Да не знаевте дека сте во Скопје, ќе помислевте дека се наоѓате на која било врвна сцена во Њујорк и светска ѕвезда настапува пред вас. Калина Велковска покажа зрелост и однесување кон музичарите, диригентот, публиката каква што само големите уметници умеат.
Зошто големите луѓе го заслужуваат овој епитет покажа завчеравечер маестро Зиги Фајгл од Австрија, еден од најдобрите светски диригенти во областа на диригирање со биг бенд, на концертот на ЗЏМ Биг бендот што се одржа во Филхармонија. Ретко ќе видите диригинт што оддава толкава почит кон секој член на оркестарот. По име и презиме го прозва секој член на бендот и во текот на концертот неколкупати ги претстави пред публиката.
ЗЏМ Биг бенд одржа фантастичен концерт на кој изведоа дела од иконата на музиката на 20 век, Френк Запа. Фајгл опуштен, разигран, цврсто го водеше бендот низ програмата, анимирајќи ја публиката со блиц-информации за изведените дела, и тие што следеа. Тој не е првпат во Скопје. Досега неколкупати настапил со ЗЏМ Биг бенд и рече дека ужива во работата со нив.

Дополнителна вредност беше настапот на Калина Велковска и Сашо Гигов Гиш. Со моќните вокали тие го дополнија концертот кој скопската публика ќе го памети долго време. На страна на фантастичната изведба на ЗЏМ бендот низ варијациите на музиката на Запа, Велкова беше ѕвездата на вечерта. Да не знаевте дека сте во Скопје, ќе помислевте дека се наоѓате на која било врвна сцена во Њујорк и светска ѕвезда настапува пред вас. Велковска покажа зрелост и однесување кон музичарите, диригентот, публиката каква што само големите уметници умеат.

ЗЏМ Биг бенд е една убава приказна која се гради со многу ентузијазам и љубов кон џез музиката. Овој состав тоа го докажува со секој следен настан, со секоја нова соработка. Не попусто нивниот настап во Загреб во октомври имаше одличен медиумски одѕив и комплименти. ЗЏМ Биг бенд ја заслужува секоја поддршка од публиката и од институциите, зашто покажаа дека умеат и во деликатни времиња да опстанат и едноставно да не престанат да растат. Нивниот следен концерт е на 29 декември во Скопје.

Калина Велковска (Фото: Татјана Ранташа)





