Пред половина век ткаењето се пренесувало од колено на колено, денес разбоите се музејски експонати

Работилницата за ткаење се одржа во Чифте амам, а инспирација е изложбата на дела од Димче Коцо

Пишува: Катерина Богоева

Група љубители на уметноста се обидуваат да создадат таписерија инспирирани од делата на Димче Коцо, историчар на уметност, критичар и ликовен уметник кој остави силна трага во македонската уметност. Со дрвени рамки пред себе и волница околу нив, се обидуваат низ оптегнатите нитки да го проврат конецот. Инспирација е самата галерија во Чифте амам, во Старата скопска чаршија каде се одвива работилницата. Во галеријата се изложени 150 таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на творештвото на Димче Коцо.

Александра Зиновски-Вилиќ, кустос во Националната галерија на Македонија вели дека подолго време била подготвувана изложбата, на која се изложени голем број таписерии кои претставуваат значителен дел од неговото творештво. Таа ја организира работилницата за изработка на таписерии.

– Инспирирани од овие прекрасни дела организиравме работилница за ткаење за возрасни која се одржа во една од салите помеѓу изложените таписерии. Предизвикот е уште поголем кога ќе помислиме дека до пред половина век ткаењето, како занает, се пренесувало од колено на колено, а денес пак разбоите стануваат музејски експонати. Присутните на работилницата ткаеја на мали дрвени разбои (рамки) и морам да забележам дека сите различно го доживуваа овој процес – од возбуда поради прва средба со оваа вештина, чувството дека се создава уметничко дело, до опуштање и медитација. Со досегашното искуство кое галеријата го има со реализираните работилници, а интересот е навистина голем, нè охрабрува и нас покрај примарната дејност која се однесува на зачувување и промоција на македонската култура, да се ангажираме на вакви креативни процеси кои ќе ја будат љубопитноста, кретивноста, па конечно и уметникиот дух кај оние кои не се во директна врска со уметноста – вели Зиновски-Вилиќ.

Изложбата ја подготвија Славица Алексоска, Маја Чанкуловска-Михајловска и Маја Неделкоска Брзанова, виши кустоси во Националната галерија на Македонија. Димче Коцо е наш најпознат историчар на уметноста кој со својата сестрана активност во 20 век ја раздвижуваше научната мисла во Македонија, во сите области поврзани со историјата на уметноста. Учествувал во основањето на Филозофскиот факултет и Институтот за историја на уметност, градењето на нови генерации историчари на уметност, создавањето и раководењето со нови музеи, нови научни списанија, вршел обемни научни истражувања и автор е на голем број научни трудови. Имал богата општествена активност и оставил зад себе богато и вредно сликарско и скулпторско творештво – велат од Националната галерија.

Роден е на 10 октомври 1910 година во Охрид. Извесно време го посетувал Уметничкото резбарско школо во Охрид. Истовремено почнал да го посетува уметничкото занаетчиско училиште во Белград и да студира Историја на уметност на Филозофскиот факултет во Белград, каде дипломирал во 1936 година. Учествувал во Народноослободителната борба и комесар на Охридската бригада. По завршувањето на војната, се вратил во Скопје каде веќе од декември 1944 година, почнал да работи на формирање на првиот македонски Народен музеј во Скопје, основан 1945 година и бил негов прв директор. Тој е еден од основоположниците на Филозофскиот факултет во Скопје. Бил директор и на Археолошки музеј во 1952 година, од кога датираат почетоците на големите истражувачки зафати во Стоби, Чепигово, Демир Капија и Радолишта.

Членувал во ДЛУМ од 1945 година, а од 1969 година Коцо бил дописен член на МАНУ. Бил долгогодишен член на одборот на град Скопје, сојузен народен пратеник на град Скопје, председател на Музејското конзерваторско друштво на Македонија, претседател на Републичкиот совет за култура на СРМ, член на Југословенската делгација на УНЕСКО итн.

 

Фото: Денис Јагџи, Национална галерија на Македонија

Сподели