Лидија Димковска: Го разбирам светот како поле на културен соживот меѓу народите

Сѐ ми се чини дека моите книжевни настапи во наредните месеци ќе бидат на „зум“, а веќе сум уморна од онлајн-средби и настани. Единствената реална средба во овој период со моите современици – писатели се книгите, а ние, писателите, пред сѐ сме и треба да бидеме читатели – вели Димковска

Суштината на пишувањето не е поврзана со надворешното вреднување, бидејќи тогаш кога пишувам, кога сум сама со пенкалото или тастатурата, јас сум во една поинаква, тешко опислива состојба во која создавајќи литература, создавам нов свет, нова реалност – вели Лидија Димковска, еден од меѓународно највреднуваните македонски писатели. Три децении Димковска ја поставува македонската книжевност на пиедестал, подеднакво успешна и плодна и како поетеса и прозаист. Автор е на наградуваните романи „Скриена камера“ (2004) „Резервен живот“ (2012), „Но-Уи“ (2016), збирката раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“ (2019), „Рожби од исток“ (1992), „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), збирката поезија „Нобел против Нобел“ (2001).

Лидија Димковска (фото: Наташа Купљеник)

Како пандемијата влијае на Вас? Се одрази ли на Вашата работа, учества на фестивали?

– Веројатно не постои човек на светот кому не му влијае пандемијата, на еден или друг начин. Трае мошне долго и станува еден вид „нормалност“ што лично не ја прифаќам како таква. Секој ден одново се надевам дека ќе заврши веќе еднаш оваа нова реалност во која се обезличија и животот и смртта. Секоја бројка во статистиката на смртта е цел еден живот, животна приказна на човек кој не е повеќе меѓу нас, а можел да биде да не се разболел од коронавирусот. Нашиот свет стана губилиште, а уште колку време ќе биде таков е, пред сѐ, наша одговорност и грижа.

Во уметничка смисла времето на пандемијата како време на криза е апсолутно едно од најинтересните времиња за уметниците. Соочена со радикалните егзистенцијалистички, духовни и физички предизвици на пандемијата и јас како авторка барам и изнедрувам, пред сѐ, индивидуален, крајно личен одговор на прашањата што ми ги наметнува и свеста и потствеста. Песните што ги пишував овој период се прилично тешки, остри и за мене суштински разговори со себеси и со светот. Чувствувам дека во нив сум и крајно ранлива и крајно моќна. Иако не напишав ниту една конкретна песна за коронавирусот, во нив како да ја пренесувам тежината на времето во кое живееме. Самиот наслов на поетската збирка која наскоро ќе излезе во издание на Или-Или и ги содржи песните напишани за време на епидемијата, „Гранична состојба“, е многу реален и многу симболичен наслов и на мојата индивидуална и на нашата колективна внатрешна и надворешна состојба. Истото се обидов да го загатнам и и во неколкуте есеи што ги напишав, а прашањето на егзистенцијалната положба на човекот меѓу блискоста и отуѓеноста е главно и во приказната на новиот роман што полека, но сигурно се обликува. Но, парадоксално, јас сум апсолутно среќна личност тогаш кога пишувам, без разлика на каква тема.

Лидија Димковска

Страницата Reading Women Worldwide, неодамна ја стави „Резервен живот“ на листата на 10 омилени книги за 2020 година, а британскиот The Calvert Journal и на листата од 100 книги од ЈИЕ и Азија, заедно со книги од Горан Стефановски и Румена Бужаровска. Ве радуваат ли вакви признанија?

– Секако, тоа се убави мигови – признанијата, пофалбите и успесите ѝ годат на човековата душа, но умот брзо заборава на нив. Во годината на коронавирусот на моето писмо му се случија многу слични мигови кои на шега ги нарекувам „чуда за три дена“. Сепак, суштината на пишувањето не е поврзана со надворешното вреднување бидејќи тогаш кога пишувам, кога сум сама со пенкалото или тастатурата, јас сум во една поинаква, тешко опислива состојба во која создавајќи литература, создавам нов свет, нова реалност.

Учествувавте и на онлајн-поетска средба во Њујорк,на поетски читања во Австрија, саеми на книгата во Романија и на Деновите на југоисточната литература во Цирих, Швајцарија. Успеаја ли авторите во оваа затвореност да најдат начин да им се блиски на читателите, а и вие меѓу вас како фела?

– Секако, и авторите сакајќи или не, побараа излез во виртуелната реалност, во „зум“ и останатите платформи за да можат да бидат со своите читатели, а и едни со други. Имав среќа што можев во живо да присуствувам на поетскиот фестивал што се одржа во Виена, Австрија, во јануари, а кој се пренесуваше преку „зум“, значи без публика во салата. За мојата космополитска природа беше интересно доживување патувањето во Виена среде епидемија, со тест и пред и по патувањето, со тишината на виенските улици и со светот што го гледав низ прозорецот на возот како реалност што постои, иако повеќе не ја гледаме. Му се радував и на патувањето во Цирих кон крајот на февруари каде што се одржаа деновите на книжевноста од Југоисточна Европа, но овојпат со моите колеги и читатели се сретнавме само во виртуелен облик. Мислев дека барем саемот на книгата во Лајпциг најавен за крајот на мај е навистина реална можност за нас, авторите кои бевме поканети и лани, да можеме конечно и да присуствуваме на саемот, но пред некое време го откажаа и овогодинешниот саем. Сѐ ми се чини дека моите книжевни настапи во наредните месеци ќе бидат на „зум“, а веќе сум уморна од онлајн-средби и настани. Мислам дека единствената реална средба во овој период со моите современици – писатели се книгите, а ние, писателите, пред сѐ сме и треба да бидеме читатели.

Посветена сте и на превод на литература од словенечки на македонски јазик. Колку е важно преку литературата да се доближуваме едни кон други?

– Една од најголемите радости во оваа година на пандемија за мене беше тоа што словенечката авторка Јана Бауер ја доби наградата „Друга приказна“ на истоимениот фестивал во организација на „Темплум“ токму за книгата за деца „Грозовилата во Страшната Шума“ во мој превод на македонски, а и целото издание на фестивалот беше именувано според оваа чудесна книга и за деца и за возрасни. Пред неполн месец излезе и втората книга од оваа серија, „Грозовилата и дивата зима“, исто така во мој превод и таа во издавачката куќа „Артконект“. Книгата во целост ја преведов за време на пандемијата, па ми беше како мевлем врз рана, ме обвиткуваше со својот раскажувачки топол текст и сега одвај чекам да ги видам реакциите на малите и големи читател/ки и на оваа книга. Добрата литература е универзална и сечија, во неа сме заедно тогаш кога секој поединечно се задлабочува во нејзините длабочини и височини.

Како македонската литература да биде поблиска до Европа, до светот?

– Секако, со преводи без кои книжевните дела остануваат во рамките на националната литература, јазик и култура, гетоизирани во себе не можат да станат дел од „светот како поле на културен натпревар меѓу народите“, како што би рекол Гоце Делчев. Додуша, во натпревари во областа на културата и не верувам, ниедна култура во својата суштина нема за цел да се натпреварува со останатите, јас го разбирам светот, пред сѐ, како поле на културен соживот меѓу народите. Македонската литература која за мене не е само литературата напишана на македонски јазик, туку и литературата што во Македонија ја пишуваат сите, без разлика на јазикот и националноста, е едно од најголемите богатства на македонската култура и така треба и да се однесуваме кон неа: да ја објавуваме, преведуваме, промовираме, да му ја нудиме на читателот без разлика на кој јазик може да ја чита. Не правејќи го тоа, покажуваме дека не ни е грижа за македонската литература и култура.

Македонската литература се преведува најчесто инцидентно, самоинцијативно или од ентузијастички преведувачи и издавачи во светот кои знаат да ја ценат нејзината вредност, но вистинската поддршка мора да потекне од Македонија. А погледнете ја интернет-страницата на Министеството на култура и ќе видите дека последиот конкурс за финасирање преводи на странски издавачи е од 2019 година. Можеби конкурсот е вечен, без временски ограничувања?

Не знам, но знам дека таквиот однос кон странските издавачи, а и кон македонските автор(к)и е крајно несериозен. Веќе нема земја во нашето опкружување и пошироко која систематично не се грижи и не ги поддржува преводите на своите автори на други јазици. Словенија, на пример, има не само фонд за преведување, туку и фонд за печатење на книгите од словенечките автори во странство, па странските издавачи мошне лесно се одлучуваат за нивно објавување. Исто така, она што загрижува е и тоа што немаме ни доволно преведувачи на странски јазици, односно тие можат да се избројат на прсти.

Лидија Димковска (фото: Наташа Купљеник)

Дали ги препрочитувате Вашите дела откако ќе ги објавите?

– Иако немам намера, ги препрочитувам тогаш кога морам да проверам превод на некоја од книгите на јазик што го знам. Во тој случај морам внимателно да ги исчитам и оригиналот и преводот за да можам да му сугерирам на преведувачот ако нешто не е правилно преведено иако тоа ретко се случува. Понекогаш на тој начин откривам некоја печатна грешка или лапсус во оригиналот, па гледам тоа да не се повтори и во преводот. Моментно ги проверувам преводите на „Но-Уи“ на англиски и на „Кога заминав од Карл Либкнехт“ на хрватски и можам да кажам дека моите преведувачки Борјана Прошев-Оливер и Кристина Крамер ги превеле книгите како да се напишани на хрватски, односно англиски јазик. Интересно искуство имав и со преслушувањето како своевидно препрочитување на книгата „Кога заминав од Карл Либкнехт“ која пред кусо време излезе и како аудиокнига во „Самоглас“ и преку гласот на извонредниот актер Лазар Христов расказите првпат ги доживеав со сетилото за слух.

Ја следите ли македонската книжевна сцена и кои се вашите фаворити меѓу помладите автори?

– Секако ја следам, во Љубљана имам огромна библиотека со македонска книжевност, мојот најголем патнички багаж секогаш се книгите, особено кога заминувам од Македонија. За жал, некои од изданијата од годината на епидемијата сѐ уште ме чекаат низ книжарниците во Скопје и мило ми е што наскоро ќе можам да ги набавам. Претпотчитам да читам книги во физички облик, а не на екран, особено романи, па веќе им се радувам на најновите книги и од помладите и од постарите автори што излегоа во последно време. Фаворити би требало да се книгите, а не авторите, ретко кој автор успева да објавува само одлични, врвни книги и тоа е така од почетокот на книжевноста. Книгите би требало да се вреднуваат индивидуално, иако е пожелно да се читаат во контекстот на целокупното дело на еден автор/авторка. Денес се чини дека луѓето повеќе ги знаат автор(к)ите одошто нивните книги, а неретко и харизмата на авторот/авторката преовладува над вредноста на неговите/нејзините поединечни книги. Како што би рекол еден мој пријател – повеќе се лајка, одошто се чита. Но, факт е дека македонската книжевност денес се чита и се сака повеќе одошто пред неколку децении и за тоа се секако заслужни и помладите автори и авторки, но и сите оние кои имаат што да кажат во книжевноста, на автентичен и најдобар начин, а според мене, такви автори и авторки има во сите генерации на македонската книжевност.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.

Сподели