Промоција на „Дни, години“ од Димитар Башевски во библиотеката „Браќа Миладиновци“

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска во 12 часот ќе биде промовирана книгата „Дни, години“ од Димитар Башевски, издание на „Слово“. За делото тој ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за 2023 година на Струшките вечери на поезијата. Градската библиотека во Скопје со децении традиционално го претставува добитникот на престижната награда за најдобро домашна поетска книга меѓу две изданија на СВП.

На промоцијата ќе говори Иван Додовски, а стихови ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски. Според жирито за минатогодишната награда „Браќа Миладиновци“ на СВП, „Дни, годии“ претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија.

„Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство“, напиша комисијата.

Сподели