Под мотото „Да им дадеме втора шанса на националните вицешампион(к)и“ од денеска до понеделник ќе се одржи Светското првенство во слем-поезија. Македонски претставник е Зоран Хемфри Димоски, соопштија од „Поетри слем – Македонија“. Трите вечери ќе може да се проследат онлајн на официјалната Фејбук страница на „Поетри слем – Македонија“, на Јутјуб и веб-страницата на Светската организација за слем-поезија, со почеток во 22 часот.

Новото Светско првенство на вицешампион(к)и за првпат се организира по иницијатива на Светската организација за слем-поезија, во која членуваат сите земји во светот со активна слем сцена. Од вкупно 48 земји од целиот свет со активна национална слем-сцена, на натпреварот ќе учествуваат 27 земји. Ќе се одржат два полуфинални настапа, денеска и утре, главното финале е во понеделник, на 21 Март – Светскиот ден на поезијата. Во финалето ќе се натпреваруваат десетте најдобри слемери од полуфиналните вечери, а победникот или победничката ќе има можност да настапи и на Светското слем- првенство во септември годинава.

Димоски ќе настапи во второто полуфинале, утре. Тој е вториот македонски слемер кој учествува на ваков настан од светски рамки, додека прва беше слемерката Афродита Николова која се натпреваруваше на Светското- слем првенство во Малме, Шведска во 2016 година.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.