„Како да сум дала дел од себе“ – промоција на првата поетска книга „Аксиома на животот“ на пливачката Росана Гошева

Росана се бави и со пливање од мали нозе. Летово таа се исправи пред нов предизвик – и тоа огромен – да го исплива Охридскиот маратон. Силна желба ја втурнала во водите на патеката „Климе Савин“. Иако не успеа да го исплива, таа научи многу нови лекции за пливањето на отворени води.

„Аксиома на животот“ е насловот на стихозбирката на 17-годишната Росана Гошева што вечерва во 18.30 часот ќе биде промовирана во скопската гимназија „Орце Николов“. Ученичка во третата година во истата гимназија, оваа девојка го сака убавиот пишан збор, пишува зрело, како да не промовира прва стихозбирка.

– Песните ги пишував постепено, без брзање или форсирање. Пишував кога имав потреба. Самата подготовка на книгата траеше околу 1 месец. Се чувствувам исполнето кога ја држам мојата книга во раце; како да сум исполнила дел од себе, воедно и како да сум дала – со оглед на тоа што станува збор за поезија– споделува Росана.

Почнала да пишува детски, чисто, на 12 години, кога почнала да ги запишува своите чувства.

– Така го пронајдов својот душевен мир, по што продолжив со книжевност. Воедно добив поттик и од мојата наставничка во основно образование, Александра Јордановска, да учествувам на поетски натпревари и конкурси со што поезијата не остана само на хартија, туку беше вреднувана и наградувана.

Таа и самата чита поезија и читањето го доживува и како „практична настава за да ја усовршува својата поезија“. Од современата македонска поетска сцена омилени поети ù се Ана Бунтеска и Марко Виденовиќ. Росана ужива и во песните на Влада Урошевиќ.

– Најубаво ми е кога ги слушам песните на Сања Д. Миќиќ. Од историјата на македонската поезија како најомилени поети би ги издвоила Кочо Рацин и Коле Неделковски – вели таа.

Росана се бави и со пливање од мали нозе. Летово таа се исправи пред нов предизвик – и тоа огромен – да го исплива Охридскиот маратон. Силна желба ја втурнала во водите на патеката „Климе Савин“. За жал, не успеа до крај да го исплива, но научи многу нови лекции за пливањето на отворени води.

– Освен желбата, огромната посветеност на моето семејство и бескрајната верба во трудот на мојот тренер, Иван Банов, ми беа поголема мотивација за да ги поместам своите граници. За жал, не ја испливав целата патека, меѓутоа верувам дека сѐ се случува со причина, дека ова е само еден тест за да си докажам себеси дека можам да издржам поголеми предизвици од Охридскиот пливачки маратон. Научив многу од маратонот запознавајќи се со пливачи од Европа и пошироко. Оваа година првпат почувствував како е да се плива на лошо невреме, на моменти дури и борејќи се за воздух. Охридскиот маратон беше лекција за понатамошното пливање на отворени води – споделува Росана.

Секој спортист често си го поставува прашањето дали вреди тоа што го прави, дали би се откажал. Имала краток период кога и Росана сакала да го остави спортот, посебно поради околностите во кои се развива спортот кај нас.

– Сега работите се тотално поразлични. Не сакам да се откажам. Вистина е дека пливањето е многу суров спорт, дека државата не се грижи за пливачите и дека секогаш има причини за да се откажеме. Исто така, секогаш има барем една причина за да останеме на полето во кое се стремиме и целиме. Знам дека со упорна работа и поддршка од вистинските луѓе, сѐ е возможно. Сите придобивки што сум ги добила од овој спорт како личност, како и од тренерите и од сопливачите се доволно голема причина за да продолжам. Исто така, секој пораз е причина за да продолжиме, не за да се откажеме. Секој пораз е дел од патот кој нѐ носи до целта и е дел од процесот. Откажувањето само го раѓа каењето – категорична е младата Росана и додава дека „токму од спортот научила да биде истрајна и дисциплинирана, добро да го организира своето време, и се разбира, секогаш да има на ум дека ништо не е невозможно“.

А што се однесува до поезијата, таа ја подготвува својата збирка, која е ќе биде поразлична од првата.

Сподели