Црквата е градена од камен со смирена окер боја, а се местат зеленкасти камени плочи што воопшто не се среќаваат во кумановскиот крај, вели Јасмина Зисовска историчарка на уметност од Куманово и пензионирана инспекторка во Управата за заштита на културното наследство
Со зелени камени плочи залепени со широка бела фуга се конзервира плочникот околу црквата „Св. Ѓорѓи“ од 14 век во кумановското село Старо Нагоричане, еден од најважните средновековни споменици на културата во Македонија. Интервенцијата е покрај јужниот ѕид на храмот каде во изминатите години се вршеа археолошки истражувања. Фотографии од објектот објави Јасмина Зисовска историчарка на уметност од Куманово и пензионирана инспекторка во Управата за заштита на културното наследство (УЗКН). Револтирана од налинот на кој се спроведуваат активностите таа ги прозва надлежните итно да преземат мерки за заштита на објектот.

Јасмина Зисовска
– Црквата е градена од камен со смирена окер боја, а се местат зеленкасти камени плочи што воопшто не се среќаваат во кумановскиот крај! Сето ова зачинето со едни бели фуги што бодат очи, можете од Марс да ги видите. Големите „конзерватори“ успеаја да го оскрнават и овој бисер на византиската уметност познат во целиот свет! Не знам колегите имаат ли очи?! Срамота е ова што се прави, а полни ни се устите со нашето богато културно наследство! Колеги археолози, архитекти, историчари на уметност, конзерватори, бекнете нешто! На очи ги изгубивме заштитените добра од особено значење! Отиде Курбиново, отиде Матејче, сега дојде ред на „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане! – револтирано коментира Зисовска.

Црквата „Св. Ѓорѓи“
Умно.мк дознава дека интервенцијата се врши со дозвола од Управата за заштита на културното наследство. Ги очекуваме ставовите од Министерството за култура, УЗКН и Националниот конзерваторски центар, надлежен за заштита на споменикот за состојбите што ќе биде преземено во однос на интервенцијата.
Црквата „Св. Ѓорѓи“ ја изградил кралот Стефан Урош Втори Милутин (1282-1321) во 1313 година. Според живописот на старата врата, таа е живописана е во 1317 година од познатите солунски зографи Михајло и Евтихиј. По начинот на градење се препознава дека е првично е изградена во 11 век, од Роман Четврти Диоген (1067-1071). Црквата е трикорабна со пет осумстрани куполи. Апсидата на источната страна е од 11 век и е полукружна, а петостраната е доградена во 14 век. Ова е еден од најважните споменици на културата од 14 век, не само поради архитектурата, туку и поради живописот од 14 век.

Црквата последен пат е конзервирана во осумдесетите години. Овој храм е еден од најубавите не само во Македонија, туку и на Балканот. Поврзана е со легендата на Прохор Пчињски, еден од првите македонски светители, роден во Овче Поле. Тој бил пустиножител. Во тоа време Роман Четврти Диоген престојувал во овој крај и го бранел од нападите на Печенезите. Ловел тешко ранета срна која се сокрила во пештерата на пустиножителот. Следејќи ја, Роман Четврти Диоген упаднал во испосницата. Прохор Пчињски ја спасил срната, а нему му претскажал дека ќе стане цар. Кога се исполнило престкажувањето тој изградил црква.








Фото: Јасмина Зисовска





