До 30 март трае конкурсот за ученици, таленти за стрип што го организира Стрип центарот на Македонија од Велес во рамките на проектот кој е дел од програмата „Градиме нови мостови“ на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Стриповите треба да бидат на тема прикажување на пријателства што ги надминуваат културните и националните граници и фантастични или научно-фантастични светови каде што се спојуваат ликовите од различно културно потекло, формирајќи сојузи и пријателства кои ги надминуваат измислените културни поделби.
– Целта на проектот е да се зајакне капацитетот на младите луѓе без разлика на етничките разлики да користат стрипови како соодветна културна алатка за промовирање на меѓуетнички дијалог, граѓански вредности и борба против дискриминацијата – вели Томе Трајков, координатор на проектот.
Во рамките на проектот ќе биде организирана четиридневна едукативна стрип-работилница. 12 млади таленти од различни етнички и географски средини кои заедно со програмскиот координатор и едукаторот треба да ги доработат и усовршат своите стрипови.





