Краткиот филм „Мала шега“ на Трифун Ситниковски примен на престижен фестивал во Данска

Краткометражниот филм „Мала шега“ во режија на Трифун Ситниковски, во конкуренција со 4140 кратки филмови од светот влезе во официјална селекција на престижниот филмски фестивал во Оденсе, Данска. „Мала шега“ се најде во официјалната селекција на 149 филма од 39 земји. Продуцент е „ДНФ Филмс“, а во копродукција со ИРЛ од Македонија и Изван Фокуса од Хрватска. На филмот соработуваат „Вардар филм“, а е поддржан од Агенцијата за филм и Хрватскиот аудиовизуелен центар.

ОФФ фестивалот (Меѓународен филмски фестивал Оденсе) се одржува секоја година од 1975-та во срцето на Данска, а кратките филмови кои се прикажуваат на овој фестивал се квалификуваат за „Оскари“ и за Европските филмски награди (ЕФА). Оваа година фестивалот ќе се одржува од 26 август до 1 септември.

Краткометражниот филм „Мала шега“ раскажува приказна за тинејџерска љубов и авантура. Фестивалот го опиша филмот како „емотивна приказна претставена во ноти на летна поезија“.

Продуцент и монтажер е Гоце Кралевски, а копродуценти се Сашка Цветковска и Адријана Пруговечки. Кинематографер на филмот е Сергеј Сарчевски, дизајнер на продукцијата е Александра Петкова. Композитор е Мартина Силјановска, а за костимографијата одговорна беше Марта Дојчиновска. Главните улоги ги толкуваат Јана Никодиновска и Марко Илиевски.

„Мала шега“ е приказна за љубовта и најстрашното нешто во животот на еден тинејџер – анксиозноста од она што претстои. Како што Надија се приближува кон крајот на своето средношколско патешествие, таа се соочува со клучна одлука што ќе ја обликува нејзината иднина. Дали треба да остане во својот роден град меѓу познатото и нејзините стари пријатели? Или треба да оди во странство и да студира? Едно момче ја прави оваа одлука особено тешка да се донесе. Кога чувствата се само другарски, а кога нешто повеќе? Оваа внатрешна борба се развива во позадина на една опасна авантура која секогаш се чини дека кулминира со исповедта „Те сакам, Надија!“

Ситниковски е млад режисер кој работи во филмската индустрија повеќе од десет години и има снимено повеќе од десетина кратки играни филмови и документарни филмови, а моментално работи како режисер на истражувачкиот документарен серијал „Редакција“ во копродукција на Истражувачка репортерска лабораторија и Македонскиот јавен сервис. Овој филм е воедно и прва продукциска работа на ИРЛ на играна содржина во рамки на нивната програма за поддршка на млади филмски автори кои делуваат во областа на филм од јавен интерес.

 

Сподели