Насилството врз жените и девојчињата не е неизбежно. Може да се сопре

Во Филхармонија, македонски поп ѕвезди заедно со публиката ја отпеаја песната „Очи црни“ во аранжман на Џијан Емин и препев на Диме Поповски и Васиа Поповска

„Не молчи, не трај, стави крај!“ е годинешното мото со кое Македонија се приклучува на глобалната кампања против родовото насилство „Обој го светот во портокалово за крај на насилството врз жени и девојчиња, сега!“. Македонските поп ѕвезди снимија песна која синоќа беше промовирана во Филхармонија на централниот настан во рамките на кампањата „16 Дена активизам против родово-базирано насилство“, што ја организираат Обединетите нации, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Кампањата почна на 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жени и девојчиња и ќе трае до 10 декември, Меѓународниот ден на човекови права. Во овие денови се одржуваат настани низ целата земја, презентации, тренинзи, филмски фестивал и панел дискусии.

Во Филхармонија, македонските поп ѕвезди Тамара Тодевска, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Светлана Јовановска, Џон Илија Апелгрин, Лука Ѓоргиевски (Фанк Шуи) и Бранко Николов (Фолтин) заедно со публиката ја отпеаја песната „Очи црни“ во аранжман на Џијан Емин и препев на Диме Поповски и Васиа Поповска.

Елизабета Ѓоргиевска

Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски рече дека нашата земја не е исклучок од негативните светски трендови кога станува збор за родово базираното насилство.
– Повеќето случаи на фемицид се случуваат токму на местото кое треба да биде најбезбедно засолниште за жените, а повеќето од сторителите се сегашен, или поранешен партнер на жртвата – рече таа.

Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир посочи дека анкетата (на ОБСЕ) од 2019 година, покажала дека секоја втора жена во Македонија има искусено психолошко насилство од страна на својот партнер.
– Секоја трета била предмет на сексуално вознемирување, а 14 отсто имаат искусено физичко или сексуално насилство – од партнерите или од други лица – посочи Гир.

Дејвид Гир

Според Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, премногу долго молчењето и стигматизацијата овозможуваат насилството врз жените и девојчињата да продолжи.
– Не можеме да бидеме рамнодушни по ваквите кривични дела. Мора на жртвите да им ја пружиме потребната поддршка за да се чувствуваат безбедни да пријават такви дела и да закрепнат од нивните трауматски искуства рече Која.

Постојаната координаторка на ОН, Росана Дуџак потенцира дека насилството врз жените и девојчињата не е неизбежно. Може да се сопре.
– Очигледно е дека е остварен напредок, глобално и локално. Тоа не може да се порекне. Но, едноставно, тоа не е доволно. Нема да биде доволно сè додека секоја жена и девојче не се чувствуваат целосно безбедни и добредојдени во својот дом, училиште, работно место, онлајн, секаде – рече Дуџак.

Сподели