Студенти од сите факултети, повелете на „Скомрахи“ – ви ветуваме незаборавни искуства, порачуваат од ФДУ

„Скомрахи“ за нас студентите претставува чувство. Пет дена полни со претстави, филмови, работилници, незаборавни журки и дружби. Секоја година го чекаме почетокот на ноември за да дојде „Скомрахи“ и да ја почувствуваме еуфоријата и убавината што овој фестивал со долга традиција ја носи.

Студентските средби „Скомрахи“ на Факултетот за драмски ументости и годинава ги обединуваат во Скопје студентите од повеќе европски драмски и филмски академии. Под мотото „Дионизија сега“, тие својата креативност, идеи и енергија ќе ја претстават од вечерва до 5 ноември во повеќе простори во градот – Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот театар, Младинскиот културен центар и „Котур кафе и филм“. Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка… заедно со оние на домаќините – студентите на ФДУ.

Манифестацијата ќе биде отворена вечерва во Драмскиот театар со изведба на „Кралот Иби“ на Алфред Жари, а изведба на студентите на ФДУ. Настаните на „Скомрахи“ се отворени за публиката, со бесплатен влез, а целата програма е објавена на www.instagram.com/skomrahi и www.facebook.com/skomrahi.

 Со концептот на „Дионизија сега”, славиме поврзаност и солидарност со тоа што ја користиме нашата уметност како алатка за да изградиме (создадеме) поправеден свет и да зачекориме кон патот на колективната слобода. Преку „Скомрахи“ ние се запознаваме со различни култури, различни начини на уметничко изразување, стекнуваме пријателство и учиме по нешто ново. Затоа „Скомрахи“ е многу значаен, вели Ангела Лефкова, студентка на ФДУ.

Програмата на 32. „Скомрахи“ вклучува и изложба за реупотреба на театарски „отпад“, колективна перформативна прошетка низ Скопје со Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена“, панел дискусија, разговори по претставите и музички настани.

Ангела Лефкова

– „Скомрахи“ за нас е повеќе од фестивал. Би рекла дека „Скомрахи“ за нас студентите претставува чувство. Пет дена полни со претстави, филмови, работилници, незаборавни журки и дружби. Секоја година го чекаме почетокот на ноември за да дојде „Скомрахи“ и да ја почувствуваме еуфоријата и убавината што овој фестивал со долга традиција ја носи. Исклучително важно е младата публика да дојде и да посети барем неколку претстави и филмови. Имам чувство дека сè помалку младата публика посетува театар и е заинтересирана за нашите претстави и проекции на филмови што се случуваат на ФДУ. Затоа „Скомрахи“ е одличен начин да се привлече младата публика која се надеваме и по фестивалот ќе продолжи да нè посетува. Оваа година на „Скомрахи“ имаме гости од Словенија, Швајцарија, Украина, Романија и од Белгија и мислам дека е одлична шанса за младите да дојдат и да видат различни претстави и филмови од овие држави. Ние го посакуваме нивното присуство, а за возврат им ветуваме незаборавни искуства – вели Талија Ѓорѓиева, студентка на ФДУ.

Талија Ѓорѓиева

Паралелно на програмата, на ФДУ ќе се одвива и работилница за развој на колективен перформанс што ќе биде изведен на последниот ден од средбите, а во чие создавање, покрај студентите на ФДУ ќе учествуваат сите учесници на Скомрахи, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и Одделот за дизајн и инжинеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ- Скопје, студенти од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театарска педагогија на Академијата за уметност „Фонтис“ од Тилбург, Холандија, како и неколку уметници од локалната дрег сцена.

Годинешните „Скомрахи“, целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување низ екстатичноста на Дионизиските церемонии. Иако припаѓаат на далечната историја Дионизиите се’ повеќе стануваат потребни како одговор на затвореноста, исклучивоста и насилството на денешниот свет. Наспроти нив, студентите на „Скомрахи“ повикуваат на здружување низ прегрнување на сите наши различности, посебности и противречности. И на колективно ослободување преку свечено заедништво..

Средбите годинава се поддржани од ФДУ/УКИМ, Министерството за култура и Europe House.

Фотографии: Наташа Величковска

Сподели