Катерина Јолакоска: Инклузијата во „Еурека“ не ни е непозната тема

Набљудувајќи ги младите со кои сме опкружени, особено оние стотици членови на „Еурека“, разговорот со нив, проблемите со кои се соочуваат одлучивме во претставата „Рефлексија“ на еден поинаков начин да ги акцентираме проблемите 

Уште многу треба да се работи за инклузија во танцот, уметноста, културата. Лицата со попречености имаат големи потенцијали, одлични идеи и можат многу да придонесат за културната сцена. Голем е бројот од уметничките колективи кои не се ни обиделе да инклузираат, од различни причини, а верувам дека секој што ќе се обиде ќе успее и ќе развие одлична идеја. Сепак мора да сме подготвени дека тоа е долг процес, многу работа, бројни откажувања, но резултатот сигурно доаѓа – вели Катерина Јолакоска, основач и идеен творец на танцовото студио „Еурека“ од Скопје. Таа заедно со својот тим посветено и ентузијастички работи во танцот да го вклучи секој што има желба, без разлика на можностите и попреченостите. Инклузивната претстава „Рефлексија“ токму вечерва, на Светскиот ден на лицата со попреченост ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет во Скопје, со почеток во 19 часот. На истата оваа сцена претставата беше премиерно изведена во јуни годинава.

Што претставува „Рефлексија“? Повеќе за идејата и кој се е вклучен во претставата?

– Инспирирани од (Р)еволуцијата предводени од новите генерации, танцовото студио „Еурека“ 22 години по ред ја доближува инклузијата до сите нас, ја води во секој дом и ја прави секојдневие. Набљудувајќи ги младите со кои сме опкружени, особено оние стотици членови на „Еурека“, разговорот со нив, проблемите со кои се соочуваат одлучивме на еден поинаков начин да ги акцентираме проблемите при тоа внимавајќи на изборот на ликовите, на музиката, сценографијата. Размислувавме што е она што може да допре до помладите, но и до повозрасните, а сè со цел да создадеме подобра младина и поубаво место за живеење за сите нас.

Брзината на живеењето, „модерното родителство“ во постојана трка со обврските, во која мора да бидеш сè и да имаш сè, освен доволно време поминато со своите деца, како и лесната достапност на дигиталниот свет-интернетот, ја формираа од младината Генерацијата Зет и неминовната отуѓност од другите во реалноста, отуѓеноста од природата, од себе, како и нетолерантноста, неприфаќањето на различните, што неретко води до затвореност, чувство на неприфатеност, несфатеност, незадоволства, фрустрации, па и ментални проблеми. Ментално-емотивното здравје е здравје на кое недоволно се обрнува внимание и во образованието и во медиумите. Танцовото студио „Еурека“ преку танцот на 220 членови со и без попречености прикажува многу јасна слика на реалноста на музика на Кирил Џајковски. Пренесува моќна, впечатлива порака, не оставајќи никого рамнодушен. Автор на претставата е Катерина Јолакоска, а кореографијата е авторска на Јана Андрејевиќ Лазарова, Андријана Атанасова, Теодора Јолакоска, Ања Јолакоска, Стефани Кралевска, Елена Чекова и Тамара Богатиновска. За маестралното светло е задолжен Милчо Александров, а во стручниот тим се дефектологот Јелица Салтирова и педагогот Даниела С.Кочијева.

Во основата на вашата работа е да се посветувате на сите, секој, без разлика на можностите да се проба во танцот и да го прави тоа што сака. Расте ли интересот и свеста кај лицата со попреченост, а и кај нивните родители, за танцот?

-„Еурека“ е студио кое е отворено за сите што сакаат музички и танцово да се изразуваат. За нас нема бариери ниту физички, јазични, етнички….Ние сме отворени за соработка. Секој што има желба, може да се обиде, да танцува, дали за сцената или пак онака за себе, ако тоа го исполнува. Инклузијата за нас не е непозната тема. Од самите почетоци ги прифаќаме различностите и лицата со попречености. Така и ги учиме нашите членови, дека секој треба да биде прифатен и да се чувствува пријатно во средината во која доаѓа.

Работата со лица со попречености е секогаш предизвик, бидејќи секој час е различен, никогаш не знаеш што те очекува и каде може да те одведе часот. Постојано сме во потрага по нови движења, нови елементи, се со цел да бидеме оригинални на сцената, но и да ги исполниме очекувањата и желбите на овие амбициозни танчери. Ќе кажам дека првиот член во инклузивната група беше Марија Савеска, на нејзе за кратко време ù придружи Мики Стојановски, за сега после повеќе години групата да брои десет члена. Полека, но сигурно, бројот расте. Верувам дека во иднина ќе се охрабрат и нови членови да ни се придружат.

Катерина Јолакоска

Сметате ли дека уште многу треба да се работи за вистинска инклузија на лицата кога станува збор за нивното вклучување во уметнички колективи и желба за изразување? Имаат ли нашите институции културни прво и основно услови за лицата со попречености?

– Искрено, сметам дека уште многу треба да се работи за инклузија во танцот, уметноста, културата. Лицата со попречености имаат големи потенцијали, одлични идеи и можат многу да придонесат за културната сцена. Голем е бројот од уметничките колективи кои не се ни обиделе да инклузираат, од различни причини, а верувам дека секој што ќе се обиде ќе успее и ќе развие одлична идеја. Сепак мора да сме подготвени дека тоа е долг процес, многу работа, бројни откажувања, но резултатот сигурно доаѓа.
Ние сме неизмерно среќни што ги пронајдовме луѓето од Национална опера и балет, тргнувајќи од генералниот директор Васко Ристов, па целиот тим во куќата. Сите одлично ја разбраа нашата визија, мисија и цел и еве веќе неколку години несебично даваат поддршка за лицата со попречности. Но, за жал, имаме многу институции кои немаат слух за тоа, културни установи кои се целосно непристапни за лица со попречености. Ние мора да внимаваме секој еден културен дом, објект, сцена да биде целосно пристапен и достапен за сите.

Каков е планот за „Рефлексија“? Дали имате идеја каде би ја играле, дали можеби има услови да патува низ Македонија на пролет?

– По премиерата „Рефлексија“ беше изведена во Зајечар, Србија и одлично помина пред таа публика. Веќе на 5 декември ќе ја изведеме два пати од 10 и од 11.30 часот во НОБ. Овие претстави се наменети за учениците од средните и основните училишта. Искрено се надевам дека ќе бидат масовно посетени, бидејќи само со вклучување може да ја подигнеме свеста за инклузија.
Ние би сакале да се игра и во другите градови, секогаш сме расположени за нова сцена. За мене претставата треба да биде видена од поголем број на публика, особено млади. Како и за многу нереализирани идеи и за ова единствен проблем се финансиите.

Што најмногу ве исполнува кога работите инклузивни танцови претстави? Што ви прави да се чувствувате горда?

– Среќата на лицата на овие деца, среќата на лицата на сите учесници, новите елементи кои ќе ги откриеме, искрените прегратки, бурните аплаузи и позитивните коментари. Особено сум горда на тимот што несебично се вложува од првиот ден кога започнува да се развива секоја нова идеја.

Сподели