Идентичен изглед, но поширок прстенест ходник, покомотно гледалиште и сцена која ќе може да се прошири на цел партер ќе има реконструираната Универзална сала во Скопје. „Нема да може да се изведуваат спектакли бидејќи сепак правиме реконструкција која налага да ги задржиме основните параметри на објектот. Но, ќе може да се организираат концерти, покомплексни претстави и кинопроекции“, рече на вчерашната прес-конференција архитектот Бујар Муча кој детално го претстави проектот.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека реконструкцијата на објектот почнува на почетокот на окотмври. Инвестицијата ќе чини околу 20 милиони евра што се одобрени од Владата и целосно треба да заврши на крајот на 2027 година.
– Во договор со Град Скопје целосно ги презедовме ингеренциите од Град Скопје. Идејното решение е задржано, но по пожарот се направени дополнителните анализи, побаравме целосно ентериерно и партерно уредување на објектот. Кога ќе заврши реконструкцијата, Универзална сала ќе биде вратена во надлежност на Град Скопје – објасни Љутков.

Зоран Љутков
Архитектот Муча објасни дека од Град Скопје добиле органограм со 50 вработени за кои биле обврзани во проектот да обезбедат канцелариски простории. Поради тоа новата Универзална сала нема да ја има малата сцена каде што во минатото се одржуваа камерни настапи. Тој простор е предвиден за канцеларии. Новата сала ќе ја задржи постоечката форма, ќе има 1.200 седишта – за 300 помалку од првичната.

Бујар Муча
– Тоа беше неопходно за да го задржиме истиот облик. Но моравме да ги почитуваме денешните стандарди, безбедносните протоколи, кои се многу поразлични од тие пред шеесетина години – рече Муча.
За разлика од првичниот објект, каде гардеробите, тоалетите и барот беа во прстенестиот дел во тесниот ходник, сега овие елементи се поместени на краевите на т.н. потковица. Универзалната сала ќе биде пристапна и за лица со попреченост. Сцената ќе биде поширока, а столчињата во партерот ќе може да се отстранат и сцената да биде продолжена во сиот партерен дел.

Специјални ребрести елементи ќе бидат вградени во внатрешниот дел на куполата за да се постигне акустичност во неакустичен објект. Ќе бидат вградени и напредни технички системи за осветлување, аудио-видео и електрични инсталации.
Љутков рече дека Универзалната сала ќе биде подготвена за реализација на програмата за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.

(В.И.И.)
Фото: Министерство за култура и туризам





