Почина актерката Сабина Ајрула-Тозија – легендата на македонското глумиште

Во 76-тата година од животот денеска почина актерката Сабина Ајрула-Тозија. Легендарната актерка до последен здив не ја напушти актерската професија. Во последните неколку години беше дел од малите ТВ-екрани. Играше во ТВ-сериите „Фамилијата Марковски“, „Зоки Поки“, „Сулејман Величествениот“.

Сабина Ајрула е родена на 17 април 1946 година. Беше препознатлива по својата појава, извонредниот талент, но и трудот што го вложуваше во секоја улога.  Во своето долгогодишно искуство соработувала со повеќето реномирани македонски и странски режисери. Нејзината посветеност кон актерската креација се препознава и во улогите на театарските сцени и на филмското платно и пред телевизиските екрани. Без разлика дали станува збор за улога во детска претстава, на целовечерна претстава, некое гостување, или филмска и/или телевизиска ролја, Сабина Ајрула создава на ист начин – искрен, внимателен, посветен, едноставно човечки топол и непосреден.

Сабина Ајрула играше главна улога во филмот „Кајмак и мед“

По завршувањето на средното образование во Економското училиште „Моша Пијаде“ во Скопје (1965) се вработува во Драмскиот театар – Скопје (1967) на чија сцена остварила повеќе од 70 ролји. Освен на матичната сцена играла во скоро сите македонски театри, како и во повеќе независни театарски продукции.

Во позначајните ролји по кои ја препознава публиката и за која е наградена се вбројуваат: Лисјена во „Болва во уво“ од Жорж Фејдо, во режија на Димитрие Османли (1974), Гертруда во „Хамлет“ од Шекспир, во режија на Слободан Унковски (1977), Фатиме во „Солунски патрдии“ од Миле Попоски, во режија на Коле Ангеловски (1979), Џеси во „Добра ноќ, мајко“ од Марша Норман, во режија на Мето Јовановски (1987), Ким Фулер во „Дамите“ од Аламоод Пол Зиндел, во режија на Виолета Џолева (1993), Агнеса во „Игранка во времето на Лунаса“ од Брајан Фрил, во режија на Александра Ковачевиќ (1995), Лени во „Злостори на срцето“ од Бет Хенли, во режија на Карма Ибзен (1995), Герасија Кузмич Петрина во „Платонв“ од Чехов, во режија на Димитар Станкоски (1999), Хекуба во „Орест“ од Еврипид, во режија на Стојан Стојановски (2004) и многу други.

Сцена од филмот „Жед“ (Сабина Ајрула, лево)

Таа ја толкуваше и улогата на Мајка Тереза, во претставата „Светица на темнината“ од Венко Андоновски, во режија на Нина Николиќ (МКЦ, 2011). Нејзиниот опус брои повеќе од седумдесеттеатарски ролји со кои настапувала и на познатите театарски фестивали во земјата и надвор, како што се Дубровничките летни игри, Охридско лето, МТФ Војдан Чернодрински – Прилеп, на фестивалите во Шибеник, Каракас,Стеријино позорје – Нови Сад, МЕСС и многу други.

Освен на театарските сцени, активно учествува во телевизиските и филмски продукции. Ги издвојуваме позначајните:Време без војна, Итрата вдовица (ТВ филм, 1969), Ветер во кутивче кибрит, Жед, Јад, Исправи се Делфина, Оловна бригада, Време, води, Црвениот коњ, Јужна патека, Полноќно сонце, Јазол Тетовирање, Ангели на отпад ,Контакт, Сенки. Играла и во телевизиските серии Илинден (1982), На наш начин, Солунски патрдии, Трето доба, Салон Хармони (1998). Освен во македонска, игра во телевизиски серијали и од турската продукција, како што е нејзиното учество во познатата серија Величенствениот (2011-2014).

За своите актерски креации наградена е неколку пати: Наградата на ревијата Екран најдобар актер, за улогата на Агнеса во претставата „Игранка во времето на Лунаса“ (1996) и Наградата „Св. Климент Охридски“ за повеќегодишна творечка работа (1996). Ја доби и нагрaдaта зa живoтнo делo “Вoјдaн Чернoдрински”  2015 год.

Во почетокот на годинава, Сабина Ајрула-Тозија имаше мозочен удар.

Сподели