Интеркултурна вечер посветена на Македонија утревечер во 18.30 часот ќе се одржи во Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта. Пред интернационалните студенти во Унгарија докторантката Татјана Стаменковска ќе ги презентира убавините на Македонија, нејзиниот туристички потенцијал и гостопримливост, а Патриција Бокор, Ботонд Наѓ, Акош Секереш и Ботонд Калман и професорот Златко Панзов од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта ќе зборуваат за можностите за изучување на македонски јазик во Унгарија, за Зимската и Летна школа во Охрид, младинската конференција „Како си ми?“, студиските програми на англиски јазик на универзитетите во Македонија итн.
На настанот ќе можат да се слушнат интересни факти за македонската национална кујна, нејзиниот фолклор, познатите македонски уметници и писатели и активностите на Лекторатот во Будимпешта за презентирање на македонската култура во Унгарија со организирање на „Деновите на македонска култура во Будимпешта“. Настанот го организираат Open Doors Hungary, MiraDoor и Útilapu Hálózat – SCI Hungary, Татјана Стаменковска и Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта. Поради ситуацијата со пандемијата бројот на гости ќе биде ограничен, а ќе има и пренос преку видео стриминг. Настанот ќе биде на англиски јазик.






