Изложба со наслов „SKIP AD“ на графичкиот дизајнер Ѓорѓи Десподов синоќа беше отворена во студиото „Приватен принт“ кога беше промовирана и неговата истоимена книга. Станува збор за истражувачки проект на Десподов, преку кој тој ја преосмислува улогата на графичкиот дизајн во насока на алатка за критичко читање. Проектот е поддржан од Фондот „Принц Клаус“ од Амстердам, а изложбата е отворена до 10 декември.
– Целото истражување тргнува од премисата дека графичкиот дизајн денес е најмногу во корист на масовната продукција преку којашто се обликува светот на нашите потреби. Оттука, Десподов создава игрив уметнички метод наречен „Сесија за себепронаоѓање“, составен дел од поширокиот проект „SKIP AD“. И преку овој метод, критички свртен кон масовниот конзумеризам, Десподов ја отвора можноста за сојузништво помеѓу графичкиот дизајнер и корисниците. Графичкиот дизајн користи механизми насочени кон потребите на корисниците; овој проект ги користи истите механизми за да нè насочи кон спознавање на нашите индивидуални и суштински потреби. Па така, овој чин на спознавање, истовремено претставува и чин на отпор, но и можност за создавање на еден нов визуелен свет – велат од „Приватен принт“.
Ѓорѓи Десподов, роден во 1996 година во Прилеп, е мултидисциплинарен дизајнер кој главно работи во полето на визуелните уметности и создава концепти преку широк спектар на дисциплини како што се: графички дизајн, 3Д-визуелизации и илустрации.
– Мојот креативен пристап кон дизајнот е да создадам силен израз на надворешната форма со имплицитен наратив. Во мојата работа често се обидувам да прикажам колекција од обични предмети во необичен контекст, давајќи нови значења на познатите работи – вели Десподов за својата практика.
Изложбата и публикацијата се дел од активностите поддржани од партнерската програма на Фондот „Принц Клаус“, чиј партнер од лани е издавачката куќа за уметнички книги и студио за интердисциплинарни истражувања и практики во современата уметност и графичкиот дизајн, „Приватен принт“.
Како дел од неговите проектни активности е и соработката со млади уметници од различни делови на земјава кои ги поддржува во развојот на уметнички проект преку кој тие ќе бидат претставени на локалната и меѓународната сцена. Целта на програмата е да ги открие локалните специфичности и разлики на нашата културна реалност и да поддржи нови идеи во зародиш. Годинава се работеше на проекти со уметницата Ивана Мирчевска (чијашто практика се заснова на видеото како медиум), со графичкиот дизајнер Ѓорѓи Десподов и со трансдисциплинарната дизајнерка, Клелија Живковиќ со коишто е развиена нова едиција „Future Perspectives“. Во едицијата се објавуваат книги на млади уметници кои покажуваат став кон иднината на уметноста и културата, преобмислувајќи ја на тој начин својата позиција на уметник или културен работник во системот во којшто работат.
(К.Б.)





