„Извор“ – концерт на Филхармонијата во чест на 60 години Музичка младина на Македонија

Оркестарот на Филхармонијата утревечер во 20 часот ќе го изведе концертот насловен „Извор“ посветен на 60 години Музичка младина на Македонија. Диригент е Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат младите инструменталисти Магдалена Дрмач – виолончело, Леонардо Димоски – виолина и Гоце Златев – пијано. На програмата се „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида во форма на валс од Сен Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов.

Леонардо Димоски

Леонардо Димоски е роден 2004 година, во Битола. Музичкото образование го започнува на 6-годишна возраст во Прилеп, во ООМУ „Ордан Михајлоски Оцка“, во класата на проф. Оливера Гемту и ментор проф. Ванчо Стоилков. Oд јануари 2017 година работи под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Во 2023 започнува да студира во Виена со проф. Павел Верников и проф. Кристина Шуклар. Учесник и добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Учествувал на „Виолин фест“ – Скопје, во 2016, 2017, 2018, 2019 и 2023 год. Настапувал во Македонија, Австрија, Србија, Италија… Учесник е на Третата меѓународна конференција „Образование преку граници“ – Битола и на новогодишните хуманитарни концерти на Педагошкиот факултет во Битола. Посетувал семинар по виолина кај доц. м-р Михаило Куфојанакис, проф. Пол Рочек (Австрија), Теди Папаврами (Швајцарија), м-р Владимир Марковиќ (Србија), проф. Рони Шпигел (Швајцарија), проф. Кирил Трусов (Германија), проф. Дмитри Берлински (Русија), проф. Ана Морголетс (Русија), проф. Павел Верников (Украина), проф. Светлана Макарова (Русија).

Магдалена Дрмач

Магдалена Дрмач е родена 2006 година. На осумгодишна возраст почнува да свири виолончело во Основното музичко училиште – ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје, во класата на професорката Александра Јаневска. Во периодот од 2015 до 2023 година учествува на многу натпревари каде што освојува многу први награди. Повеќето од нив се со меѓународен, државен и регионален карактер. Натпреварите се одржале во Република Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Русија и САД. Во 2021 година е лауреат на фестивалот „Отворена Европа“ во Москва. Истата година настапува со Македонската филхармонија, а во 2022 година повторно е избрана и настапува со Македонската филхармонија. Во 2022 година ѝ е доделена наградата за најдобар ученик на гудачкиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Магдалена е лауреат на фестивалот „Полихимнија“ во 2023 година. Настапува и во Рим, Италија како дел од државната делегација во чест на празникот Св. Кирил и Методиј. Присуствува на многу мастерчасови со врвни професори како: Стефан Попов (Обединето Кралство); Гал Фаганел (Словенија); Вида Вујиќ (Австрија); Ерих Оскар Хутер (Австрија); Атанас Крастев (Бугарија); Милутин Младеновиќ (Србија); Александар Кузмановски (Словенија); Милитијадис Касарос (Грција). Била дел од Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски-Ѓумар“ и „Нонет +“, „Ајга“, како и од проектот „Musica un Ponte tra i Popoli“ во Форли, Италија, 2022 година. Магдалена е водечки челист во симфонискиот и камерниот училиштен оркестар.

Гоце Златев

Гоце Златев е роден 2006 година. Основното музичко образование го започнува во Штип на осумгодишна возраст во класата на проф. Гоце Костадинов, а од 2017 година учи во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. д-р Славица Мицовска- Смилевска. Сега е ученик во четврта година – Инструментален отсек – пијано специјал. Во текот на своето музичко образование учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари и добитник е на многу награди, меѓу кои прво место во Словенија; награда „Најголем виртуоз“ во Бугарија; второ место на натпреварот „Шопен“ во Малезија и др. Настапувал со оркестарот „Видин Симфониета“, под диригентство на маестро Петер Димитров во Софија, Бугарија; во 2019 година настапува на два концерта во Париз, Франција; во 2021 и во 2022 година настапува со Македонска филхармонија, под диригентство на Сашо Татарчевски и Дијана Илковска-Имери. Во 2019 година на 13- годишна возраст го одржува првиот солистички рецитал во Скопје, по кој следат девет солистички рецитали од кои три во Скопје, Штип, Велес, Битола, Струмица, Гевгелија и рецитал во Рим. Во текот на школувањето, својата наобразба ја надоградува во соработка со еминентни професори: М. Ѓошевска, С. Трпчески, Ж. Захариева (Бугарија), С. Гаџиев (Словенија, Италија), Шантал Стилиани (Франција), Туту Ајдиноглу, Бертран Жиро (Франција) и други.

Борјан Цанев дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија, Бугарија. Од 1999 година е редовен диригент на Македонската филхармонија, а во 2001 година специјализира на Кралскиот музички колеџ во Лондон, Велика Британија. Посетува мајсторски курсeви и пракса кај диригентите сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а подоцна му асистира на сер Колин Дејвис во Моцартовата опера „Дон Џовани“ во продукција на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Ман“, за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ, а настапува и со Лондонскиот симфониски оркестар во рамките на мајсторскиот курс на Сер Колин Дејвис. Од 1999 година до денес, Цанев остварува бројни концерти со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Македонија и странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска и др.). Во меѓувреме е и главен диригент на камерниот оркестар „Скопски солисти“. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година му носи низа концерти со најреномираниот бугарски симфониски оркестар, а од 2006 година е назначен за редовен гостин-диригент на овој оркестар. Диригира и со ансамблот на Македонската опера и балет, каде ја поставува премиерата на Моцартовата опера „Волшебната флејта“. Покрај овие ансамбли, Цанев настапува и со други симфониски и камерни оркестри меѓу кои: симфонискиот оркестар „Станислав Бинички“ – Белград, „Симфониета“ – Софија, „Синфониета“ при Кралскиот музички колеџ – Лондон, Симфонискиот оркестар при ДМА „Панчо Владигеров“ – Софија, Симфонискиот орекестар при ФМУ – Скопје, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија, ансамблот за современа музика „Алеа“, Задарскиот камерен оркестар и др.

Борјан Цанев има остварено гостувања во Англија, Италија, Франција, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Чешка, Полска, а воедно има направено и трајни снимки за Македонската радио-телевизија, Бугарското национално радио и „F.A.M.E'S – Macedonia“.

Сподели