска кариера може да му се припишат многу прекари: ловецот на драматичните театарски сенки, човекот обземен со лустерот во Офицерскиот дом, портретистот на камената мома во Куклица… За себе вели дека не фотографира, туку со светлината пишува наизглед неважни теми, кои ги обработува долг временски период и со голема посветеност.

Од отворањето на изложбата во Лучанец

Љупчо Илиевски деновиве е повторно актуелен со изложбата „Чекорење низ Северна Македонија“, поставена во Градскиот музеј во Лученец, Словачка, кон крајот на јуни, а ќе трае до 29 август. Следна дестинација на авторската изложба е Братислава.
– Тешка беше селекцијата на фотографии. Да ја презентираш Македонија и репрезентативно да ја покажеш во светот е голема задача и обврска. Сепак се одлучив за 45 колор фотографии со изведен формат кои професионално и со голема кураторска тежина беа поставени во словачкиот музеј – вели Илиевски.

Изложбата е во рамките на мултимедијалниот проект „Одблизу, оддалеку“ во кој Словачка им дава можност на сите што живеат таму, а не се родени во земјата, да ја претстават својата татковина. Така Сашо и Данка Тодоровски решиле да ја претстават Македонија. По долги разговори и двојби, Илиевски решил да ја прифати нивната понуда и да подготви изложба. Поставката ја сочинуваат повеќе групи на фотографии, секоја од нив е објаснета со текст на новинарката Силвана Бркуљан, а сите текстови се преведени од Данка Тодоровска.

– Ако сакаш Македонија да ја доживееш целосно, мора да ја вкусиш, со автентична храна и вино за да биде уживањето целосно. За отворањето подготвиле македонски специјалитети, се точело македонско вино. Сето тоа го обезбедиле Сашо и Данка Тодоровски и нивниот прјател Красимир Дамјанов, кој по мајка е од Лазарополе. Жал ми е што не можев да присуствувам на отворањето, но со големо задоволство можам да кажам дека поставката изгледа многу убаво. Тоа е заслуга на вработените во музејот кои со својот ангажман, визуелност и естетика ја направија изложбата несекојдневна, за што сум им многу благодарен – вели Илиевски.

Една од групите фотографии е посветена на археоастрономската опсерваторија Кокино, која ја илустрира и насловната фотографија за изложбата. Илиевски веќе 8 години го фотографира Кокино. Вели: кога си често таму, се случуваат различни згоди и незгоди. Еве една од нив:
– Датумот за фотографирање го одреди физичарот Ѓоре Ценев. Одиме на Кокино за да ни ја покаже траекторијата на движењето на Месечината, мене и на Ванчо Стојкоски. Ни го покажа местото и времето на изгревање и нејзиното движење до зенитот со напомена дека сето тоа треба да се реши во еден кадар. Јас одбирам соодветен објектив, филм со осетливост за таа светлина (тогаш се фотографираше со аналоген фотоапарат), статив што одговара итн. Дојде денот за фотографирање. Стасавме на Кокино и се наместивме. Бидејќи тогаш немаше можност да го наместите апаратот да фотографира на определено време т.е. минути, Ванчо го задолжив да гледа на штоперка и на секои 20 минути да го отвораме капакот на објективот и да го експонираме во соодветно време. Теоретски, беспрекорно функционираше. Се појави Месечината, токму каде што ја очекувавме, направивме неколку фотографии на секои 20 минути и одеднаш почна да дува ветер. Прво јас се обидував да го смирам стативот, а со тоа и фотоапаратот, потоа истото го стори и Ванчо, а на крај ни се приклучи и Ѓоре. Ветерот беше сè погласен, а шегите за моето фотографирање сè поголеми. Следниот ден го развивам филмот и има што да видам: првите неколку фотографирања на Месечината се одлични, се додека ние не сме почнале да го држиме стативот. Оттогаш месечината оди во цик-цак, небаре е машина за шиење која порабува некое платно – се сеќава Илиевски.

Кокино

Изминати се 8 години од неговото прво искачување на Кокино. Во меѓувреме Ѓоре Ценев (денес покоен) го промовира Кокино како мегалитска опсерваторија единствена на Балканот, но и во цела Источна Европа. Претходно во 2005 година НАСА го потврди истото прогласувајќи ја за четврта по значење мегалитска опсерваторија во светот.
– Кокино како Кокино не се дава, како да се штити или бара причина да се дружиме почесто, но и подолго, откривајќи дел по дел од своите убавини. Но и ние се појачуваме со членови од „Македонско истражувачко друштво“. Во состав: Ѓоре Ценев, Ванчо Стојковски, Даниел Атанасов, Никола Ценев, Љупчо Илиевски, надополнето со искуството на Чедомир Арсовски. Да се биде на Кокино е чест, а да му се излезе на мегдан е храброст измешана со лудост. Веќе осум години изминаа, но ниту Кокино да попушти, ниту јас да прекинам да го фотографирам и да ја прикажувам повеќеслојната убавина… – вели Илиевски.

Од изложба во Германија во 1995 година

Македонските фотографи ретко имаат можност со самостојна изложба да се претстават во странство. На прашањето колку овие преставувања се важни и за самите автори, и за промоција на фотографската уметност од нашата земја, Илиевски вели дека ова прашање треба да се адресира до ресорната институција за култура и уметност – Министерството за култура.
– Зборувајќи за Кокино запоставивме врвни изложби во кои е вложено многу време и труд. Стручната фела, медиумите, особено новинарите од културните редакции и воопшто јавноста, сите се со идентичен став. Фотографските изложби ја надополнуваат ликовната уметност. Ние откриваме и прикажуваме природни убавини, реткости и раритети, искреирани се уметници преку театарска фотографија. Воопшто, изложбите се извонредно прифатени од публиката. Ќе набројам неколку од нив: „Траги“ – за лустерот од некогашниот Офицерски дом во Скопје, „Припитомување на крикот“ – тетарска фотографија од МОТ во период од 14 години, „Убавините ги живееме“ – изложба за Преспа, „Чекорење низ Македонија“ – прв дел, прикажана во Италија, „Осамени, а вечни“ – две видувања. Едниот е крстот на Водно како симбол на градот, другото видување е стари крстови со орнаментика, кои ја отсликуваат културата на живеење на овие простори – раскажува Илиевски.

Преспа

Разговорот го завршуваме со еден фасцинантен момент од многуте доживавања на местото каде што нашите предци пред илјадници години ги набљудувале ѕвездите.
– Стигнувам горе уморен, но со чуство како да сум освоил некој од највисоките врвови во светот. А таму… глетка за помнење… и останав без здив. Но затоа пак ми се активираа сите други сетила. Знаев, знаев дека во истиот миг ме маѓепса со својата убавина. Бев предизвикан на мегдан што ќе трае долго, многу долго, зашто Кокино ги крие своите исконски убавини и е многу таинствено, па треба време за да се откријат тие напластени убавини, но треба и душа, и фантазија, а Кокино заслужува и искреност и почит. Си ветив себеси дека ќе мора да најдам начин да го пренесам сето тоа на моите фотографии – завршува Илиевски.

Серија „Кокино“

Серија „Траги“

Серија „Убавините ги живееме“

Серија „Осамени, а вечни“

Од претставата „Колобан“ изведена на фестивалот „Војдан Черднодрински“ во Прилеп

Фотографии (освен од отворањето на изложбата во Словачка): Љупчо Илиевски

Сподели