Емпатијата е клучен елемент за здрава социјална средина

Децата впиваат повеќе од она што е кажано, па ако родителот му каже на детето, на пример, дека треба да ги почитува туѓите емоции, а самиот не го прави тоа, помала е веројатноста дека детето ќе усвои такво однесување – затоа што родителот го покажува своето однесување, а детето учи по тој модел.

Во светот на емоциите, секоја боја има своја приказна. Додека некои од нив се светли, топли и радосни, други се длабоки, темни и ладни. Но има една боја, особено важна и моќна, која го опфаќа срцето и ги урива бариерите меѓу луѓето – емпатијата.

Емпатијата е емоцијата на месец март, дел од општествено одговорниот проект на „Халкбанк“ насловен како „Емоцијата има своја боја“. Целта на овој проект е емоционален развој на децата преку серија содржини со наслов „Емоцијата има своја боја“. Преку овој проект, тие сакаат да ги поддржат родителите и воспитувачите во нивната улога на животни учители, истовремено обезбедувајќи им на децата подобро разбирање на сопствените емоции и нивно препознавање во животот.

Во текот на месецот што го посветуваме на развивање на емпатијата, нашата мисија во „Халкбанк“ е детално да ја разработиме емоцијата. За да го постигнеме тоа, ние се обидуваме да го нагласиме значењето на емпатијата во односите меѓу родителите и нивните деца, меѓу другарчињата и воопшто меѓу луѓето.

Нашиот стручен соработник, м-р Катерина Димова, специјален едукатор и рехабилитатор, семеен системски советник, го напиша овој текст за да ги поттикне родителите да развиваат емпатија кај своите деца. Не само како важен аспект на емоционалната интелигенција, туку и како средство за создавање здрава и сочувана социјална средина.

М-р Катерина Димова

Преку нашите совети и со помош на соработниците како Димова, ние ви обезбедуваме водич за развивање на врска полна со емпатија, која ќе ги облагороди срцата на вашите деца и ќе помогне за нивен правилен развој.

Доколку и вие сакате да го просветлите вашиот живот со боите на емпатијата, следете ги нашите совети и заедно ќе изградиме поубава и почовечка заедница.

Емпатијата е клучен елемент на емоционалната интелигенција. Емоционалната интелигенција значи способност на една личност да ги согледува, оценува, контролира и изразува своите емоции, како и да ги препознае емоциите кај другите луѓе и да чувствува емпатија. Емпатијата е способност да се разберат емоциите на другите луѓе. Да се чувствува емпатија значи да се разбере што чувствува човекот во одредена ситуација, односно да се претпостави како ние самите би се чувствувале и би размислувале доколку се најдеме во слична ситуација. Емпатијата е нешто што треба да се поттикнува, а започнува уште во најраната фаза од развојот на детето. Така, новороденчето почнува да плаче кога ќе почне да плаче друго бебе во негова близина, или кога двегодишно дете ќе види како некој плаче, му ги дава своите играчки или други работи што би го утешиле во таа ситуација.

Секојдневно во советувалиштето, на индивидуалните и на групните третмани со деца, ја поттикнувам емпатијата преку одредени техники и методи. Таквиот начин на комуникација и однесување треба да го користат и родителите во текот на секојдневната работа со своите деца.

Бидете пример за своето дете

За да се развие емпатија кај децата, самите родители треба да ги разберат однесувањето и чувствата на детето и на другите луѓе во нивната околина. Децата впиваат повеќе од она што е кажано, па ако родителот му каже на детето, на пример, дека треба да ги почитува туѓите емоции, а самиот не го прави тоа, помала е веројатноста дека детето ќе усвои такво однесување – затоа што родителот го покажува своето однесување, а детето учи по тој модел. Потребно е емоциите на детето да се гледаат како можност за поврзување, а не како казна.

Разговарајте за емоциите

Децата често не ги разбираат емоциите што се јавуваат во нив, па затоа е важно да се зборува за нив, на тој начин што родителот ја препознава емоцијата кај своето дете и ја именува, ја опишува и го раскажува своето искуство со таа емоција. На пример: „Гледам дека си тажен затоа што не ти оди добро со домашната задача. И јас сум тажна кога ќе направам некаква грешка во текот на денот. Во ред е да се биде тажен“.

Сочувство со другите

Помогнете им на децата да сочувствуваат со емоционалните состојби на другите.
За да го постигнат тоа, родителите можат да се сетат на ситуација во која нивното дете со одредена акција предизвикало одредена емоција кај друго дете, на пример: „Како се чувствуваше Марко кога го бркавте од вас?“ За таа цел може да се искористи играта „Погоди како се чувствувам“, каде задачата е членовите од семејството и децата да направат различни изрази на лицето и да бараат од децата да ги препознаат. На овој начин децата учат да препознаваат сигнали на лицата кај луѓето.

Предложете им на децата како да покажат емпатија

Овде можете да прашате дете кое, на пример, ја искинало играчката на другарката: „Што можете да направите за да се чувствува Ана подобро поради нејзината искината играчка?“ Дозволете му на детето да ги сподели своите идеи со вас, а вие предложете уште неколку опции. Бидејќи децата имаат тенденција да ги преиспитуваат појавите што ги гледаат околу себе, може да ви помогне и гледањето различни цртани филмови. Можете да ги коментирате ликовите поставувајќи им на децата прашања како што се: „Што мислите, како се чувствува ова мало девојче?“ „Што може да биде причината за тоа?“
На овој начин може да им се помогне на децата полесно да се соживеат со овие ликови за да препознаат како да им помогнат на другите. Истото може да се направи преку различни приказни, книги или слики.

Пофалете го емпатичното однесување

Кога ќе ги забележите првите знаци на емпатија, пофалете го вашето дете. Ваквите знаци јасно покажуваат дека тоа учи како да сочувствува и да се грижи за другите луѓе. Таква ситуација може да биде кога детето ќе му даде играчка на помал брат или сестра што плаче, при што можете да кажете: „Тоа беше многу љубезно од тебе“. Забележувате ли колку тоа го прави среќен? Тогаш вашето дете ја разбира важноста да се грижи за другите, затоа што вие му укажувате на тоа.

Покажете трпеливост

На детето му треба време за да развие емпатија. Емпатијата не е нешто за што директно можеме да ги научиме децата, туку тие ќе ја стекнат преку игра, комуникација, слушање приказни и имитирање на примери од околината, а тоа најчесто е имитација на однесувањето на најблиските.

Емпатијата е важен фактор на социјална поврзаност, солидарност, развој на личниот и на групниот идентитет, заедништво, толеранција и меѓусебно прифаќање. Наједноставно кажано, развиената способност за сочувство е поврзана со просоцијалното однесување, а немањето емпатија често се гледа како дел од различни проблеми во однесувањето, па затоа емпатијата треба да се негува уште од најмала возраст. Праксата и секојдневните случувања ни покажуваат дека имаме широко поле за работа кога станува збор за развој на чувството на емпатија.

М-р Катерина Димова, специјален едукатор и рехабилитатор, семеен системски советник, основач на „Неуроклиник“ – советувалиште за здрав раст и развој, ментално здравје, рано откривање, интервенција и стимулација на деца, адолесценти и возрасни.

Сподели