Професори од Шумарски факултет ќе го разеленуваат Скопје

Професори ид Шумарски факултет ќе бидат вклучени во заштита на зеленилото во Скопје, планирањето и подигањето нови зелени површини, засадувањето нови дрвја и заштита на животната средина. Меморандумот за соработка вчера го потпишаа скопската градоначалничка Данела Арсовска и деканот на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, проф. д-р Кирил Сотировски.

Планирано е да се формираат работни групи во кои учествуваат стручни лица од секторите за комунални работи и заштита на животната средина од Град Скопје, од „Паркови и зеленило“ и од Шумарскиот факултет кои ќе работат на проценка на дрвјата во градот.

– Со овој пристап нема да дозволиме да се отстрани ниту едно здраво дрво, а дополнително со соодветна поддршка во форма на трансфер на знаења од факултетот ќе се овозможи новите дрвја да бидат квалитетно и успешно засадени – рече Арсовска.

Документот предвидува Град Скопје и Факултетот да соработуваат при спроведување на проекти во областа на зеленилото и заштита и унапредување на животната средина, вклучувајќи ги следните аспекти:

– урбано зеленило (урбана дендрофлора, проектирање и подигање на зелени површини;
– заштита и одгледување на урбано зеленило и цветни култури;
– проценка на здравствена состојба на растенија, фитопатолошка и ентомолошка заштита, педолошки анализи;
– производство на декоративни садници, парковски инфрастуктурни објекти и елементи);
– вонградско зеленило (планирање, пошумување и одгледување, здравствени аспекти на зеленилото, заштита на шумите и зеленилото, екологија и одржлив развој, заштита на земјиштето од ерозија, уредување на поројни водотеци и рекултивација на копови, депонии и јаловишта со акцент на биолошките аспекти, управување со опасности и ризици од некои природни непогоди, периурбана дендрофлора);
– машини и механизација;
– датабази за зеленилото;
– социоекономски аспекти на зеленилото;
– стратегиска оцена и оцена на влијание врз животната средина;
– теренска и научноистражувачка работа, како и обуки за трансфер на знаења во наведените области.

Насловна фотографија: Град Скопје