Анџела Агелер: Културата допира до места каде што политиката не може

Во Кочани беше промовиран веќе завршениот проект – обновениот „Споменик на слободата“, ремек-дело на Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ, а во Скопје беше најавена обновата на Аквадуктот која допрва ќе почне

„Амбасадорскиот фонд на Соединетите Американски Држави се всушност пари на американските граѓани кои плаќаат данок. За нас ова е многу важно. Вложуваме во заштитата на културното наследство зашто сме свесни дека во тешки економски времиња, тешко е да се одржува сево ова богатство. Затоа сакаме да помогнеме на македонските граѓани во зачувување на ова светско наследство“, рече вчера американската амбасадорка Анџела Агелер на промовирањето на два проекта од областа на културата и заштитата на културното наследство што добија поддршка од амбасадорскиот фонд на САД. Во Кочани беше промовиран веќе завршениот проект – обновениот „Споменик на слободата“, ремек-дело на Глигор Чемерски и Радован Раѓеновиќ, а во Скопје беше најавена обновата на Аквадуктот која допрва ќе почне.

Археологот Силвана Блажевска (лево), министерот Зоран Љутков и амбасадорката Анџела Агелер

Во придружба на министерот за култура и туризам Зоран Љутков, Агелер прво го посети објектот во Кочани, каде присуствуваа претставници на семејствата на Чемерски и Раѓеновиќ, градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, раководителот на проектот за санација, академскиот сликар и лиценциран конзерватори Владимир Симеонов, конзерватори, претставници од музеи, заводи за заштита на културното наследство и многу други. Обновата на споменикот почна во 2020 година, а вложени се вкупно 245.300 американски долари.

Монументалниот споменик на слободата е подигнат во 1981 година во чест на 40 годишниот јубилеј од НОБ. Во споменичниот комплекс, архитектурата, скулптурата и сликарството се преплетуваат во една целина. Ѕидните платна се истовремено градежни и вајарско-сликарски елементи, кои носат мозаици во вкупна површина од 330 квадратни метри. Пред интервенција дури 80 отсто од комплексот бил во исклучително тешка состојба.

– Амбасадорскиот фонд најчести е насочен во заштита на древни споменици на култура. Овој прекрасен објект е од поновата историја и горди сме што можевме да помогнеме да се сочува. Честитки до конзерваторите и до сите што беа вклучени во работата. Оваа земја има огромно историско богатство. И тоа е богатство на сите нас. Ѝ припаѓа на оваа земја, но сите доаѓаме да уживаме во оваа убавина – рече Агелер.

Љутков се заблагодари за поддршката во зачувувањето на културното наследство. Тој нагласи дека од 2001 година досега од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД, за зачувување, конзервација и реставрација на нашето културно наследство се доделени околу 2 милиона долари.

– Конзервацијата и реставрацијата на „Споменикот на слободата“ е резултат на заедничките напори на нашата земја и нашите големи стратешки, политички, економски и културни поддржувачи – Соединетите Американски Држави. Благодарение на нивната поддршка продолжуваме со нашите заложби за обезбедување долговечност на овој навистина репрезентативен споменик од поновата историја на нашата земја – рече Љутков.

Градоначалникот Папазов рече дека споменикот е сочуван за идните генерации и најави физичко обезбедување, видеонадзор и повеќе содржини кои ќе ги привлекуваат и граѓаните на Кочани и регионот и многу туристи. Санацијата на објектот се одвиваше под надлежност на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Штип, но во недостиг од конзерватори во земјава беа ангажирани и искусни конзерватори кои се веќе во пензија.

Проектот за санација на скопскиот Аквадукт изнесува 205.000 американски долари, а предвидува конзерваторски активности на осум арки. Проектот е под надлежност на Конзерваторскиот центар од Скопје, а раководителка е Мирка Илоска, советник-конзерватор. Таа објасни дека Аквадуктот потекнува од 6 век, а низ годините многупати бил доградуван. Специфичен е поради комбинираната техника на градба, издржал многу премрежиња низ вековите, го преживеал и Скопскиот катастрофален земјотрес.

Љутков рече дека се во процес на експропријација на дел од земјиштето на Аквадуктот. Крајна цел е објектот да биде ставен во полза на културниот туризам и економскиот развој. Агелер, задоволна од текот на денот рече:

– Каков начин да се помине денот! Тука сме покрај овој величествен објект. Оваа програма ми е навистина важна и горди сме што помагаме да ги одржуваме овие објекти живи. Навистина културата допира до места каде што политиката не може – рече таа.

Од 2001 година до денес, од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД заштитени се 18 објекти од македонското културно наследство, со вкупен фонд од 2 милиона долари.

Сподели