Во Градскиот музеј во Крива Паланка вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба на дела од Димитар Стојчевски и ќе биде промовирана монографија за животот и делото на Стојчевски. Автор на монографијата и куратор на изложбата е Гоце Божурски, историчар на уметност.
Ова е дел од настаните со кои Градскиот музеј ја реализира големата акција – мегакултурниот проект „Ноември – месец посветен на Димитар Стојчевски“, првиот академски сликар од Крива Паланка.
– Со организација на четири различни настани – изложби, промоција на публикации и проекција на документарен филм, Музејот и Крива Паланка постхумно се оддолжуваат кон сликарот Стојчевски кој остави големи траги на македонската ликовна сцена, но за жал неговото творештво не беше праведно валоризирано – велат од музејот.
Фото: Ѓорѓи Костовски
На 8 ноември во стариот конак на манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ беше отворена изложбата „Основачот во сенка“ со дела од Стојчевски во збирката на Ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски“ и посветена на авторот како еден од основачите на колонијата заедно со Петар Мазев, Никола Иванов-Балтон и Златко Стефанов. На 22 ноември во Центарот за култура во Крива Паланка беше отворена изложба на дела од Стојчевски во збирката на оваа установа, и се одржа проекција на документарниот филм: „Димитар Стојчевски – првиот академски сликар од Крива Паланка“ во продукција на Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка.
Месецот на Стојчевски, ќе биде заокружен на 30 ноември во големата сала на општината со промоција на публикацијата „Магнет“ како и краток арт филм. Настаните се кофинансирани од Министерството за култура и од Општина Крива Паланка.