Изложбата „И јас сум тука“ дел од настанот „Слушнете ги нашите приказни“ во Струга

Изложбата на 20 фотопортрети со лица со попречености од цела Македонија – дело на Тоше Огњанов и Сребра Ѓорѓијевска, денеска ќе биде поставена во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Изложбата чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Шведска, со поддршка на Шведскиот институт, ќе биде дел од настанот „Слушнете ги нашите приказни“. Организатор е „Порака Нова“, Здружение на слепи лица – Струга и Здружението на глуви и наглуви лица – Струга.

Целта на настанот е да се слушнат, видат и прочитаат личните и општествените борби на лицата со попреченост и нивните успешни животни приказни, но и да се продискутира за идни планови во насока на создавање нови успешни приказни.

Моменталната светска популација е нешто повеќе од 7 милијарди луѓе, од кои повеќе од 1 милијарда се луѓе кои живеат со некаков вид на попреченост. Во 1992 година Генералното Собрание на Обединетите Нации одлучи 3 декември да се одбележува како Меѓународен ден на лицата со попреченост, со цел промоција и добросостојба на лицата со попреченост во сите сфери на општеството, а и со цел да се зголеми свеста за состојбата на лицата со попреченост во секој аспект на социјалното, политичкото, економското и културното живеење.

Пораката на овој ден годинава е „Лидерство и учество на лицата со попреченост во создавање на поинклузивен, попристапен и поодржлив пост-ковид 19 свет“.

Настанот ќе започне во 14 часот со промоција на книгата „Клуч“  на авторот Даниел Шикоски. Ќе следува промоција на проектот „Преку вработување со поддршка до независен живот“ на „Порака нова“, како и трибина на тема „Слушнете ги нашите приказни“.

Изложбата „И јас сум тука“ е дел од поголемиот проект „Децата не се раѓаат со предрасуди“, кој се реализира во Македонија во последните две години. Целта е борбата со предрасудите и стереотипите кон лицата со попреченост.

Сподели