Во организација на Пионерски дом – Гевгелија, на повеќе локации низ градот е поставена втората самостојна изложба на фотографот Димитар Новаков. Изложбата е поставена на јавни места, означени на мапа на движење. Траекторијата почнува од Пионерскиот дом, каде може да се добие каталог од изложбата.
– Ова појавување на Новаков освојува со сензибилното документирање на ноќите во неговата родна Гевгелија. Тој нè води низ гевгелиските улици, знајни и незнајни, илуминирани од месечини чии рефлексии шепотат за љубовни приказни. Гевгелија, таинствена, заводлива, автентична, колоритна, убава, љубовна… Секоја фотографија има наративен сегмент кој плени со својата нежност. Структурална компонента во авторовата творечка физиономија овојпат е играта на контрастите. Новаков со својот објектив раскажува за една поинаква архитектура на времето. Време идно, минато или момент помеѓу… – вели м-р Мирјана Крстева Массетти.
Изложбата е дел од годишната програма за култура на општина Гевгелија.





