Лео Поповиќ и Бобан Алексоски како главни протагонисти се фантастични, адаптацијата е исполнета со нивниот емотивен набој во опишувањето на реалноста и очајноста на зависниците, карактеризирајќи ги своите херои со антиципативни гестови и убедлив телесен театар, создавајќи сценска атмосферата полна со напнатост и воздржана иритација. „Кенди“ ќе биде изведена утревечер во 20 часот на малата сцена во Драмски театар, во рамките на „Скопско лето“.
Пишува: Звонко Димоски
Дуодрамата „Кенди“ во режија на младата режисерка Тамара Стојаноска, конструирана е како прецизна и емотивна вивисекција на прашањето поврзано со зависностите кај младите луѓе, нивното секојдневие и заемни односи, како и врските со општеството и сопствените семејства. Инспирирана од романот на Лук Дејвис „Кенди: Роман за љубовта и зависноста“, заедно со дополнителни текстови и ресурси од ХОПС – Опции за здрав живот, претставата се развива како документаристичко истражување на љубовната трансформација на двата лика во немилосрдната потрага по еуфорија, поттикната од притисоците од секојдневниот живот и траумите предизвикани не само од зависностите и долговите, туку и од самото општеството и родителите.
Претставата, исто така е одраз на суровото осудување и дискриминација на нашето современото општество кон корисниците на дрога, ја открива социјалната стигма и институционалната пристрасност кои ги влошуваат проблемите, што доведува до насилство, несоодветен третман во здравствените системи и пораст на инциденти поврзани од таквата институционализирана негрижа.
На почетокот од претставата имаше само идилична љубов, а за публиката беше заводлива, нежна, секси и со најава за разбирлив, мрачен хумор. Приказната го следи заедничкиот живот на вљубените со големи надежи и големи соништа, но, набрзо наместо само двајца вљубени, на сцената се втиснува тројка, а третиот играч, дрогата, почнува да биде немилосрдна со своите барања, својот распоред и во својата успешност сите проби за враќање на нормалноста да ги фрли во некој ќош, претворајќи ги вљубените во немоќни заложници на кошмарниот свет на опојните супстанци.
Стојаноска, во оваа адаптација ја задржува поетичноста и чувствителноста на Дејвис, и слика вистина која го носи гледачот под кожата на ликовите и ги внесува, напати непредвидливо, во самата нарацијата и заедно со него се движи во трансформативен дијалог околу употребата на дрогите, со цел да ја вклучи емпатијата, интелектот и имагинацијата на публиката, без осудување или предрасуди. Таа ги спојува конвенциите на литературата, истражувањата и филмот во една театарска драма за човековото постоење и последиците од направените избори, градејќи, во суштина, превентивна социјална приказна.
Поповиќ и Алексоски како главни протагонисти се фантастични, адаптацијата е исполнета со нивниот емотивен набој во опишувањето на реалноста и очајноста на зависниците, карактеризирајќи ги своите херои со антиципативни гестови и убедлив телесен театар, создавајќи сценска атмосферата полна со напнатост и воздржана иритација. Гледаме како сѐ што овие двајца постигнале со заеднички труд изгледа сомнително, па дури и бесмислено, и домот, и љубовта, и семејството, и детето кое никогаш нема да дојде. Ни покажуваат дека живеат во свет којшто ги доведува во прашање овие вредности, без да стават нови на нивно место, и притоа сè изгледа релативно и разнишано. Вредностите, ако воопшто постојат, не се апсолутни, туку треперат и исчезнуваат. Во секој случај, се чини дека вредат за постојан, не секогаш успешен напор. Во театарот очекуваме актерот да има маска, која не е само збир на гримаси, туку израз на критички однос кон сопственото лице и тело. Тука, двајцата одлично ја доловуваат морбидната експлозивност и раздразливост на наркоманот во сурова, речиси природна состојба. Нивниот копнежот за стабилност станува нивното неподносливо лимбо.
Бесот и болката што блика од нив, многу сугестивно ја надополнува музиката која во живо ја изведува Лука Тошев. Кратките транзиции кон филмот („Кенди“, „Реквием за еден сон“, „Треинспотинг“), кои ги презема Стојаноска, се успешни и гледачот на овој интимен театар останува фасциниран од вџашените лица на актерите, користените едноставни реквизити и од судбината на урнатините што се тркалаат на сцената.





