Пишува: Ана Витанова-Рингачева
Ако Ван Гог не продал ни пет слики,
ако не се знае Моцартовиот гроб,
ако Хомер пеел за смртта на Хектор за еден пехар вино,
кој е тој човек што би можел да каже за себе
дека заслужил некоја награда
и кој би смеел да ликува поради неа?
(М. Маџунков)
Во светот на уметниците постои еден парадокс. Тие си пречат еден на друг. Тие се закана еден за друг. Уметноста е заедничкиот дом за сите. Општеството со вискоизградена самосвест за важноста на културата, го чува тој дом, го реставрира и ги заменува расипаните светилки, за да не остане во мрак и незабележан за минувачите. Но и мета за ограбувачите. Земајќи го в раце „Ветрилиште“, најновиот роман на Игор Анѓелков, на корицата забележав светилник. Од асоцијациите што надоаѓаа, првата беше за светилникот како најосамената градба поставена на стрмна карпа, високо над морето. Силно удиран од ветровите таму горе, не престанува да им биде патоказ на бродовите и нивните патници. Оттаму погледот има далечен досег.
Уметниците ја носат далековидата мисла како благодатен дар. Утопија ли беше верувањето дека тие се носители на надежта за еден поубав и поправеден свет?! И ако чудовишната алчност по материјални добра, моќ и слава се закана за човештвото, тогаш нели уметноста беше нивна противтежа?! Луѓето се зли и поткупливи, светот одамна е расипана роба во која царува бездушноста… (Ветрилиште). И во тој свет на духовно безредие, свет без устројства, човекот го замолкнува зборот на моралните закони и се приклонува кон масата. А таа, пак, разулавено ита кон некоја посакувана (без)цел отаде хоризонтот. Чудната редукција на естетското чувство (М. Маџунков) која најверојатно се случува бидејќи човекот лесно се подведува на алчност и лукративност, станува закана за уметноста.

Уметноста го ослободува човекот од стравот. А кога не се плаши, тој длабоко ја вдишува слободата и живее за неа. Како читател на „Ветрилиште“, ме обземаше чувство на некаква пријатно доживеана слобода на мислата. Помислив: „Храбро, навистина храбро!“ И така го запознав Борис, Писателот, кому во осмата деценија од животот му претстои свечената церемонија за доделување на највисоката книжевна награда. Читајќи, станав еден од малкуте ликови во неговото опкружување, коишто беа во очекување на големиот ден. Навистина не бев изненадена, оти во мојата земја признанијата или се задоцнети (претсмртни или посмртни одликувања) или никогаш не доаѓаат. Книжевната награда, толку посакуваното парче хартија врамено во евтина медијапан-рамка, станува единственото мерило за вредноста на делото и неговиот автор.
Борис, човекот кој поминувајќи ги сите животни искушенија, како еден вид Сидарта во современиот свет, станува лауреат којшто треба да ја прими големата книжевна награда. Писателот е лик од животната сцена, творец кој сака да биде прочитан и слушнат, кој има што да му каже на овој свет. Но живее убеден дека на светот не му е до неговите романи. Романот „Ветрилиште“ има две сцени поставени како во театарска сала. Едната, онаа напред, видлива за публиката, и втората – онаа поставена во задниот дел зад високите кулиси. Таму актерите се преоблекуваат, менуваат улоги, го повторуваат текстот, вовлекуваат по некој дим од недогорената цигара и истрчуваат напред, подготвено влегувајќи во улогата. Сцената на која Борис треба да ја одигра својата животна улога за него е пишувањето, домот и едно обично секојдневие. Таа сцена е всушност онаа зад кулисите и во театарските гримиорни каде актерот е само човек. Втората сцена на која треба да се појави за да ја одигра својата улога е само навидум широка, навидувам негова и освоена од неговиот писателски талент. Таа е веќе претходно наместена да биде блескава, привлечно убава, а над неа висат лицемерните погледи и насмевки на луѓето (колегите) коишто, веднаш штом се повлечат, со првиот чекор започнуваат да го зборуваат она што вистински го мислат. Кој и зошто му ја доделил наградата, како и кога некој некогаш имал вакво или такво искуство, епизоди од приватниот живот, релативизирање, обезвреднување, измислици и сè така во недоглед.
Блескавата сала на филхармонијата со високи тавани и беспрекорно подредените столчиња на кои треба да седат оние задолжени за аплаузот со призвук на тапо лицемерие, но и оние дојдени тука по службена должност, за Писателот е простор на крајна неудобност и неприпаѓање. Анѓелков сосема едноставно, преку добро изградени гротескни сцени, го опишува текот на церемонијата злоупотребена од политичарите и власта за да се набројат „успесите“ на градоначалникот и министерот, идните проекти, „грижата“ за културата. Форма без содржина. Над студената протоколарност на настаните коишто треба да ја слават книжевноста, лебди некаква загушлива аура на застоен воздух преполн со лажен восхит од делото на лауреатот кој е тука меѓу нас, но никој не го познава, ниту, пак, го прочитал неговото дело. Костумот во којшто е облечен, секако е позабележан од книгата за којашто ја добива наградата, оти и ретко кој во публиката ја има прочитано.
Во очекување на големиот и значаен настан, доделувањето на наградата во филхармониската сала, животот тече, навидум спокојно, тркалајќи се како ситни камчиња по удолница. Во меѓувреме она што се случува во мисловниот свет на Писателот се всушност преумувања за општествениот контекст во кој културата е на маргините, а наградите како оваа, изгубиле на значење.
… Не се јави ниту еден новинар, ниту еден медиум не беше заинтересиран да го чуе мислењето на Писателот во однос на наградата, во однос на општествено-политичките случувања во неговата земја, во однос на животот…
Писателот пишува поттикнат од индивидуалниот порив да го преобрази суровиот свет, кој, пак, во една земја во срцето на Балканот како да се движи по линијата на некаква предвидена апокалипса. Неискосените угари полни со ѓубре, обраснатите пешачки патеки коишто се чистат и обележуваат само пред избори, воздух без кислород, билборди со чудовишни димензии, а на нив лица на политичари кои зајадливо ни се смешкаат просејќи глас повеќе, слогани од празни зборови – слика на едно сиво секојдневие во кое Писателот треба да ја храни својата творечка сила за да создава.
Дури подготвува појадок, размислува за новите генерации во неговата земја, млади луѓе кои живеат за денот кога ќе заминат од оваа пустелија. Изборот на Писателот е да живее во осама, надвор од ѕидините на големиот град. Но, само навидум осамен, Борис катадневно се бори со сите чудовишни мисли изродени од притаениот гнев што го носи, а се пришил за неговата личност и не го напушта.
Книжевното време во романот тече по работ на реалното време, она коешто авторот го живее надвор од страниците на делото. Борис е лик на човек чиешто секојдневие тече по линијата на однапред зацртаната патека. Паралелно на тој живот во движење, внатре во него, како во затворен круг без излез, постои еден сложен свет на мисли, желби, предрасуди, гнев, осуда, разочарување, помирување… Три просторни хронотопски точки ги исцртуваат границите на мисловниот свет на Писателот, но и неговиот живот, воопшто, рамката на целиот негов свет: конакот, како слика од детството, лудницата – застрашувачка слика за денот утре (некои го викаат иднина) и бегалскиот камп како синоним за светот денес – место на бегалци, луѓе со судбина на трагачи по достоинствен живот. Во мислите на Борис како болен оддек надоаѓаат стиховите од песната напишана за судбината на малечкиот Ајлан Курди, несреќното детенце кое, не можејќи да го додржи, морето го исфрли, во болка го поврати, за да му ја покаже на овој луд свет најтажната слика со крвав потпис од човечка рака.
И не е само храбра раскажувачката постапка на Анѓелков… пожелна е, потребна му е на едно општество во кое вредносните судови за нечие книжевно дело се даваат врз основа на бројот на испросени награди. Да се добие книжевна награда подразбира да се има пријатели кои ќе лобираат (што и да значи овој збор во современ контекст), да се биде во тесните кругови (ходници) во кои се движат авторитетите со моќ на одлучување, но и да се очекува вратка во првата прилика кога тоа ќе се побара. И така во недоглед. Кланови во книжевните кругови, навидум поддржувачи, а всушност опасно лицемерни колеги, генерациско разногласие, скришни подметнувачи на приказни и освојувчи на престолот со блескави круни. Стануваат ли писателите колекционери на книжевни награди? Сакајќи да го освои високиот книжевен врв, со погледот упатен високо угоре, писателот сонува за мигот кога ќе стапне на посакувана кота. И се искачува заедно со другите како него. Со забревтан здив и чувство на олеснување стигнува и застанува на местото од кое погледот страсно ги лови бескрајните пејзажи. Убавината трае дур трае денот, до мигот кога ќе се угаси и последниот сончев зрак. А оттаму патот води само удолу, пак по истите стрмнини по кои угоре упорно се движат оние кои при заедничкото искачување биле поттурнати од нечиј лакот.
Ветрилиштето е неограден простор, поткрената височинка околу која силите на природата господарат надмоќно. Нема огради, нема закрила. Отворена арена за соочување со себе и со светот. Токму оттаму Борис сосема јасно ги гледа конакот како место на еден минат живот, бегалскиот камп како слика за суровата реалност и лудницата како крајна точка до која погледот достасува. Анѓелков ја внесува сликата за петелот, сосема неочекуван детаљ, на почетокот и на крајот на романот. Петелот чиј звук го навестува новото надежно утро, носи вест дека Писателот е жив, покрај постојаните физички болки во вратот и десната страна, непостојаниот крвен притисок и висок холестерол. Буден, (раз)буден писател е навистина надежна синтагма, толку потребна на еден народ кому општествено одговорните (читај политичарите) му го анестезираат естетското чувство и потребата за убавото. Писателот со голема П поседува полна семантика бидејќи се однесува на многуте како Борис – тивки гласови кои говорат големи вистини. А кога ќе замолкнат уметниците, светот ќе потоне во мрак, оти со нив ќе умре и вистината за времето. А неизговорените вистини остануваат како потонати бродови на дното од длабокиот океан. Бродските елиси обраснати со живописната океанска флора, а во неа, пак, се населиле чудесни светови кои живеат во длабок мрак, и остануваат таму сè до денот кога случајно ќе бидат откриени. Чиниш бескрајно осамени, како и светилникот кон којшто можеби се упатил бродот, но за жел, не успеал да стигне. Веројатно разорната сила на природата реинкарнирана во бура, ја потонала вистината заедно со нејзините живи гласови. Дремката и нужноста да се задоволи физиолошката потреба на Писателот, Анѓелков ги внесува како сцени кои со боја на гротеска всушност ја сликаат пораката што романот треба да ја пренесе. Бегајќи од светот на кој не му припаѓа, Борис наидува на Марко, таксистот којшто ги прочитал сите негови книги. Тоа беше тој еден човек, за кој Писателот вели: Доволно е да се пишува само за еден човек на овој свет.
Во ништожноста на овој свет единствено литературата останува да трае и тогаш кога завршува земниот живот на нејзиниот творец. Правливите витрини со наградите во нив, за некоја следна генерација ќе бидат само парче стар непотребен мебел со дребулии на него. Славата и великите признанија не ни се однапред дадени. Тие се врвови на високата стрмна карпа, тие се висинските коти коишто чекаат да бидат освоени. На крајот ќе остане да си ги собереме трошките од трпезата ноќта по славјето за добиеното признание, на која ќе се сеќаваат само оние коишто биле повикани. Книжевноста ја поништува материјалната страна на светот, како антитеза на сета не-свест и не-совест. Таа ѝ пркоси на ништожноста и, како постојана недокажаност на мислата, се умножува, ферментира како квасец за творечките пориви на некои нови луѓе.
Веројатно она што останува недокажано е вистинската мера за сè!





