Кога УНЕСКО поместува локалитет на Листата на светско наследство во опасност?

Ова прашање е дефинирано во членот 11 (став 4) од Конвенцијата за заштита на светското и природното наследство донесена во 1972 година

Дали Охридскиот Регион ќе добие уште една шанса или ќе биде поместен на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО ќе биде решено на 44. сесија на Комитетот за светско наследство која од денеска до 31 јули ќе се одржи во Фучжоу, Кина. Поради пандемијата состанокот ќе се одржи онлајн. Центарот за светско наследство на УНЕСКО го објави извештајот на Реактивната комисија која препорачува Охридскиот Регион да се стави на Листата на светско наследство во опасност. Таква препорака доби и Венеција поради крузерите кои се укотвуваат во заштитеното подрачје. Италијанската Влада деновиве забрани влез на огромните бродови во лагуната на Венеција.

За Охридскиот Регион иста препорака беше дадена во 2019 година на сесијата на Комитетот за светско наследство што се одржа во Баку, Азербејџан. Во последен момент делегатите изгласаа на Охридскиот Регион да му се даде уште една шанса. Крајниот рок за поместување на нештата беше февруари 2020 година.

Охридскиот Регион, еден од 39-те во светот

За ова прашање се одлучува според членот 11 (став 4) од Конвенцијата за заштита на светското и природното наследство донесена во 1972 година. Според тоа, на Листата на светско наследство во опасност може да се вклучат само места на кои им заканува сериозна или специфична опасност.
– Закана од исчезнување поради зголемена деградација, висока стапка на јавни или приватни проекти или рапидни проекти за урбан или туристички развој; уништување причинето од измени во начинот на користење на земјиштето; големи промени од непознати причини; запуштеност од каква било причина; избувнување или закана од оружен конфликт; катастрофи и катаклизми; сериозни опожарувања, земјотреси, свлечилишта; вулкански ерупции; смени на нивоата на водата и големи бранови од плима. Комитетот може, во итен случај, да направи нов предмет (влез) на Листата на светско наследство во опасност и веднаш да ја објави оваа промена – пишува во Конвенцијата.

Арапски орикс / Извор: Youtube

На Листата за светско наследство на УНЕСКО во моментот има 1.121 локалитет, од кои 869 се прогласени за светско културно, а 213 за светско природно наследство. Само 39 се мешани, прогласени и за културно и за природно наследство, а Охридскиот Регион е еден од нив.

Од лани и годинава 36 нови номинации

Само два локалитета се избришани од листите во историјата на УНЕСКО – културниот пејсаж од 18 и 19 век на Долината на Елба кај Дрезден, Германија и Резерватот на Арапскиот орикс во Оман. Но, прво овие локалитети биле помесетени од Листата на светско наследство на Листата на светско наследство во опасност. Откако Германија и Оман решиле да не ги почитуваат експертските препораки за заштита на локалитетите, тие се избришани од листите. Но, има повеќе примери на враќање на локалитетите од втората на првата листа. Така, обѕиданиот стар град во Баку оштетен за време на земјотресот во 2000 година и ставен на Листата на локалитети во опасност во 2019 година беше вратен на Листата на светско наследство, а властите во Азербејџан беа пофалени за заложбите да го вратат споменикот во добра состојба.

Поради новиот мост на Елба, Дрзезден беше избришан од Светската листа / Извор: Youtube

Од 53 локалитети на Листата на светско наследство во опасност, само три се во Европа – Средновековните споменици во Косово, Историскиот центар на Виена и Приморскиот трговски град во Ливерпул. Од нив 36 се заштитени како културно, а 17 како природно наследство. Ако делегатитее го поддржат предлогот на Реактивната мисија, Охридскиот Регион ќе биде првиот локалитет со мешано наследство што се нашол на оваа листа.

На состанокот во Кина ќе бидат разгледани и 39 номинации (од лани и годинава) за Листата на светско наследство. Од нив 31 е културен, а 5 се природни предели. Комитетот во 1979 година одлучил Охридскиот Регион да го стави на светската Листа како природно наследство, а веќе следната година и како исклучително културно наследство.
Во понеделникот Македонија и Албанија го одржаа првиот заеднички состанок на националните комисии на УНЕСКО. Тие најавија заеднички стратегиски план со дефинирани цели, иницијативи и проекти за заштита на Охридскиот Регион како исклучителна вредност.

Насловна фотографија: Pixabay

 

Сподели