Кратките експериментални филмови – тема на „Филмската училница“

Кога се појавуваат кратките експериментални филмови и какво е нивното значење во развојот на филмот како уметност и медиум беше темата на 5. сесија од втората сезона на проектот „Филмската училница“ што викендов се одржа во Кинотека на Македонија. Предавач на работилницата беше филмологот Александар Трајковски од Кинотека, и самиот е автор на кратки експериментални филмови. Тој низ повеќе примери ги запозна учениците со феноменот на експерименталната форма во филмот. Трајковски говореше за процесот на опсервација и крупниот план во жанрот на експерименталната филмска форма.

За значењето на експерименталната форма зборуваше Натали Рајчановска-Павлевска, докторанд по теорија на уметноста на Универзитетот во Белград. Таа ги запозна учесниците со краткиот историјат на експерименталниот филм и неговите главни фази на развој од 20-тите, 50-тите и 70-тите години на минатиот век и со водечките имиња кои го етаблираа овој правец во филмската уметност.

„Филмската училница“ е проект наменет за учениците од скопските средни училишта, кои под менторство на филмската и ТВ-режисерка Марија Џиџева низ десет сесии, секоја сабота, ќе се запознаат со основите на филмската историја и на филмскиот јазик. Учесниците имаат можност да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела, а низ сесиите на „Филмската училница“ и да креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат. На сесиите гостуваат предавачи-специјалисти за различни области на филмската уметност и теоријата и историјата на филмот.

Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура. Во „Филмската училница“ се вклучени десетина средношколци кои низ различни едукативни содржини и интерактивно-креативно учење се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство. Во реализацијата на проектот учествуваат и: Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски, Арсим Лесковица, Кире Велков и други.

Фото: Кинотека на Македонија

Сподели