Откриена „Голема Мајка” од неолитот на Тумба Маџари

Неолитска фигурина од типот на „Голема Мајка“ и амфора открија археолозите на археолошкиот локалитет „Тумба Маџари“ во Скопје. Со оглед на тоа што археолошките истражувања на локалитетот годинава продолжуваат по 10-годишен застој, раководителката на проектот, археологот Елена Стојанова-Канзурова, посочи на уникатноста на наодите од Скопскиот и од Пелагонискиот Регион од неолитскиот период во светски рамки, и токму поради тоа најави апликација за нивно впишување на листата на светско културно наследство на УНЕСКО.

Новите наоди денеска ги претстави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

– Локалитетот наскоро ќе биде прогласен за културно наследство од особено значење и ќе се најде во функција на културниот туризам – рече Љутков.

Од в година, ќе бидат зголемени минималните средства кои годинава се определни за поддршка на археолошките истражувања на локалитетот. Љутков жали што во изминатите години археолошките истражувања биле во застој и се определувале средства само за одржување.

– Веќе е изготвен Елаборат за валоризација на локалитетот и Министерството за култура и туризам ќе даде силна поддршка во заштитата на културното наследство како наш врвен приоритет – рече Љутков.

Тој го истакна партнерскиот однос на Археолошкиот музеј и Општина Газа Баба во одржувањето на вредниот локалитет, и посочи дека грижата за „Тумба Маџари“ е успешен пример на соработка помеѓу централните установи и локалната самоуправа.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски изрази задоволство од продолжување на истражувањата на локалитетот и новите откритија, додавајќи дека тие продолжуваат со негова афирмација и промоција надвор од границите на државата.

Тој ја поддржа иницијативана на Министерството за прогласување на локалитетот за културно наследство од особено значење што, како што рече ќе обезбеди трајна заштита на ова непроценливо културно наследство.

Директорката на Археолошкиот музеј, Славица Бабамова, во годината во која Музејот одбележува 100 години од своето формирање, му врачи награда на градоначалникот Стефковски, за децениската поддршка што ја добиваат во заштитата на првиот музеј под отворено небо.

Сподели