За мене летањето со параглајдер е еден вид на изразување на слобода бидејќи слободното движење низ сите правци во воздухот нуди едно посебно чувство – вели нашиот најдобар параглајдерист
Параглајдеристот Александар Гацевски од Скопје е единствениот од Македонија и од Балканот кој деновиве учествува во суперфиналето на Светскиот куп по параглајдерство што викендов почна во швајцарскиот ски-центар Дизентис и ќе трае до 18 август. Ова не му е прво суперфинале на Светскиот куп на страстниот параглајдерист.

Александар Гацевски
– Чувството е единствено и тешко е да се опише. Ако за некој фудбалер врвот на кариератa е да игра во финалето на Лигата на шампионите, кај параглајдерството тоа е учеството на Суперфиналето – вели Гацевски.
За да се стигне до суперфинале на Светски куп треба да имате одличен пласман (максимум топ 30) на некој од 5-те светски купови што се одржуваат секоја година. А за да се најдете на тие купови, треба претходно да имате одличен пласман на некој од пониско рангираните натпревари, објаснува тој.
Суперфиналето на Светскиот куп се состои од 11 потенцијални натпреварувачки денови, во зависност од временските услови. Александар вели дека првиот викенд немало услови за реализација на летови.
– Збирните резултати од секој ден поединечно го даваат победникот на Суперфиналето. 25% од резултатите се бришат со цел како победник да се добие оној кој секојдневно се труди на максимален пласмен, за сметка на оној кој се стреми со просечен пласман да биде високо пласиран на крајот – вели тој.
Како се одвиваат подготовките за ваков натпревар? Според Александар, летачките подготовки се главни, но секако многу помага да си во добра физичка. Особено е важна менталната подготовка, бидејќи и кратко губење на фокусот за време на летањето значи губење на позицијата.

– За мене летањето со параглајдер е еден вид на изразување на слобода бидејќи слободното движење низ сите правци во воздухот нуди едно посебно чувство. Понекогаш летањето ми е и еден вид на вентил, а понекогаш и причина за дружење со колегите параглајдеристи – вели Гацевски.
Го прашавме на што размислува кога лета. Тој вели:
– На ништо. Едноставно сум фокусиран на летот и на моето движење низ воздухот. Додека летам јас сум форма на движење и пловење низ воздухот.
Гацевски би сакал да ги воведе и неговите две деца, четиригодишните близнаци, во тајните на летањето со параглајдер.
– Но, би оставил тие самите да одлучат дали ќе летаат. Планирам да ги земам годинава на тандем летање – вели тој.
Минатата година, во јули, Гацевски го сруши македонскиот рекорд во летање со параглајдер и прелета 215 км за 8,5 часа. Тој се занимава со овој спорт во последните 18 години.
Сосема случајно Гацевски се вљубил во параглајдерството. Во 2003 година параглајдеристи му побарале помош со нивниот автомобил од Водно, додека се подготвувале да полетаат. Така паднало муабет и тој да проба еден ден да лета тандем.
– И тогаш, влезе чивијата – вели Гацевски.
Насловна фотографија: ФФМ





