Писателката Лидија Димковска учествува на книжевна резиденција во Лондон, во рамките на која ќе бидат организирани повеќе настани. Димковска денеска ќе настапи на Меѓународниот поетски фестивал во организација на Националната поетска библиотека при Центарот „Саутбанк“ во Лондон. На фестивалот, основан од Тед Хјуз во 1967 година, таа ќе учествува во дебатата „Мојата уметност, мојот активизам“, како и на поетското читање во чест на 70-годишнината од постоењето на Националната поетска библиотека која претставува најголема јавна колекција на поезија во светот.
На 25 јули, Димковска ќе има книжевна вечер во книжарницата „Вотерстоунс“ во Кентербери на која, заедно со преведувачката Патриша Марш Стефановска, ќе го претстават изборот од нејзината поезија „Како е тоа?“ што неодамна излезе на англиски јазик во Велика Британија.
Неделникот „Тајмс Литерари Саплмент“ во своето последно издание објави извонредна критика за изборот, а британскиот музичар Кристофер Бенстед заедно со словенечката кореографка Андреја Подржавник подготвија танцов перформанс базиран на поезијата на Димковска со кој на 29 јули ќе настапат на меѓународниот летен фестивал на Сардинија.
На почетокот на месецов таа веќе настапи со поетско читање и разговор на меѓународниот поетски фестивал во Ледбури.





