Камерниот оркестар „Саша Николовски- Ѓумар“ на Музичката младина на Македонија вечерва во 21 часот ќе одржи концерт во рамките на фестивалот Охридско лето. Диригент е Иван Еминовиќ.
Камерниот оркестар на МММ е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски-Ѓумар, Вања Николовски-Ѓумар, Борјан Цанев, Бисера Чадловска и други. Како признание за постигнатите резултати, во 1995 година оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина.
Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот Охридско лето, а во последните години и на фестивалите Скопско лето и Битолско лето. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.
Иван Еминовиќ е роден во Скопје. Своето основно и средно образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски – Ѓумар, каде во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено здобивајќи се со наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композиција, музикологија и музичка теорија и педагогија.
Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал бројни концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија. Во јули 2018 година диригира со Сараевската филхармонија по повод отворањето на фестивалот „Башчаршиски ноќи“ во Сараево.





