Со своите прилози во 1953 година, како член на редакцијата на списанието „Разгледи“, Николовски се смета и за прв постојан ликовен критичар и основополжник на ликовниот живот во земјава
Пишува: Катерина Богоева
Одбележувајќи ја стогодишнината од раѓањето на историчарот на уметноста, Антоние Николовски (27 октомври 1920 година) и 30 годишнината од неговото заминување (15 септември 1991 година), издавачката куќа „Каламус“ и Центарот за културно и духовно наследство објавија и две значајни публикации. Станува збор за монографијата со наслов: Антоние Николовски – „Македонските зографи од крајот на 19. и почетокот на 20. век (Андонов, Зографски и Ванѓеловиќ)“ и за каталогот „Фото архива на Антоние Николовски за македонските зографи од крајот на 19. и почетокот на 20. век (Андонов, Зографски и Ванѓеловиќ)“. Монографијата е реиздание на научната студија на Антоние Николовски за најзначајните сликарски имиња од последните децении на 19. и почетокот на 20. век: Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски и Коста Ванѓеловиќ. Во каталогот, пак, е презентиран дел од богатата фото-документација создавана низ повеќегодишните теренски истражувања на творештвото на овие зографи. Иако се објавени како посебни изданија, со сопствен придонес за истражувањата од областа на историјата на уметноста, тие, како што укажува историчарот на уметноста, Александар Василевски, претставуваат интегрална целина.

Антоние Николовски
-„Македонските зографи од крајот на 19. и почетокот на 20. век: Андонов, Зографски и Ванѓеловиќ“ е второ издание на ова капитално дело, првпат публикувано во 1984 година од Националниот завод за заштита на културното наследство – Скопје и наградено со највисокото признание за достигнувања во науката, со наградата „11 Октомври“. Научните опсервации направени во него се дополнети со богатата фото-документација презентирана во каталогот кој содржи избор од непубликувани фотографии на Антоние Николовски коишто претставуваат најзначајна документација на Андонов, Зографски и Ванѓеловиќ – вели меѓу другото Василевски.
Уредникот на „Каламус“, Дарко Николовски потенцира дека целиот свој живот Антоние Николовски го посветил, пред сé, на службата за заштита на културното наследство и на историско-уметничката наука, а се смета за еден од основоположниците на македонската ликовна критика, на конзерваторската и музејската, како и на педагошката дејност. Тој извршувал и раководни функции во областа на културата, бил долгогодишен директор на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, како и професор по историја на уметностa – нов век, на Филозофскиот факултет во Скопје. Неговите проучувања на Бигорскиот манастир како и на творештвото на зографите: Димитар Андонов Папрадишки, Ѓорѓи Зографски и Коста Вангеловиќ, според Дарко Николовски, ќе останат како трајно наследство во македонската култура.

Списанието за културното наследство, споменици, реставрација, музеи „Патримониум.мк“ на творечкиот ангажман на Антоние Николовски му го посвети бројот 7-8 во 2010 година. Во истата година, „Каламус“ ја објави и електронската верзија на книгата „Споменици на културата на Македонија“, каде Николовски е еден од нејзините автори, заедно со Коста Балабанов и Димитар Ќорнаков. Една година подоцна е објавена и книгата „Студии за доцновизантискиот и периодот на преродбата (19. век) во уметноста на Македонија“ чиј автор е исто така Антоние Николовски.
Тој е роден во Смолари кај Струмица. Студиите ги завршил на Филозофскиот факултет во Загреб, на групата Историја на уметноста со класична археологија во 1952 година. Со своите прилози во 1953 година, како член на редакцијата на списанието „Разгледи“ се смета и за прв постојан ликовен критичар и основополжник на ликовниот живот во земјава. Автор е на повеќе стручни трудови, меѓу другото и на текстовите поместени во книгата „Ликовни критики, есеи“, објавена во Скопје во 1997 година.






