Станува збор за ведра приказна која дава коментар на денешницата од светот на маркетингот, профитот и за лажните или пак вистински личности кои ги величиме и им се поклонуваме – вели актерот Сашко Коцев
Македонските актери Јелена Јованова и Сашко Коцев ги толкуваат главните улоги во романтичнаа комедија „Нешто слатко“, што деновиве ја снимаат во Словенија. Режисер на филмот е Тин Водопивец, кој е и косценарист заедно со Уршка Мајдич од Словенија.
– Во разработката на дијалогот голем влог има и Сашко Коцев кој скромно се иззема од оваа позиција, а јас нескромно би го пофалила неговиот талент – вели Јованова.
Таа ја толкува Каја, главната женска улога во филмот.
– Улогата беше пишувана за Словенка, но после поминат – за нив неуспешен кастинг-процес и потрага за Каја во Словенија – одлучиле да ја бараат надвор од нивните граници, па така таа ме најде мене. Добра, изгубена Алиса во земјата на чудата, хаосот и кловновите со последните сили се мобилизира да не потоне и да се спаси наоѓајќи ја и љубовта по пат – вели Јованова.
Филмот се снима во Љубљана со млада и суперентузијастична екипа, додава актерката на Македонскиот народен театар.
– Нам ни е забавно, се надевам ќе се забавува и публиката која ќе може да го види филмот следната година. Во „Нешто слатко“ зборувам хрватски и малку словенечки јазик. Се одлучивме за таа варијанта од едноставна причина што многу Хрвати работат во Словенија, па присуството на хрватскиот во секојдневниот живот овде не е воопшто нов и чуден – вели Јованова.
За неа ова е седми меѓународен филмски проект, за што вели дека е благодарна за секоја доверена улога досега.

Јелена Јованова и Сашко Коцев
Како Сашко Коцев стигна до улогите на Ацо Мајсторовски и на Гоги?
– Продуцентот и режисер Тин Водопивец е мој пријател со кој се запознавме пред десетина години и сме имале доста заеднички стендап-настапи во Скопје, Белград, Љубљана и едноставно од секогаш знаевме дека носиме слична естетика во творењето. Кога ме покани за овие улоги, беше јасно дека ја пишувал за мене и дека со сигурност ќе прифатам – вели Коцев.
Во филмот тој зборува на македонски, српски и по малку на словенечки јазик. Овој филм жанровски е комедија на забуни и најмногу наликува на француските филмови на Франсис Вебер или Ален Шаба. Станува збор за ведра приказна која дава коментар на денешницата од светот на маркетингот, профитот и за лажните или пак вистински личности кои ги величаме и им се поклонуваме, објаснува нашиот актер.
– Она што ме привлече да го прифатам овој проект е предизвикот дека играм две дијаметрално спротивни улоги. А, секако и тоа што ова е мој прв игран филм кој жанровски е комедија. Снимачките денови се многу забавни, се надевам сето тоа ќе се рефлектира и на крајниот резултат на филмското платно – вели Коцев.
За некој ден му завршува снимањето, а кон крајот на октомври ќе треба да снима уште некој ден, кога ќе заврши и снимањето на филмот. Премиерата е планирана за мај в година.





