Со доделување на наградите за најдобра илустрација, најдобар текст и најдобра сликовница во целина вчера во Младинскиот културен центар во Скопје беше затворено 6. издание на Меѓународен фестивал на литература и илустрација за деца „Литера“. Наградата за најдобра илустрација „Си беше еднаш… Најубавите бајки на сите времиња“ илустрација Наталија Лукомска, адаптација на текст Оливера Ќорвезироска, издание на „Арс ламина“. Лукомска ќе има своја изложба во рамките на „Литера 2025“.
Награда за најдобар текст доби Живко Грозданоски за „Белите глувчиња / Страшната наезда на зелените вошки / Црните овци“ со илустрации на Воскресија Андреевска, издание на „Чудна шума“. Награда за сликовница во целина е „Ѕуница“, со текст на Бранислав Николов, илустрации на Иванка Ниба, едиција „Светулка 2“, издание на „Арт & Арт студио Батев“. Признание доби СОС Детско село за вложување во креативни изданија што промовираат инклузивност и Халкбанк А.Д. Скопје, како општествено-одговорна компанија за поттикнување на развојот на визуелната култура кај децата преку ликот на Халки.
Пред доделувањето на наградите илустраторката Наташа Андонова која го изработи плакатот за „Литера 2024“ одржа работилница. Потоа перформанс имаа средношколци од приватното средно училиште „Мариф“, па илустраторката Наталија Лукомска и Ана Несторовска-Саздовска од „Арс ламина“ одржаа работилница за деца.

Наталија Лукомска
Во образложението за наградите се вели:
Во ова дело Наталија Лукомска ни ги отвора портите на најубавите бајки во светот преку еден поинаков, нејзин свет. Добро познатите ликови од приказните ни ги претсатвува преку чисти форми и јасен ликовен израз. Преку нив таа ги изразува емоциите на ликовите и карактерите на поедноставен начин нè воведува во комплексен свет. Користи фигурација со убава стилизација и геометризација. Текстурите се убави, потсетуваат на старите приказни на источноевропските уметници, но со еден исклучително свеж и модерен приказ. Илустрацијата се движи со убава динамика низ приказните, особено преку впечатливиот контраст, иако е ограничена палетата на секоја илустрација. Стилот е задржан низ целата книга во една исклучителна хармонија.

Живко Гроздановски
„Белите глувчиња / Страшната наезда на зелените вошки / Црните овци“ се три поединечни, но поврзани приказни. На многу автентичен, интересен начин ù се приближува на детската публика, нудејќи неверојатен хумор што може да го разберат и најмалите.
Ова издание е подеднакво интересно и забавно и за возрасната публика. Грозданоски се навраќа на старите добри поговорки и им дава своја интерпретација. Тој ги прави разбирливи и адаптирани за децата, а ќе ве засмеат и вам читајќи им ги на децата. Го издвоивме текстот на оваа сликовница затоа што е посебен, различен, оригинален и се навраќа на слатката детска рима.

Иванка Ниба
„Ѕуница“ е приказна за снежната земја во која сè е црно и бело, каде четирите другари, Бојана, Птицата, Зајчето и Мендо трагаат по Сонцето за да им ја врати пролетта и боите. Бранислав Николовски низ поетската сказна, во одличен ритам и рима, со внимателно избрани зборови ја втурнал дружината во смела авантура – да ја вратат бојата во својот свет. Иванка Ниба во чекор го следи, на почеток со црно-белиот цртеж каде ни ги открива полека карактерите во сликовницата. Таа умешно ги користи контрастите на позадината со илустративните елементи. На почеток користи чисти и едноставни геометризирани форми, кои полека прераснуваат во површини исполнети со форми, наместа неуредни елементи кои добро функционираат во комбинација со геометризацијата, за повторно да добие смирен ритам во кој полека се внесува боја. Круна на двата елемента, текстот и илустрацијата кои одлично се надополнуваат, е пораката за другарство во книгата која на децата им пренесува моќна порака на преубав начин.






