Сè што е потребно се акрилни бои, алатки за точки, некаква подлога за точкање и секако да се научат основите на техниката
Точките и мандалите се нејзина страст веќе две и пол години. Вели дека создавањето мандала има медитативна и исцелувачка моќ, ѝ го разбудила дизајнерскиот порив што го носела во себе уште од детството. Јасмина Тасевска е креативец од Скопје. Таа смета дека уметникот секогаш создава за себеси, да се осознае, исцели, изрази. Иако првенствено е работа за душа, од срце сака да ја подели енергијата на својата креација со другите.

– Сосема случајно видов мандала создадена со точки и ме фасцинираа боите. Навистина тоа беше љубов на прв поглед. Следниот ден изгледав едно видео и знаев дека мора да пробам. Така ја ставив првата точка и тоа со темперите на син ми и со помош на некои стапчиња што ми се најдоа по дома. Потоа експресно си набавив акрилни бои што се користат во точкањето, а алатките морав да ги почекам затоа што ги немаше кај нас, па ги нарачав. Додека чекав да стасаат ја совладував техниката со сè што имав по дома, а можеше да направи точка. Така почна мојата креативна експресија со оваа техника – ја почнува Јасмина својата приказна.
Вели дека оваа техника е едноставна, истовремено толку многу комплексна. Сè почнува од една точка и никогаш не знаеш како ќе заврши. Едноставно, се предаваш на процесот на креирање и мора да бидеш во мигот.
– Има нешто магично во кругот што се создава, а тоа е неповторливоста и бесконечниот број на можности и комбинации на формите и боите. Сè што е потребно се акрилни бои, алатки за точки, некаква подлога за точкање и секако да се научат основите на техниката. Јас моите креации главно ги создавам на медијапан како подлога, а ми ги подготвуваат сопругот со неговиот тим од „Алка Мебел Стил“ за што многу сум им благодарна. Акрилните бои ги набавувам од продавниците за сликарски материјали, а алатките за точки ги нарачав од странство, затоа што ги немаше кај нас – објаснува Тасевска.

Најмногу ужива во создавањето мандали, но техниката на точкање ја користи за да наслика сè од што се инспирира – дизајни со пеперутка, паун и слично на кутии, нотеси, обетки, приврзоци, ланчиња. Изработила и некои поголеми парчиња – масички за кои вели дека се вистински предизвик поради димензијата, но и прекрасно доживување во процесот на создавање.
– Инспирацијата постои насекаде околу нас, доаѓа од секојдневието, од природата, од боите, формите, цвеќињата, животните, растенијата, емоциите, од внатрешниот порив за создавање. Понекогаш во медитација наеднаш ќе ми дојде некоја идеја, понекогаш ги разгледувам креациите на други мандала артисти, па некоја комбинација на бои е доволна за нова мандала. Најмногу ги сакам мандалите што се создаваат сами, без патерни, без подготовки, само одбирам бои (некогаш и тие се менуваат патем во процесот) и почнува магијата. Боите на виножитото односно чакрите ми се едни од омилените, но сè зависи од моментот на создавање – објаснува Јасмина.
Таа често ги подарува своите дела, а има и интерес од купувачи кои на некој свој начин можат да се поврзат со енергијата на ваквата уметност. Своите креации ги споделува на социјалните мрежи, на фејсбук- страницата Pure Mandala Art и на инстаграм puremandalaart1. Покрај точкањето, Јасмина создава и медитативни аудиоприказни за деца. И тие дошле спонтано.

– Веќе неколку години медитацијата е присутна во моето секојдневие и го живеам бенифитот што го дава. Посакав да ја приближам до децата, а и пишувањето е уште еден начин на креативно изразување на мојата душа. Подолго време ми беше идејата во глава, но инспирацијата протече и дојде во време кога бевме принудени да бидеме дома со карантините и се роди првата приказна „Пеперутката Лила“, а по неа следеа уште неколку. На децата не можеме да им кажеме седни, опушти се, медитирај, смири се, но со една ваква приказна можат да се обидат. Приказните се кратки, медитативни и интерактивни и овозможуваат преку приказна децата од помала возраст да го доживеат и почувствуваат бенифитот на медитацијата – да се опуштат и научат да медитираат преку волшебниот свет на фантазијата. Иако се првенствено за деца, добро им доаѓаат и на возрасните да се опуштат и поврзат со детето во себе. Овие приказни се достапни за секого на јутјуб-каналот Волшебни приказни за деца – завршува Јасмина.






