Со секоја почит за стекнатото факултетско знаење, но неформалното образование е дефинитивно тоа што ќе нè помрдне во однос на квалитетен и конкретно квалификуван кадар и секако во однос на себереализирање, вели Марија Ристева од Битола, која учествува на Академијата за дигитален маркетинг за девојки/жени од ранливи категории
Јас сум Марија Ристева од Битола, имам 36 години, дипломиран менаџер по туризам и угостителство, моментално вработена во сектор сметководство, со претходно работно искуство во продажба и комерција. Самохрана мајка сум на едно дете од 10 години и како што обично бидува кај нас, последователно сум и борец за подобра сегашност и подобро утре. Вака ја започнуваме приказната посветена на упорните жени кои никогаш не се ограничуваат да научат нешто ново, да го продлабочат своето знаење и вештини, за да реализираат нешто повеќе во животот.

Ристева пред неколку месеци одлучи да им се придружи на уште 19 девојки и жени од ранливи категории кои го прифатија предизвикот да учествуваат на Академијата за дигитални вештини, што ја организира Сеавус Едукативниот и развоен центар, како дел од соработката со Impact Foundation, а е дел од Reconomy програмата.
Предизвиците со кои се соочуваат самохраните родители се истовремено и инспирација за напредок, стремеж за подобрување на сопствените квалификации и секако еден ден – уживање во благодетите од сработеното, вели Марија.
– Поаѓајќи од убедувањето дека сè што ќе научиш еден ден ќе ти користи и никогаш нема да биди залудно потрошено време и труд, мојот темперамент постојано ме турка кон преземање активности за лична надградба и вложување во себеси. Сметам дека работата на себе е единствен влог кој трајно останува за нас и никој нема да ни го одземе во ниедни околности. Живееме во ера на дигитализација и да се биде во чекор со времето и промените е од особена важност како би можеле да одговориме соодветно на околината и случувањата во неа. За Академијата ме информираше другарка која веќе активно работи во ИТ-секторот години наназад (искрена благодарност до неа), ги разгледав условите и веднаш аплицирав. За среќа – бев меѓу избраните и еве неколку месеци веќе сме умни и посветени студенти – вели Ристева.

Таа е уверена дека кога се сака, сè се може.
– Читање книги, следење актуелни настани од политичката сцена, работа со ќерка ми, домашни обврски и задачи, дружби со пријатели, втора работа за остварување дополнителен приход и посета на часовите на Академија, сè е можно ако доволно сакаш. Изговорите се лаги во кои веруваме и кои нè спречуваат да напредуваме – вели Ристева.
Нејзиното претходно аматерско искуство маркетингот со социјалните медиуми било пресудно за да се одлучи да го надградува знаењето од областа на дигиталниот маркетинг.
– Мислам дека имам потенцијал да се преквалификувам во оваа област и да почнам и професионално да дејствувам. Секогаш замислував дека ќе имам работа во која ќе можам да ја користам мојата креативност и талент, веројатно сум на вистинскиот пат да го правам тоа наскоро.
За неа било многу важно програмата што и е понудена да не и биде здодевна, да има содржини што ќе и го задржат вниманието до крај и ќе и ја обноват енергијата – тоа се случува на часовите на Академијата.
– Предавачките се прекрасни девојки, спремни да ги одговараат нашите прашања (некогаш по три пати истите), трпеливи, посветени, безрезервно споделуваат знаење, искуство и информации. Тоа што дополнително мотивира – овие девојки веќе работат во дигиталниот маркетинг и пренесуваат не само теорија и празни беседи, туку сопствено реално работно искуство. Учиме теорија и веднаш потоа правиме вежби – некогаш заедно на часовите, некогаш за домашно, па на крајот на секој модул секоја за себе знае до каде е и дали ја совладала материјата. Имаме слобода да се обраќаме на предавачките за секоја нејаснотија или дополнително прашање и информација и просто невозможно е да не се научи. Сите студентки на Академијата се прекрасни амбициозни жени кои потврдуваат дека само со работа и учење можеме да го направиме поубав својот живот, но и овој свет исто така – вели Ристева.

Таа признава дека на овој начин ја осознала важноста на неформалното образование.
– Чекорејќи низ ходниците на формалното образование, сега јасно ја гледам разликата и придобивките од неформалното. Со секоја почит за стекнатото факултетско знаење, овој тип на едукација е дефинитивно тоа што ќе нè помрдне напред во однос на квалитетен и конкретно квалификуван кадар и секако во однос на себереализација и намалување на личните фрустрации на луѓето кои со години не успеваат да го решат своето вработување. Чувствувам дека одлуката да ја посетувам Академијата на Seavus е една од подобрите во мојот живот – вели Марија.
На прашањето што би им препорачала на девојките/жените во борбата за остварување на своите соништа, Марија вели:
– Секоја промена започнува со донесување одлука. Колку и да се чини тешко и невозможно – донесената одлука е всушност половина пат од целта. Не се плашете да носите одлуки, бидете храбри и решителни, бидете силни пред предизвиците бидете жени! Секогаш е вистинско време за позитивна промена и никогаш не е доцна да се започне нешто сосема ново – надежно и ветувачко. Стравот е една од најлошите емоции, не дозволувајте вашите потенцијали да останат заробени од него. Храбра жена е убава жена, своја, независна, среќна, горда, исправена! Ние сме мајки, сестри, тетки, ние сме пример и треба да се трудиме да бидиме позитивен пример зошто светот на нас останува! – завршува таа.





