„Потребите од промена на Правилникот за археолошки истражувања“ е насловот на јавната трибина која утре во 12 часот ќе се одржи во Музејот на град Неготино. Јавната расправа ја организира Македонското археолошко друштво. Свои излагања ќе имаат: проф. д-р Драги Митревски од Филозофскиот факултет во Скопје, д-р Силвана Блажевска од археолошкиот локалитет Стоби, д-р Александра Папазовска од Археолошкиот музеј, д-р Сања Ивановска-Велкоска од Националниот конзерваторски центар, д-р Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура од Прилеп, Ване Секулов, археолог во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј во Струмица и претставници од Министерството за култура и од Управата за заштита на културното наследство.
Целта е да апелира што е можно побрза промена на Правилникот за археолошки истражувања, донесен во 2005 година (Сл. Весник 111/05), а кој од методолошка страна е веќе одамна застарен и неупотреблив.
– Иако од донесувањето на Законот за заштита на културното наследство во 2004 година се направени повеќе од 15 дополнувања и измени, до сега не е направено ниту едно усогласување на Правилникот кој произлегува од овој закон. Затоа на оваа јавна трибина каде се поканети и претставници од Министерството за култура и од Управата за заштита на културното наследство, колегите археолози ќе имаат можност да ги изнесат проблемите со коишто се соочуваат при реализација на археолошките ископувања, а произлегуваат од овој Правилник – велат од МАД.





