Конзерваторите користеле зеленкаст камен на црквата од 14 век за да се разликувал од стариот

Се јавија и археолозите – во поплочувањето на јужниот трем на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане нема само естетско прашање, туку и научно, дециден е Дејан Ѓорѓиевски

Со дозвола од Управата за заштита на културното наследство се врши конзервацијата со зеленкасти плочки на црквата „Св. Ѓорѓи“ од 14 век во кумановското село Старо Нагоричане, еден од најважните средновековни споменици на културата во Македонија, велат од Нациналниот конзерваторски центар (НКЦ), институција која го изработила проектот. Се користат плочки со поинаква боја од црквата за да се направи разлика што е автентично- изградено во минатото, а што е ново, вели Цветанка Хаџи-Пецова, арxитект, советник-конзерватор во НКЦ.

„Св. Ѓорѓи“, 14 век, Старо Нагоричане

И стручната и пошироката јавноста деновиве реагира на материјалите што се користат во конзервацијата на црквата. Прва јавно реагираше Јасмина Зисовска, историчарка на уметност во пензија и поранешен инспектор во Управата за заштита на културното наследство (УЗКН). Според неа „црквата е градена од камен со смирена окер боја, а се местат зеленкасти камени плочи што воопшто не се среќаваат во кумановскиот крај.“ По неа реагираа археолози и други експерти од областа на заштитата на културното наследство.

Умно.мк се обрати со надлежните институции за да објаснат какви интервенции се вршат на споменикот. Според директорот на НКЦ, Мемет Селмани, активностите се според проект за кој има дозвола и одобрение од УЗКН.

– Проектот има конзерваторско одобрение од Управата, одобрен е од стручна комисија. Изведувач на активнстите е фирма кој има лиценца и го добила проектот преку тендер. Проектот е раководен од нашата страна, а надзорот го врши Управата за заштита – објаснува Селмани.

Истажувачко-заштитните активности на црквата „Св. Ѓорѓи“ траат повеќе години. Проектот „Конзервација и ревитализација на културно-туристичкиот комплекс ,Св. Ѓорѓи’“, Старо Нагоричане е финансиран во рамките на ИПА Компонента 1 – ТАИБ 2009. Според Секторот за централно финансирање и склучување на договори (ЦФЦД) во рамките на Министерството за финансии, целта на проектот е зачувување и ревитализација на манастирскиот комплекс преку поттикнување на економската обнова во општината во корист на локалното население и на посетителите; придонесување кон зајакнување на прекуграничната соработка со Србија и преку промовирање на заедничко културно наследство. Вкупниот износ на овој проектот изнесувал 1.123.430 евра. Имплементатори на проектот се: ВИА ДОО Вевчани (Договор за градежни работи); „Планет АЕ“, Грција и Agriconsulting Еurope SA, Белгија (Рамковни договори) и Националниот конзерватоски центар Скопје (Директен грант). Корисници на проектот се Министерството за култура, НКЦ и УЗКН.

Хаџи-Пецова за Умно.мк објаснува дека во изминатите десетина години била извршена непосредна заштита на објектот, на ѕидното сликарство, биле спроведени археолошки истражувања, лани бил поставен оловен покрив, била санирана пукнатина во објектот итн.

– Врз основа на сите претходни активности изработени се конзерваторски проекти за секој дел. Проектот на кој сега се работи се однесува на презентација на археолошките содржини на јужната страна на црквата. Се врши поплочување на две површини за да се презентираат. Бојата на каменот што се употребува е различна за да се направи разлика од постарите слоеви во градбата. Тоа е метод што вообичаено се употребува во конзервацијата – вели Хаџи-Пецова.

Таа објаснува дека проектот го изработил тим од Националниот конзерваторски центар. Според пропозициите, проектот оди на оценка и одбрување во УЗКН. Според Хаџи-Пецова, конкретниот проект го одобрила комисијата составена од универзитетските професорки Елица Манева, Елизабета Димитрова и Елизабета Касапова и на основа на тоа добил конзерваторско одобрение.

– Проектот е сè уште во фаза на изработка. Белите фуги дополнително ќе бидат нијасирани. Не е во ред да се даваат коментари среде проект, додека не е завршена работата. Во реставраторската пракса вообичаено е да се користат различни материјали, за да се разликува реставрираниот дел од автентичниот. Тоа беше идејата на проектот – вели Хаџи-Пецова.

Во меѓувреме реагираше и археологот Дејан Ѓорѓиевски, виш кустос во кумановскиот музеј. Според него, во поплочувањето на јужниот трем на црквата нема само естетско прашање, туку и научно.

– Сања И. Велкоска ги има објавено резултатите од археолошките ископувања во овој дел од црквата, каде што јасно е констатирано постоење на постар објект под денешната црква. Судејќи според сочуваните ѕидови, најверојатно се работи за голем, репрезентативен објект од римскиот период, од којшто можеби и се извадени столбовите кои денеска стојат во нартексот на црквата. Над него, пак, беше пронајдена трослојна некропола, во која, веројатно беа и телата на најстарото монашко братство од манастирот. Со оваа интервенција, целосно се затвора тој пронајден објект. Иако е документиран, тој сè уште може да биде презентиран на разни начини, вклучително и со едноставно покривање со транспарентен/проѕирен под, на кој би се газело, а под кој би се гледале пронајдените структури – едноставна и евтина интервенција, многу поубава од сегашното решение – дециден е Ѓорѓиевски.

Според него, овој случај покажува дека за заштита на ваков вид објекти, потребна е брза интервенција само во ургентни случаи.

– За нивно презентирање пак, потребна е поширока јавна расправа и усвојување на идејно решение кое ќе содржи примена на позитивна пракса при заштита на културно-историски споменици по примерот на западните земји. Моментално, кога ги гледам постарите фотографии кои ги имам направено пред 20 годинаи, жално е што морам да констатирам дека црквата и дворот, иако обраснати со вегетација, изгледаа поавтентично пред да се почнат овие конзерваторски зафати. Иако имаше обезбедени над 1 милион евра средства од ЕУ за црквата, огромен процент беа вратени како неискористени. Се чини дека отворивме повеќе проблеми, отколку што ги решивме… – завршува Ѓорѓиевски.

Црквата „Св. Ѓорѓи“ ја изградил кралот Стефан Урош Втори Милутин (1282-1321) во 1313 година. Според живописот на старата врата, таа е живописана е во 1317 година од познатите солунски зографи Михајло и Евтихиј. По начинот на градење се препознава дека е првично е изградена во 11 век, од Роман Четврти Диоген (1067-1071). Црквата е трикорабна со пет осумстрани куполи. Апсидата на источната страна е од 11 век и е полукружна, а петостраната е доградена во 14 век. Ова е еден од најважните споменици на културата, не само поради архитектурата, туку и поради живописот од 14 век.

Сподели