Ова ќе биде акустичен, интимен концерт – гитара, виолончело и глас. Ќе изведуваме авторски композиции на македонски јазик, претежно од албумите „Батанија“ и „Крстена вода“. Ќе биде нежно и со боцки – вели Роџевски.
Гитара, виолончело и глас, нежно, но и со боцки – таков ќе биде концертот што утревечер во 20.30 часот во салата на Македонскаата филхармонија во Скопје ќе го одржи Крсте Роџевски заедно со виолончелистката Томика Рид. Роџевски секогаш е радост да се слуша, без разлика во каков состав настапува. Соработката меѓу Роџевски и Рид започна пред десетина години, кога Рид свиреше виолончело на ‘Bitter Almonds’, вториот студиски албум на Роџевски. Ќе настапат пред македонската публика по шест години, по настапот на OFFest во 2019 година. Како најава на концертот ќе настапат Дина Јашари и Вера Милошевска-Јосифовска.

Крсте Роџевски одвои време за кратко интервју за Умно.мк.
Какво е чувството да се настапува повторно пред македонската публика?
– Убаво и топло е чувството, текстовите на песните се на мајчин јазик и знам дека публиката ги разбира во сите свои нијанси, архаизми и метафори. А се радувам и дека ќе имам гости во публиката од различни делови на светот.
Томика Рид е ваша соработничка веќе десетина години „Ој љубов“, „Горно Дупени“. Меѓу уметниците мора да постои слична енергија за резултатот на сцена да биде врвно дело. Што вас како уметник ве поврзува најмногу со Томика?
– Тоа што имаме слична музичка естетика и пристап кон композициите. Томика е фри-џез уметник, ама во нејзината музика има и многу дух, негативен простор, емоција и нежност. Исто така, и двајцата сакаме лук, а и Етиопија како култура.

Албумот „Крстена вода“ е ваше комплетно авторско дело, вие пеете и ги свирите сите инструменти. Какво патување беше за вас во целиот процес на создавање?
– Патувањето беше повеќе внатрешно. Тие песни си клокотеа во мене повеќе години, и беа запишани во телефон како скелетни композиции. После ги отворив, ги доработив и направив една целина. А физичкото патување беше само преку реката, една милја, до Бруклин, каде што ги снимив како соло концерт во студиото „Бункер“.
Што да очекува публиката на концертот?
– Ова ќе биде акустичен, интимен концерт – гитара, виолончело и глас. Ќе изведуваме авторски композиции на македонски јазик, претежно од албумите „Батанија“ и „Крстена вода“. Ќе биде нежно и со боцки.
Што ви недостига најмногу од Македонија кога сте во Америка?
– Оригиналноста на битолскиот хумор и прекарите.
насловна фотографија (Томика Рид): Мајкл Џексон





